Честопати, за подобро да се разберат духот и сфаќањата на македонскиот народ, се навлегува во неговите традиции и различните форми со кои поуките остануваат во колективната меморија. Во последните дваесетина години како исклучително корисен метод е оној на легендарните „Македонски народни приказни“. Таму се обработени и односите во семејството, итрината, етиката, верата и многу други аспекти од нашето секојдневје. Од многубројните епизоди, деновиве повторно го имавме задоволството да ја проследиме и онаа во која свекрвата, продавајќи си ја душата на ѓаволот, се обидува да ги скара синот и снаата и да го натера синот ја си ја убие сопругата. Во една пригода, нејзините наредбодавци, меѓу другите дадени насоки, посебно и повеќекратно ја потсетуваат на една - да внимава во нејзиниот дом што помалку да се споменува името Господово.

Одвојувањето на црквата од државата е причината за најновата одлука на Уставниот суд. Овој концепт ги има своите корени далеку во минатото, кога Римокатоличката црква и папата директно се мешале во државничките работи, влијаеле на создавањето и исчезнувањето на државите, или на устоличувањето на кралеви и цареви, пред сè во Западна Европа. Во православниот свет, слично е влијанието на Цариградската патријаршија во Византиското Царство. Концептот на немешање на двете инстанци - црквата и државата - се однесува на немешање во изборот на власта, отсуство на контрола врз нејзините потези или на креирање и спроведување на нејзините политики и на непостоење на една официјална државна религија - како што, на пример, постои во Израел и во многу држави од исламскиот свет, но и во Норвешка, Данска, Шведска итн.

Избликот на задоволство што децата нема веќе да бидат учени (по избор на нивните родители, а не присилно!) на сите добри дела е слика за кратковидоста од која страда добар дел од општеството. Се борат од училишните клупи да го избркаат учењето дека во животот не се значајни материјалните богатства, туку духовните, дека треба да се љуби ближниот свој, дека децата треба да си ги почитуваат родителите, да не убиваат, да не крадат, да не сведочат лажно против ближните и многу, многу други упатства, кои, доколку беа изучувани во минатото, денес ќе живеевме во еден, барем малку, различен свет.

Ги слушнавме и советите верата да се врати во црквите. Во кои цркви? Во оние што ги рушеа и против чиешто обновување протестираат? Затоа што, според нив, преку верата на младите им се перел мозокот. Никој не протестира заради тоа што само во најстрогиот центар на Скопје има десет казина (три во ГТЦ, едно безмалку на плоштадот и уште шест во радиус од еден километар). За сличните на нив спортски обложувачници и користа од нив може да посведочи секое семејство. Или за дискотеките што „ги обединуваат“ младите до разденување. Кои вредности и која етика се учат таму? Или коцкањето, дрогата, насилството, порнографијата и промискуитетот не треба да се одвојат од младината? Верата ли е таа што е опасна за нив?

Кого победија уставните судии? Против кого се борат? Кој е нивниот вистински противник? Никој не може да им наштети на Македонците повеќе отколку што можат тие самите. Ниту туѓите војски, ниту соседните пропаганди, ниту економските кризи, ниту војната на цивилизациите, ниту глобалното затоплување. Безброј пати слушаме и повторуваме дека и низ историјата, но и сега, најмногу патиме од самите нас, но тоа прераснува во една празна фраза за чијашто корекција многу малку се презема. Кога ќе се трудиме да ги најдеме причините за распадот на македонското семејство, за истиот број склучени и разведени бракови, за податоците дека повеќе од половина тинејџери употребуваат лесни (а добар дел и тешки) дроги, дека бројот на малолетните деликвенти е во пораст - да се свртиме малку кон себе и кон нашите потези.

Можно е, во сиот налет против верата, да се осуди и (сè уште актуелниот) претседател Црвенковски заради минатогодишното доделување на МПЦ на највисокото државно одликување Орден на Републиката, за нејзините заслуги во минатото и денес. Сите историчари, културни работници, политичари и речиси сите граѓани се согласни дека црквата ја одиграла клучната улога за македонското национално и духовно опстојување и дека токму со нејзината помош сме го зачувале националниот идентитет - придобивки што и денес се изложени на напади. И покрај тоа, деновиве многумина ликуваат за прогонот на христијанското учење од училиштата, за наводно, да ја одвојат црквата од државата. А да ја немаше црквата, ќе ја имаше ли државата?

Во приказната од почетокот, намерите на свекрвата беа разоткриени од синот, и при нејзиното враќање во домот, заедно со снаата, и се спротивставија токму со најсилното оружје од кое стравуваше - прекрстувајќи се и изустувајќи: „Господе, нека се слави името Твое“. На крајот, откако свекрвата исчезна, обајцата со олеснување се помолија: „Господе, прости ни што го заборавивме името Твое“.

Приказната е само приказна. Се прикажува од колено на колено, за да не се заборави. Колку е вистинита и колку е поврзана со нашата реалност - зависи од личната процена на секој од нас.

Авторот е универзитетски доцент

Извор: Нова Македонија