Ќерка ми е второ одделение и уште сега ја учам да ги препознава невистините што ги има во учебниците и наставата. Фала Богу што нема веќе марксизам, но многу и од сегашните содржини се непотребни, неточни, неиздржани и само ги оптоваруваат децата
      
Сетики се менуваат методите на настава, содржините, доктрините, дури дотаму што и некомпетентни ликови ги пишуваат учебниците. Некои од овие ликови лично сум ги запознал... Скриени зад името на корицата на книгата, тие дури изгледаат интелигентно, но кога ќе ги запознаеш - се прашуваш дали овој лик треба воопшто да поучува во забавиште, а камоли на факултет. Фасадата на ароганција ги спречува тие самите да бидат подучливи и да се вразумат, па да ги исправат грешките во своето размислување, пишување и настава. А и самите не се толку криви – тие учеле од некој друг, кој порано учел од некој друг - кој учел од некој друг... а, пак, сето тоа било погрешно и никој не се потрудил да утврди дали е тоа вистина.

Конкретен пример има во историјата. Сега не знаеме дали сме Словени, Стари Македонци, Турци, Бугари, Срби или сме мешавина. Во физиката се пронаоѓаат работи што ги предизвикуваат најфундаменталните закони. Но овде сакам најмногу да обрнам внимание на биологијата: Јас, во комунизмот, бев подучуван дека видовите настанале со природна селекција, односно само најјаките преживуваат. Ова е познато како Дарвинова теорија на еволуција. Видовите на организми настануваат со приспособување кон условите од околината, и оние што не се приспособуваат умираат. Така прво настанала амебата, па вирусот, бактеријата, рибата, желката, диносаурусот, па малку разгранување, па настанала лисицата, коњот, врапчето, свињата, овцата, мајмунот! Па овде настанува селекција: мајмунот се развива, еволуира, користи орудија за лов и работа („работата го создала човекот“, кој ли беше комунистот што го измисли тоа? – некој од вас, учени професори, сигурно знае – Ленин ли беше – навистина не знам). Потоа доаѓаат неандерталецот, кромањонецот, Рајко, Трајко... (почитувани професори – простете ако секвенцата на овие ми е погрешна, особено се извинувам ако сум ги измешал Рајко со Трајко). Па потоа доаѓа малку модернизам, па фашизам, па комунизам и од примитивниот мајмун настанала најсовршената форма на мајмун - ЧОВЕКОТ! И такви сé уште ги има помеѓу нас. Нешто слично на Тарзан. И тие се господари на џунглата. Џунгла од политика, образование, лоповлук, корупција.

Ееј, кај отидов јас...?! Назад на еволуција. Сега, со адвентот на науката, особено електронските микроскопи, се гледаат клеточни структури што се совршени. На Гугл гледав документарен филм што тотално ја разбива Дарвиновата теорија на еволуција. Во него врвните научници по биохемија, биолози, филозофи, хемичари дебатираат за неодржливоста на Дарвиновата теорија и на основа на флагелумот (опашката) на една обична бактерија тотално ја оспоруваат. Двајца врвни научници, еден биолог, еден биохемичар, професори на американски универзитети, буквално се каат за нивното претходно учење дека еволуцијата го објаснува настанокот на видовите и се откажуваат од неа. Но нашите наставници и професори сé уште ја предаваат оваа апсурдна и смешна теорија (од која и самиот Дарвин се откажал при крајот на животот). Тој ја измислил оваа теорија набљудувајќи ги животните на Галапагос во еден исклучително долг временски период од ЕДЕН МЕСЕЦ! Што можеш да заклучиш за еден месец? Па жената што спие до тебе 25 години не можеш сосема да си ја научиш!

Во филмот се вели дека огромната комплексност на живиот свет наведува на заклучок дека мора да постои некоја интелигенција што сето тоа го дизајнирала. Единствено политичката коректност не им дозволува да кажат која е таа. Овде се прашувам дали веронауката не е подобро решение од биологијата во школите...?! Но сепак, не. Секоја етничка заедница си има свој бог, па секој нека си учи за него. Само, прашање е дали тој бог е навистина Бог? Дали е бог оној што својот гнев го гаси кога ќе му се принесе јагне или пиле или масло или пешкир како жртва, или е можеби бог оној што сака блудната маса да јаде посно гравче пред портите на црковната зграда (а масата искрено се надева дека нема да дрмне некој гром и да испоубие 7-8 души)...? Или е Бог оној што толку го возљуби светот што го прати Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не погине, туку да има живот вечен...? Зар не е Бог оној што и денеска преку ударите на Својот Син лекува од секаква болест и го извлекува човекот од огнот пеколен, великодушно простувајќи му ги гревовите на секој што верува во Него? Го молам вистинскиот Бог да стане!
Зоран Михајловиќ, лекар