Утрински рафали по веронауката

Реакција по повод написите последниве неколку дена во Утрински весник

 

Пред неколку дена се одржа тркалезна маса во организација на Конрад Аденауер. Темата беше „Меѓурелигискиот дијалог во училиштата – искуства за веронауката во Германија, Македонија и во други европски држави“. Тоа значи дека врз основа на сопствените и искуствата на другите се дискутираше за соодветен модел кој одговара на мулирелигиозното, но и европско милје на Македонија, а не за тоа дали треба или не треба веронаука. Впрочем, тоа прашање за некои медиуми, па и за Утринскиот весник е „апсолвирано“, кој за тоа има кристално јасен став, имајќи предвид дека не дозволил да се појави ниту еден, ама ниту еден единствен напис а да не е со негативен коментар за веронауката. Па, се прашувам, како некој, кој успешно се докажал како водач во антирелигиозната кампања за укинување на веронауката сега сака да биде учесник во, за него сосема непотребна дебата – како да изгледа веронауката, која, нели, не смее да постои! Став мошне чуден за едно демократско општество, каде во името на светиот атеизам најелегантно се кршат основните човекови права поврзани со светоста и религијата.

Во рафалната сериска реакција на ценетото списание, со цел да се држи тензија неколку дена, организаторот е обвинет дека „расправата се одржала зад затворени врати“, иако, чудно - насловот на написот јасно вели дека дебатата била „само за одбрани медиуми“. Ако имало присутни медиуми (во множина, значи повеќе), како тогаш таа дебата може да биде „тајна“? Потоа, бидејќи треба да се најде некоја пикантерија, не се пишува ништо за тоа што е речено на дискусијата или пресот отворен за сите новинари, туку се брои кој сè не е присутен на пресот. Значи, еден претставник од верските заедници нема, па тоа ќе биде главна тема. Само чудно е, зошто нема ниту зборче за тоа што кажал некој од другите важни присутни четворица претставници на другите верски заедници? Не, тие не се доволни, ама се оди за коментар за некој кој не бил таму, а се знае дека е добар плукач по веронауката и верата и црквата и Господ, па така нему му е посветен пола напис. Амин! 

Веќе следниот ден, уште една лага уште во самиот наслов, дека наводно МПЦ е незадоволна од етика во религиите. Колку што мене ми е познато, од верските заедници никој, никогаш и никаде не се изјаснил против. Но, останува прашањето, зошто и во претходниот, па и во сегашниот текст повторно само МПЦ е таргет? Но, да ги набориме сите утрински лаги.

            1) „МПЦ е најзаинтересирана (за веронауката) бидејќи единствено оваа верска заедница не организира веропоука во своите објеакти“. Страшна лага! Само во Скопје, скоро во сите градски, па и во некои селски цркви има редовно веронаука: Билјана е вероучител во Соборниот храм, Надица во Света Петка, Петар во Свети Петар и Павле во Ѓорче Петров, свештениците се грижат за тоа во Св. Архангел Михаил, Свети Димитриј, Свети Ѓорѓи, Свети Никола, па и во селската црква во Драчево има редовна веронаука со постојан вероучител, и за млади и за стари.

             2) „Повеќето учесници биле изненадени од некои делови од дискусијата на Архиепископот Охридски и Македонски г.г.Стефан, како на пример оној дека 95 отсто од православните верници се пријавиле за настава по веронаука“. Лага! Како намерно некои работи погрешно се слушаат, нели? Од учесниците на дебатата дознав дека посочената бројка од 95 отсто јасно се однесувала на основците муслимани (впрочем, мислам дека процентот е и поголем), како и тоа дека над половината од родителите се беа изјасниле за веронаука. Па, ако ова е демократска земја, како тоа да не се почитува гласот на мнозинството кога ги бара своите права, од кои, на прво место е она религиозното?

            3) „Јавна тајна е дека огромен број родители, со име и презиме, со месеци ги изнесуваа своите лични трауми околу притисоците децата да ги запишат на веронаука“. Зарем не би било чесно Утринскиот весник да провери во колку скопски училишта воопшто немаше веронаука?  За верување ли е дека немало ниту еден родител и ниту едно дете од цели училишта кои не сакале да учат веронаука?

Реално согледување дека актуелните закони не оставаат простор за веронауката – од цела централна и јужна Европа тоа може да се прочита во експертските толкувања единствено уште во Албанија, Франција и Словенија. Но, се запрашувам, ако отворено верските заедници заедно со владата бараат начин да се воведе веронауката, кој е тој – таа – тие, кои толку силно и одлучно успеваат двапати да ја урнат, па и понатаму да продолжат со вака силна агитација и бескомпромисна битка против се што има врска со верата и црквата?

Но, слава му на Бога за сè.

 

Славко Бошков