Во нужноста на нашите невешти побуди, кога се будиме за миг, и еве нè, повторно подигнати од прегратка што сонце свето ја одомува, разгорува, сохранува измивајќи и измива сохранувајќи – така се здогледуваме надвор од себеси, можеби и надвор од далечините што мислиме дека им насетуваме траг – во гнездото на твојата закрила, твоето пастирство совечно.

Како да се насликаат висините на благодарноста наша, штом не сме понизни доволно, штом сме љубезни недоволно, храбри неволно, но затоа возљубени до бол, до солза, до воскресение и вечност – од тебе.
Возљубеноста еднаш се јави, еднаш заживеа, еднаш нè крена и препозна, за да се дознаваме бескрајно долго, секогаш како за прв пат и недостојно, никојпат смели дека стигнавме, но секогаш во смелоста на твоето пристигнување, кое го гази чекорот гнил и трча наместо немоќта наша.

Што би раскажал зборот, што листот и перото кое трепери под грешната рака, што би можеле буквите да вдахнат кога се пишани за оној што самиот преку Христа нè вдахна нас, неискусни, та сега да виориме под образот на време ново, простор неоткриен, во пламенот на молитвеноста која нè избавува. Избавени сме, наш учителе – татко на вистината што од вистина живот црпиш, та вода да вкусат и душите новоро¬дени, овие кои со мака и пот пишуваат писмо до тебе, знаејќи дека редовите од него се суво лисје раскинато од ветрот на срцата – тие мали бродови удавени од неутврденото ‘премногу’ и ‘премалку’, што сега бијат кон тебе, сакајќи да прескокнат мисла и красноречивост излишна, но, не можејќи го тоа, бидејќи сираци, повторно на родителството твое духовно се ослонуваат – да им простиш за неучтивоста во оваа писмена исповед, која знаеме, повторно низ зеницата твоја денот ќе го дофати.

  Се исповеда младоста на телата наши, милостињата отсутна што кревкост ѝ насетуваме, некаде блиску, кај што мудроста твоја нè варди, та да се вардиме сега и ние, обременети, кои тајно бреме на леснотија од Духот Божји посакуваме. Но, татко, леснотијата доаѓа после јаремот, после предвкусот на благоста негова – како што нè поучуваш ти, со слово небесно – дека светлината Исусова сал го сведочи мракот во нас, за да дознаеме дека единствено во Него – во Христа сме светлина, и преку патот на оној што е образ негов, начело на изгубените кои низ Тело и Крв треба да бидат собрани.

  Нè собра молитвата што сега ја коленичиме, ја бараме до бол, а оголени во стрв – помогни ни во невреме, учителе наш, но уште повеќе помогни во време погодно, оти тогаш се лажеме дека сè е тивко и ни угодува, а со напаст врела раката твоја ја попаруваме, па затоа целивот вечен на неа ќе ни биде.

Просиме милост, љубов што веќе ни е дадена, оти пресушли¬во е увото во кое созвучија небесни пребиваат – затоа, дај ни со посредство Божјо – извор непресушен, дај ни го и кога веќе си ни дал сè, давај непрестајно, за скаменетоста наша уште поразурната да биде, уште позасрамена, сè дур каллива не постане. Тогаш, најверојатно, низ калта ќе се очистуваме, но далеку е тоа – на близината ѝ исповедаме сега, близина светла што низ огледало се одразува, демони поразува, отрови погазува – близината твоја.

Погази ја и гордоста наша, учителе, на послушност научи нè, кон слобода приведи нè. Чувај ги уште долго душите ни нескротливи, во кроткоста на Духот Свети подавај Го трајно Сушниот Леб, зашто е страшно и мамурно во ова кобно затишие, кај што стапица е дури и самиот скок над неа.

Патот твој нè варди – исповедаат мислите, зашто кај што животот учи, таму смртта поучува, а поведени бевме од смрт во живот, од распаѓање кон совршенство. Оти Свето¬троичниот Бог благоволи срцата наши на исцеление да бидат изнесени, не пред олтарна жртва, ами низ покорност која вика, препелка над житото росно, чие класје е венец на  вечното препознавање.

Така и ние, во Вечниот Домострој, се препознавме низ насмевката твоја, укорлива, но се натажи тогаш срцето круто, штом сфати за безумието на дамнешните си отчукувања. Отчу¬ку¬ва и сега, но во мртвила и слепост сурова; помогни, пасти¬ру, да нè очајуваме, во униние да нè паѓаме, кога потклекнуваме – да се крепиме, зашто младоста е лута, а похотта земна примамлива.

Непровидна е виделината со трн во очите. За да го избистриме погледот, потребно е да ја заматиме водата – сè до изворот што ќе ни ја покаже вистинската чистота. Заматува¬њето е тешко, пече и боли, но затоа ослободува.

  Се надева животот наш дека таквото светило еден ден ќе го оживее него – самиот живот грешен, но евхаристично, не потрошно и истекувач¬ки, не повеќе разминувачки, ами соборно, во светоста на Оној што надвременски нè соединува, давајќи ни безусловно сè во сè, и совршеност низ земен тропот. Тропаат нозете наши, трчат и се рануваат секојдневно, но погледот твој ги пази, успокојува незнајно, без да знаеме – оти кај што почива молитва Божја  – таму е неизглаголив предел за душата човечка.

Неизглаголива е и благодарноста наша, љубовта која неискусно ти ја предаваме. Нека овие редови писмо бидат завет за верноста која ја имаме кон твојот лик, та Богочовекот Христос и Богородица да нè запазат од секоја замка на денешниот век.
Отец... – ти благодариме. Нека дар од вечното благо биде сопатник на душата твоја.
Господи Исусе Христе, по молитвите на Патеводителот наш, очисти ги срцата наши!

Од твоите духовни чеда....

 

Посети: {moshits}