– Тој нив ги убил!
– Ги отепал?
– Не! Им ја убил душата!
– А, значи им го убил 
                 – ИДЕНТИТЕТОТ!!!

Република Македонија, како ниту една европска држава ги има обезбедено правата на малцинските ентитети, а, каков апсурд, се бори за елементарното право на Македонците на свој признат идентитет меѓу народите, и признато име на својата сопствена држава.
 Само затоа што Грција, како земја што во поделбата на Македонија заграбила најголем дел во однос на другите од опкружувањето, ете, се плаши, како клептоман, дека може да дојде во иднината ден, кога ќе треба да го отстапи тој дел на луѓето кои и пред поделбата живееле во неа како во своја вековна земја. Само од овој страв извира „правото” на Грција да го проблематизира името на бившата југословенска Република Македонија. И, за големо чудо, овој „страв” го уважуваат институциите на ЕУ преку свои званични претставници, вршејќи апсурден притосок да се смени името Република Македонија, дозволувајќи и  на Грција, да не прекрстува според своја волја. Во подбенескиот свет ова се нема случено од Рајот до Пеколот, пардон, од Адам до денес!– некој да те принудува да се откажеш од својот идентитет, од својата земја во која почиваат коските на твојот генетски синџир. Јас разбирам што е сила – „сила Бога не моли”. Силата постигнува тоа што сака, не мислејќи дали тоа е добро или лошо, праведно или неправедно, цивилизирано или насилнички. Таквата сила може да ни го смени и името и презимето, и се  да ни смени и измени, креирајќи ни иднина каква што ни замислиле. Тоа го разбирам Ама не разбирам некој да те „советува”, да те „освестува” и да ти кажува што е добро а што не за тебе и твојата земја, односно од „љубов и почит” кон тебе, да те наговара САМИОТ да си смениш се, оти само тоа било добро за тебе...
 И  навистина, убивањето на идентитетот е убивање на душата!
 Ако допуштиш некој да ти го убие идентитетот, а само ти го можеш тоа (да допуштиш од страв или „кар”, сеедно) и никој друг, тогаш си допуштил да ти биде убиена душата. Ти, навистина, ќе продолжиш да живееш,ама не како личност, не како човек со личен интегритет и идентитет, туку повеќе како аветна сенка, или во поново време се употребува – како зомби; ќе бидеш поумрен од твоите покојници, а покојниците твои – поживи од тебе, живиот срам... Револтно повикав кон Господа:

/ГЕН НА ЗАБОРАВОТ/

„Создади нов ген, Господи, /
за нас Македонците /
во кој ќе биде избришана /
и свеста и потсвеста наша. /
душата што си ни ја дал /
веќе е житен амбар /
во кој секое зрно чува ртеж /
од времето наше минато /
што ни го обновува животот. /

Пресоздади н#, Господи, /
да не ни шетаат визии /
на далечни времиња /
кои ни даваат илузија /
дека сме небаре реинкарнирани /
а ние тоа /
само си муабетиме /
со синџирот наш генетски. /

Создади, Господи, ген /
за да пукне алката, /
зашто се  што ни даде – дадовме /
ведејќи глава до земи./
Соголени до глината Адамова,
ни посегаат по душата.
а таа, бидејќи Твоја,
ја чуваме за Тебе, Господи,
зашто нив ќе ги нема
кога ќе дојдеме при Тебе!
 И не го објавив овој лелек, оти сите песни од дамнешната збирка се лелек, за случајно да не се израдува нечестивиот и да си рече: „Ете, гледаш, јас се  можам, а не твојот Бог!, оти нечестивиот може само да ти ја испретури чистата мисла во обратност... И не знам зошто, ама мислата ми отиде на Споменикот на непобедените во Прилеп, каде зедовме заклетва дека ќе издржиме се. Само, тогаш не знаев дека било лошо на нечестивиот да му објавиш отворена војна. Знае ли Македонија? Се разбира, таа има неспоредливо поголемо паметење и од мене?!

 

Авторот е секретар на Архиепископски Црковно-просветен Совет и главен и одговоен уедник на Весник, сл. лист на МПЦ...