Сестра Макрина

Повод: петицијата што кружи на интернет пред средбата на Кондолиза Рајс и Дора Бакојани

1.
makrina.petica.jpgИмам неколку пријатели коишто живеат на страна, емигрираа во средината на деведесетите, некаде пред самиот крај на минатиот век.
Живеат во западна Европа, посветени на своите професии (кариери), успешни во работата, постигнуваат резултати и пред нив е уште посветла иднина. Еден или двајца се во Америка, некои во Канада, некои на Флорида и во Њујорк. Двајца во Париз, еден во Токио, Лондон. Копенхаген. Професори на универзитети, лекари, економисти, архитекти, врвни специјалисти, посветени на работата.
Повеќето од нив засноваа фамилии, изродија деца, што со наши што со тамошни, важно го продолжија видот; неколкумина, на прагот на петтата деценија се сè уште single. Ги има и такви кои се во брак, но не сакаат да имаат деца, од најразлични причини. Све поштујем. Сите нека се здрави и живи, какви и да се, мои си се, ќе се молам за нив додека ме има.
Со сите нив, еве веќе толку години, не сме зборнале за Мк. Со преќутен договор, Македонија е вешто избегнуваната тема. Нејќат ни да слушнат за било какво враќање. Ако и дојдат заради средување на документи, пасош, лична карта, тоа е како претрчување низ минско поле. Не ретко ниту се јавуваат, барем на кратко да се видиме, да размениме гушки, не, отпосле по и-меил, еј, бев на кратко, ама немав време да се ја..в...ам...
Добро, ако.
И еве веќе толку години ја гледам Македонија со нивни очи. И што гледам?


2.
Ми направија дефрактализација на сон. Во мојата сопствена татковина, немам право да си го заградам дворот, спијам со отворена врата, преку моите очи течат солзите на сите што не го досонуваа сонот, слично како што сега и мојот мозок редовно го носат на плакнење. Иако сум монахиња, ме посетуваат од тајната служба за безбедност и ми отвараат досие како латентен патриот, со неиздефинирана визија. Но колку повеќе приказнава забегува, толку повеќе ме фаќа инает. Македонија не е ѓаволска идеја од која треба да се откажам. И да плукнам во бунарот на моите стари. Нема потреба да се самозапалувам на плоштадот пред несудената црква на Свети Константин и Елена. Ниту да штрајкувам со глад во Табановце или на Богородица или Брисел. Ќе продолжам со единственото што го знам: да ги љубам непријателите. Тоа од мене го бара Христос.


3.
Лето, 2006. Туристичка посета на манастирот во Берово, група од ОБСЕ се интересираат за минатото на градот, историските и културните аспекти на
Османлиското владеење. Им ја раскажувам пикантната приказна за неверојатно брзата изградба на црквата, што траела само 40 дена, бидејќи таков бил договорот со бегот. По презентацијата, седнуваме на кафе во манастирската библиотека. Еден Данец, еден Француз и еден Грк. Општ, неврзан разговор за современите текови во културата, Европската унија, Балканот... Местото на Македонија во општиот метеж.. Гркот во еден миг разгледувајќи ги книгите, забележува:
- Сестро, имате доста грчки книги на полициве (со нескриено задоволство во гласот)... Како тоа?
- Ах, јас сум  х е л е н о ф и л, му велам со исто така нескриено задоволство и неибежна насмевка, повеќе од дипломатска.
- Молам? – Гркот трепка и збунето се врти кон младиот француски пријател (сите зборуваме на англиски, дури и парижанецот)... Французинот повторува – хм, хеленофил, и почнува да објаснува, но не сосема сигурен дека и самиот разбрал.
- Александар бил како мене, и во тоа сме потполно исти, ни го оставил тоа како ген, наследство - љубовта кон грчката култура... Јас себеси не можам да се замислам без Платон, без Хераклит, без ....

Данецот и Французинот во чудо ги разменуваат погледите, а Гркот, сиромашкиот, не може да додржи да ме гледа во очи, оти таму го пресретнува таква смеа, и таква приемчивост за Другиот, што тоа може да го поднесе само вистинската љубов кон непријателот, а не било каква импровизирана времена дипломатија. Наздравје кафето, си заминаа задоволни од едукативната посета. Она што се случуваше под линијата на конвенционалното, секој ќе си го носи како личен впечаток.

 

4.
Самите ние, во нашето сопствено гето, до кога ќе издржиме? Народот е на работ на нервен слом. Не ретко обидувајќи се да наѕрам некоја конспиративна стратегија на која „тие“ веќе на големо работат, и понатаму неуморно праќајќи ги своите мировни мисии откако претходно направиле помала или поголема војна, се сеќавам на моите пријатели од почетокот на приказната. Тие нема да се вратат, дури ни како богати гастербајтери. Добро им е таму, туѓината им станала дом. Дали татковина е место во срцето или место под сонцето? Дали е земја или идеја?


5.
Како и да е, јас сум моите пријатели и се трудам да не ми недостасуваат, туку да го оживотворувам нивното присуство преку тоа каква сум...
И мене, деновиве ми стигна покана да служам во некоја поголема, посигурна, признаена и стабилна црква, од типот на српска, бугарска, руска, грчка... И чувствувам потреба од една ваква декларација, пред мојот народ и пред Господ:
Јас Му служам на Бог, преку Неговата Црква на земјата којашто ја воспоставиле Неговите Апостоли на денот на светата Педесетница, каде и да сум. Според никејскиот симбол на верата.
АЛО?!
Во било која црква и да бидам, мојот национален идентитет нема да се смени. Како што не се менуваат ни другите обележја на идентитетот. Макар да е тоа бојата на очите, или на кожата.
Во Христа овие белези не се менуваат, туку се надминуваат. И во Црквата сите сме едно, зашто СИТЕ сме ги надминале и сме ги прележале детските болести на национализмот, ексклузивноста, фашизмот...
И на сите актуелни и било какви непријатели, коишто работат на агендата да ја снема Македонија од лицето на земјата, им порачувам: ако не се сретнеме овде, во љубовта Христова, ќе се молам да се сретнеме во Царството Небесно, каде што нема да има ....машки пол ни женски...јудејци ни елини...
Дотогаш, ако сакате да подлегнам на вашите политички убедувања, ќе морате да дојдете и до смрт да се борите против мојата љубов.

 

Посети:{moshits}