СВЕТИ ЈОВАН ШАНГАЈСКИ (17) 

 (Продолжение)

vozdvizenie.jpg

ДЕЛ ШЕСТИ

 


БОЖЈИ ЧУДА ПО МОЛИТВИТЕ НА АРХИЕПИСКОП ЈОВАН

 

1. Еден лекар соопштува:
„Мене ми се познати ред оздравувања по молитвите на Високопреосвештениот Владика Јован, бивш Шангајски. Сведоци на овие чудесни излекувања со почит укажуваат на пријатели и познати по адреса на Владиката, во тешки моменти на животот кога никакви земни сили не се во состојба да помогнат, да се обраќаат кон него да се моли пред Господа.
Едно од таквите излекувања се случи неодамна пред мои очи и пред очите на моето семејство. Мојот единаесетгодишен син решил да му помогне на своето другарче, па напишал писмо до Владиката Јован, со молба да се помоли за несреќниот малечок, кој имал тешка болка на едното око. Освен тоа, тој многу кривел, а тоа секогаш му пречело во заедничките игри со децата. Првото радосно оздравување мојот син го кажа дома, велејќи дека на неговото другарче ногата веднаш престанала да му пречи при трчањето, така тој се изразил, и дека тоа го забележале и другите деца.
Ние со жена ми често го гледавме тоа дете и обрнавме внимание, забележувајќи дека тоа стана многу жизнерадосно и подвижно. Но, какво беше моето изненадување кога во случаен разговор со двајца американски лекари, познавајќи го ова дете од пред 3-4 години, го изразија своето зачудување по повод на брзото и неочекуваното исчезнување на големата болка од неговото око без медицинска интервенција. Невозможно е со зборови да се изрази она чувство, кое што се доживува при ваков вид јавно чудо!"
Доктор по медицина Л. Цибрук

