Голем број луѓе (православни и неправославни) деновиве на интернет наидоа на ова YouTube видео на кое е прикажано како еден православен свештеник одбива да покрсти мало девојче затоа што тоа одлучно одговара дека не сака да биде крстено. Малото истражување што го спроведовме околу овој случај ни го даде контекстот во кој се случил овој (барем за семејството, ако не и за Црквата) немил настан.

Имено, високопреподобниот архимандрит Петрос Клиц, настојател на Преображенската катедрална црква во Минхен, го прекинал чинот на огласување на тригодишното девојче, ќерка на грчки иселеници во Германија, и директно го запрашал девојчето: „Дали сакаш да се покрстиш?“, на што девојчето одговорило негативно. „Дали си сигурна?“, повторно ја запрашал отец Петрос, на што таа потврдила. Во тој момент свештенослужителот го направил можеби најсоблазнителниот чекор, го тргнал епитрахилот, на роднините на девојчето им рекол „Ви реков дека ова ќе се случи, не можам да продолжам“, и си заминал кон олтарот, оставајќи ги присутните подзинати од вчудоневиденост.

Роднините, соблазнети и револтирани од овој чин, го поставиле краткиот видео запис на YouTube, а со коментар се огласила и тетката, истовремено и кума на девојчето, кој подоцна истиот го избришала од каналот:

„Би сакала да ги разјаснам работите, бидејќи јас сум кума и тетка на детето. Поради семејни причини, детето не можеше да биде крстено порано. Ја подготвивме за Таинството со едноставни зборови, соодветни за тригодишно дете. Но, таа се исплаши, како што секое дете би можело да се исплаши. Ние мислиме дека додека детето е мало, неговите родители одлучуваат за него. Кога тоа ќе биде во положение да расудува и критички да размислува (секако, не на тригодишна возраст), ќе одлучува само за себе.

Би сакала да ви кажам дека Крштението сепак се случи, со еден друг свештеник, кој се обиде да го успокои детето, и на крајот детето беше толку опуштено, со дури и се фотографираше со него.

Кога свештеникот рече ‘Ви реков, ви објаснив дека нема да можам да продолжам’, тој укажуваше на еден претходен разговор на кој ни кажа дека доколку детето нема да сака да се покрсти, тој нема да го стори тоа. Тој мисли дека тригодишно дете може да расудува и да има мислење.

Ако сметате дека сме во криво само поради тоа што сакаме да ги сочуваме обичаите, адетите, традицијата, и нашата религија, слободно наречете нè како што сакате“.

Архимандритот Петрос, исто така, ја дал и својата верзија на настанот во едно од многуте интервјуа на кои деновиве бил повикан: „Родителите на детето требаше да го водат редовно во црква, со цел детето да се запознае со свештенството, но и Црквата воопшто, за Таинството на Крштението да може да се изведе непречено. Тие упорно го одбиваа тоа. Затоа, јас не можев насилно да го покрстам детето“. На прашањето дали Црквата има учење за барање на согласност од малите деца за нивното крштение, отец Петрос е дециден: „Не, тоа беше мој личен став“.

Гледајќи површно на нештата, би рекле дека свештеникот имал лош ден, или пак воведува некакво си учење кое е спротивно на Преданието во Црквата. Меѓутоа, нашата редакција е едногласна дека проблемот е мошне подлабок и многу повеќеслоен за давање на такви паушални коментари.

Жртва, во било кој случај е детето: доколку отец Петрос и против неговата совест одлучил да го покрсти, детето ќе продолжило да живее надвор од Црквата, како номинална Православна Христијанка, според неговите зборови. Од друга страна, тоа што одбил да го покрсти, создало дополнителна траума врз самото девојче, која, за среќа се надминала со другиот свештеник кој сепак се одлучил да ја покрсти. Главната точка во оваа ситуација е традиционалната религиозност на родителите на девојчето, и изнаоѓањето на модус од страна на Црквата за надминување на овој предизвик, со што е можно помалку духовна и душевна штета. Не помалку важна е и играта на добар полицаец vs. лош полицаец, во која се ставиле и двајцата свештеници, но тоа е друга приказна. И повторно, сите овие калкулации, колку и да ни се чинат добронамерни, го промашуваат темелот на раѓањето „од вода и дух“.

Можеби (?) денес повеќе од било кога е потребна ваква одважност од страна на ревносните свештеници: Крштението не е адет кој треба да се помине (во Македонија, во последниве години Крштението речиси нужно се поврзува со првиот роденден на детето, заради трошоците околу веселбата што следи по Крштението). Крштението не е ниту законско право или обврска која му се товари на секое дете кое потекнува од Православно семејство, ниту пак треба/чинодејствие, една фискално-даночна ставка која на крајот од годината само треба да се искнижи, и толку.

Повеќето од нас се запознаени со долгиот пат низ кој во првите векови огласените требале да поминат, пред да можат да „јадат од сокриената мана, и да добијат бело камче, а на камчето да биде испишано новото име, што никој не го знае, освен оној, што го добива“ (сп. Откровение 2, 17). Ако ли сето ова изгледа како идеализам или утопизам, и ако верата на Отците ја заменивме со литар зејтин и чорапи на икона, тогаш да си седнеме, да си јадеме и пиеме, и да се веселиме со незнабожците, оти умирачка иде!

Уредниците

Извор: АГАПИ