Hristos.Spasuva15

Ни Бог, ни ѓавол
(За неутралната религиозност)
Свештеник Јани Мулев
https://crkvaveles.wordpress.com/.../%d0%bd%d0%b8-%d0%b1.../


Религиозните луѓе кои се поистоветуваат себеси со Православната вера најчесто се делат на две доминантни групи. Првите припаѓаат на компромисната група, тоа се оние кои сакаат да му угодат и на Бог и на ѓаволот, на Бога свеќа, на ѓаволот цигара, ем верници, ем распуштеници, ем со пола град скарани, со расипани меѓучовечки и семејни односи, ем први на причест во Црква. Тоа е феноменот кој го нарекуваме духовна схизофренија, подвоена личност, или кратко кажано, актерска религиозност.
Втората група ја сочинуваат оние кои веруваат, но ѓаволот им го прикажува Бог како плашило, како закана, и тие не сакаат да имаат работа ни со Бог, ни со ѓаволот, мислат дека неутралноста ќе ги избави ем од ѓаволот, ем од „лошиот“ Бог, кој им ја ускратува слободата за грешење. Тоа се луѓето кои се сметаат за православни христијани, а не одат на Литургија, ниту сакаат да постат или да се молат, а имаат интересен став кон Бог и кон верата. Отприлика тоа изгледа вака:
Бог нека си седи таму далеку, нека не ни се меша во животот, ниту ние не му се мешаме Нему.
Ние си веруваме умерено, одиме во црква да си запалиме по некоја свеќичка, и тоа ни е доволно.
Не сакаме да забегаме…
Најпрво, треба да расчистиме уште веднаш, дека не постои неутрално место, ниту неутрална вера. Каде што има светлина, не може да има и темнина. Каде што има темнина, не може истовремено да има и светлина. Истото важи и тука, таму каде што е Бог, не може да биде ѓаволот, а таму каде што не Го сакаме Бог, таму доаѓа неповикан ѓаволот, и станува домаќин во тој дом, или во таа личност. Не постои средина. Затоа во таквите семејства, кои не сакаат да имаат работа со Бог, доаѓа момент кога им се случуваат чудни работи, соништа, домашни проблеми, болести, несреќни случаи, и постојано чувствуваат потреба да се обратат кај свештеник, но немаат храброст да направат одлучен чекор, поради страв и незнаење бараат решение, но без Бог и без обврски.
Додека сме млади, додека имаме мали деца треба да одиме во црква, да Го бараме Господ, и сѐ друго што ни е потребно, ќе го добиеме. Ако во младоста ги решиме овие прашања, тогаш може да очекуваме благословена старост. Ако ги оставиме овие прашања за на старост, тогаш цел живот ќе ги јадеме горчливите плодови на животот без Бог. Бог не е насилник, и на сила не доаѓа кај нас. Од нас зависи дали ќе бидеме со Него или против Него.
Второ, кога луѓето зборуваат за „умерено верување“, тогаш мислат на тоа, дека не мора да постиш, да се молиш, да се исповедаш, или да имаш било каква „религиозна обврска“, туку доволно е по потреба да одиш во црква. Оние кои одат редовно во црква, и се трудат да живеат според православната вера, според првите кои ги спомнав – се забегани, фанатици. А оние кои се рамнодушни, кои водат двоен живот, тие се сметаат себеси за вистински верници. Кога сме кај оваа тема, во умот ми доаѓа една комична сцена, од пред неколку години, кога во црква се јави на телефон една личност од некоја образовна институција, и ни најави дека во црква ќе дојдат неколку одделенија со ученици од основно образование заедно со нивните наставници. Но, на крајот побара да ги пречека некој свештеник, да им одржи некој говор, да им објасни нешто, но тоа да не биде многу религиозно! Милион комбинации ми дојдоа во умот. Што би значело тоа „не многу религиозно“? Свештеникот да ја соблече мантијата и да ги пречека во фудбалски шорцеви, со фудбал во рацете? Да им кажува вицови? Да пее народни и забавни песни? Да жонглира, да голта оган? Списокот нема крај, како што е бескрајна и човечката глупост.
На крај, оној кој се плаши дека ќе забега ако оди во црква, тој само покажува дека веќе има предиспозиции за психичко заболување, или веќе е започнат тој процес. Во црква одиме за да најдеме лек, да се ослободиме од ропството на гревот, да ги преобразуваме нашите страсти, да научиме што значи да се биде нормален, природен и здрав. Токму затоа Бог ни ги дал десетте старозаветни заповеди и двете новозаветни, не за да ни ја ограничи нашата слобода, туку за да бидеме здрави и нормални. Многуте психички болести, разводи, отфрлени деца, самоубиства, масовно раширени пороци, многу несреќни ликови на улица – тоа се само показатели дека сме далеку од Бог, Кој е извор на секоја радост, извор на пожртвувана љубов, извор на светост. Животот во Црквата е живот во љубовна заедница со Бог и со ближните, и тој живот често е тежок, додека, пак, животот без Бог е неподнослив.
На крајот од краиштата, Бог нема потреба ниту од нашите свеќи, ниту од било каков друг дар, па ниту од нас, туку ние имаме потреба од Него. Затоа да го направиме првиот чекор кон Него. Првиот чекор е доаѓањето на Литургија, нашето покајание и исповед кај нашиот свештеник, да започнеме со духовен живот, со градење однос со Бог и со нашите ближни, а другите чекори ќе ги направи Бог за нас.