----------------
2. Една госпоѓа кога била мала со своите во Африка, се разболела од менингитис и од детска парализа. Ја однеле во болница, зашто нозете й биле одземени. Лекарите изјавиле дека веројатноста е мала таа да преживее, но ако и остане жива, ќе биде ненормална.
Татко й бил силно потресен. Кога тој требало да оди во Франција по друга своја работа, решил да го посети Владиката Јован и да го помоли за негрва молитвена помош. Тогаш Владиката бил во Париз.... Ветил дека ќе се моли. По 2-3 седмици на ќерката й било подобро и ја отпуштиле од болница здрава. На излегување таа му заблагодарила на главниот лекар, а тој тогаш й рекол: „Не благодарете ми мене, а само на Бога, зашто само Он Ви помогна во Вашата болест, а не јас и медицината".
Отпосле, бившата болна и нејзините родители се преселиле во Америка. Кога дознала дека Владиката се наоѓа во Синодот, во Њујорк, решила да отиде и да му заблагодари. Порано таа не го знаела и никогаш не го видела. Чула дека овој Владика не дозволува да се црват усните, па почнала да го брише црвилото. Се качувала по скалите и одеднаш наишол Владика, па таа помислила дека е тој и пришла за благослов. Тој ја благословил и й рекол: „Здравствуј Ана!" Таа рекла: „Владико свети, како Вие ме знаете кога никогаш не сте ме виделе?" Владиката одговорил: „Вие личите на својот татко". „Дојдов да Ви заблагодарам Вам на молитвите со што ми помогнавте да се излечам од тешката болест". Јас се молев за Вас седум дена, а Вие сте ги нацрвиле усните и сте се обиделе да ги избришете, ама не сте успеале сосем". Неа ова ја изненадило и молчејќи наведнала глава смирено.
----------------
3. Госпоѓата Прибиловскаја многу се туфкала и плачела за својот сопруг кога лекарите му одредиле итна операција. Таа спроти денот на операцијата отишла кај Владиката. Двајцата тргнале и дошле во болницата и тој долго се молел над болниот.
Утредента лекар наредил да го довезат болниот во операционата сала. Тука хирургот го прегледал болниот и рекол дека Прибиловски е здрав, отокот кај него исчезнал и затоа не треба операција да се прави. Лекарите го прашале болниот: Што се случило со него? Тој одговорил дека кај него дошол Архи¬епископ Јован и долго се молел над него. Лекарите рекле дека тоа Бог го излекувал. Ова се случило во Сан Франциско. Госпоѓата Прибиловскаја и мажот й биле здрави и двајцата работеле, вели на крајот известувачот.
----------------
4. Болничарка й кажувала на една госпоѓа што се случило во болницата кога таа била сама дежурна: Во три часот по полноќ ја повикал тешко болен и ја молел веднаш да телефонира на Владиката Јован да дојде да го причести, зашто му било многу тешко и чувствувал дека ќе умре. Ноќта била страшна; силниот тајфун и дрвја уривал. Сестрата му одговорила дека не може да му ја исполни желбата затоа што телефонот не работи, а таа да отиде да го повика не може, зашто сама дежура и не смее да ја напушти болницата. Болниот бил многу вознемирен и повторувал дека сега му е потребно да го види Владиката. Сестрата му ветила дека во шест часот ќе добие замена и тогаш ќе отиде да го повика бараниот Владика.
Одеднаш, по 30-40 минути се чуло силно тропање на надворешната врата. Дремливиот чувар прашал: „Кој е таму? Што Ви треба?" „Отворете ми, јас сум, Владика Јован. Повикан сум, тука ме чекаат". -Гласел одговорот. Чуварот му отворил. Владиката побрзал низ дворот и кога ја видел сестрата, што му ја отворила внатрешната врата, ја прашал: „Каде е тешко болниот, кој мене што ме чека? Одведете ме кај него!"
Известувајќи го ова, госпоѓата на крајот истакнува дека таа имала можност да прочита и за други слични чудесни оздравувања, како и за прозорливоста на покојниот Владика Јован, па затоа решила да го опише и овој случај. „За чудење е, како тој ги почувствувал и чул мислите и потребностите на тешко болниот човек, па во длабоката ноќ, при силен дожд и ужасен ветар, пеш да тргне и да се одѕве на тој повик!? Без сомневање, овој настан е уште еден нов факт, кој сведочи за прозорливоста на Владиката Јован" - заклучува на крајот госпоѓата.
----------------

5. Виктор Шакалов, бивш член на Парохискиот совет при Соборниот храм во Сан Франциско, раскажува за чудо, извршено по молитвите на Архиепископ Јован. Неговиот син Димитриј, на две и полгодишна возраст тешко се разболел и го однеле во болница. Докторите констатирале дека е во прашање инфекција на дишните органи и дека таа се раширила, па затоа малечкиот има големи маки. Лекарите признале дека во случајов тие се немоќни и затоа само молитвата можела да помогне. По ова, таткото веднаш телефонирал во Сиропиталиштето - Свети Тихон Задонски и го побарал Владиката Јован. Му рекле дека Архијереот служи и не може да дојде да разговараат. Тогаш родителот тргнал од Болницата и кога стигнал во сиропиталиштето, Владиката бил на заседание со Парохискиот совет. Штом го видел Виктора, тој станал, ја клал раката на неговото рамо и му рекол: „Викторе, оди дома, јас се молев". Шака¬лов без збор го послушал. (Пред ова, тој и други помолил да се молат за спас на неговиот син!).
Наредниот ден, тој рано отишол во Болница и лекарите го пресретнале со радосни лица. Тие му рекле дека станало чудо, за нив необјасниво. Малечкиот почнал слободно да диши; по 3-4 дена си го земале дома синот сосем оздравен.
На своја четиригодишна возраст малечкиот Димитриј и татко му биле во црква, каде што служел Владиката Јован. Кога го здогледал малиот, љубезниот Архијереј го повикал, велејќи: „Дима, Дима, дојди тука и држи го жезолов!" Па така, Дима го држел Владиковиот жезол за време на Богослужбата до крај.
„Што и да зборуваат за Владиката Јован, но јас сум убеден дека во прв ред по молитвите негови мојот син беше спасен од смрт" - најпосле му рекол Шакалов на оној, на кого му раскажувал за чудото.
----------------

