Искажувањето на различни ставови и мислења е резултат на слободата и карактерот на личноста, но истовремено, таа дарувана слобода не подразбира секој да прави што сака и како сака, да се повикуваме на истата, а потоа да ја наметнуваме на друг заради нашата гордост и суетност

gakon.Goran.A.jpgНема подобро чувство кога за некоја работа постои единство, навистина тоа ја изразува полнотата за нешто кое сме си го поставиле како цел која се реализирала или треба да се реализира. Сигурно кога има единство целта станува дофатлива, полесно се оддолева на искушенијата, а радоста за постигнатото е неизмерна. Ваков момент барем еднаш во животот ни се случил и сме се чувствувале исполнети со радост и сме посакле тоа постојано да се случува, бидејќи лично, но и сите кои со нас учествуваат во тоа се чувствуваат така. Секако дека единството не подразбира и не смее да подразбира пароли, колективизација, унифицираност, наметливост, насилство и отсуство на слобода и отсуство на лично мислење, бидејќи имало, има и ќе има системи кои на таков начин го сфаќаат единството, но тоа е секогаш за краток период, моментот е погоден, работата е привидно завршена, но целта не е остварена, а радоста не е присутна кај сите.

Ако кажам дека единството ни недостасува нема да бидам искрен, но ќе кажам единството многу ни недостасува. Иако за некои работи тоа е однапред определено, сепак практикувањето на дело во многу изостанува. Искажувањето на различни ставови и мислења е резултат на слободата и карактерот на личноста, но истовремено, таа дарувана слобода не подразбира секој да прави што сака и како сака, да се повикуваме на истата, а потоа да ја наметнуваме на друг заради нашата гордост и суетност. Исправно е кога има различни мислења и ставови, но кога ги изложуваме да не забораваме на другите, на ближниот свој, многу подобро би било кога тие ставови ќе послужат за реализација на поголема цел, полезна за сите, а не да служи заради нашата гордост и личен интерес или заради интересот на помал круг на луѓе. На едно свети апостол Павле ќе каже, добро е што понекогаш меѓу вас има разни мислења и расправии, за да се истакнат подостојните, но пазете при тоа да не изедете меѓу себе. Потребно е да има различни мислења, но не е потребно при спротиставувањето на мислењата да си наштетиме толку еден на друг, за потоа да сведочи историјата колку лошо сме поминале, да се оттуѓиме еден од друг со мерката на омразата, а да не се потрудиме ни малку да го прифатиме подоброто по силата на аргументи мислење или став кој ќе не направи единствени, задоволни и да се чувствуваме како победници. Единството втемелено на љубов и почит не изградува како личности и не ја губиме нашата слобода и личност во тоа единство, дури и ако прифатиме подобро мислење и полезен совет кој ќе го следиме, можеме да ја изгубиме само гордоста и суетата која се спротиставува на единството.

За почеток, за да го оствариме единството по било кое прашање треба да го оставиме само личниот интерес кој не дека треба да се запостави, но барем да се потрудиме да го сообразиме на потребите на другите околу нас и за цел чија радост ќе ја почувствуваме сите. Нема веќе потреба да говориме, туку време е да делуваме и сите да се потрудиме на дело да го спроведеме, бидејќи на секој збор можеш да му се спротиставиш со збор, но на делата кој ќе им се спротистави, тие сведочат за нас.

igor.svtihon5.jpg

Нова Македонија 09.09. 2008 година 

Посети: {moshits}