6. Људмила Садковскаја паднала од коњ и со главата удрила во камен. Во бессознание била пренесена во болница. Се собрал конзилиум од неколку лекари и тие констатирале дека положбата била безнадежна; прашање било дали таа ќе остане жива до утре. Пулсот на болната изневерил и под ножот ќе умрела, а и да издржи срцето да се изврши операција, сепак несреќната ќе останела глува, нема и слепа, заклучиле лекарите.
Родената й сестра го слушала ова, па онака очајна со плачење отрчала кај Владиката Јован и почнала да го моли сестра й да ја спаси. Тој се согласил заедно да отидат во болница. Кога стигнале, Владиката помолил сите да излезат од собата и почнал да се моли на Бога цели два часа. Потоа, го повикал главниот лекар и го замолил да ја прегледа болната. Големо изненадување било за овој кога констатирал дека пулсот на болната бил како кај нормално здрав човек. Тогаш тој се согласил да се изврши операција, само во присуство на Архиепископ Јован.
Операцијата била успешна. Отпосле, лекарите биле многу изненадени кога болната дошла при свест и побарала да пие.
Таа е жива и досега - зборува, гледа и слуша, вели на крајот оној, кој што го соопштува овој случај.
Потпис - М. С. М.
----------------
7. Мојот сопруг падна во автомобилска несреќа и многу страдаше. Во тоа време Владиката (Јован) имаше големи непријатности. Знаејќи ја силата на неговата молитва, размислував: да е повикан овој Владика кај мажот ми, ќе му се подобреше положбата, но се плашев тоа да го направам во времето на Владиковата презафатеност.
Поминаа два дена, туку одеднаш ете го Владиката кај нас, во придружба на Б. Т., кој го довезе. Останаа кај нас само пет минути, но јас верував дека на мажот ми ќе му биде подобро. Тие беа во најтешкиот момент од состојбата на неговото здравје, но по посе¬тата на Владиката, кај него настана прелом во здравјето, тој почна да се поправа и поживеа уште четири години, иако беше во понапредна возраст.
Отпосле го сретнав господинот Б. Т. на едно Црковно собрание и тој ми кажа дека тогаш го возел Владиката за на аеродром. Неочекувано, Владиката Јован му рекол: „Одиме кај семејството Л." На ова тој му одговорил дека ќе задоцнат за аеропланот и затоа не може во моментот да се враќа. Тогаш Владиката му рекол: „Можете ли Вие да го земете на себе животот на човекот?" Немало што да се прави, тој се вратил и дошле кај нив. Сепак, заради Владиката аеропланот бил задржан, чекајќи го него.
Л. А. Л

 (Продолжува)

Подготви: Стојанка Тежак

vozdvizenie.jpg

Борис Кр. Бошковски
СВЕТИ ЈОВАН ШАНГАЈСКИ
(1896. - 1966.)
Животот, дејноста и чудесата на Свети Јован (Максимович), Скопје 2001

Со благослов на Неговото Блаженство Архиепископ Охридски и Македонски г. г. Стефан

Издава
Свети Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква

 СВЕТИ ЈОВАН ШАНГАЈСКИ (6)

СВЕТИ ЈОВАН ШАНГАЈСКИ (5)

СВЕТИ ЈОВАН ШАНГАЈСКИ (4)

СВЕТИ ЈОВАН ШАНГАЈСКИ (3)

СВЕТИ ЈОВАН ШАНГАЈСКИ (2)

СВЕТИ ЈОВАН ШАНГАЈСКИ (1)

СВЕТИ ЈОВАН ШАНГАЈСКИ (12)

 СВЕТИ ЈОВАН ШАНГАЈСКИ (13)