Vecerna.Ksenija.jpg

4. ДИДИМ

Тогаш во Александриската црква имаше многу свети луѓе и жени, усовршени и достојни да ја наследат земјата на кротките. Меѓу нив припаѓа и блажениот писател Дидим Слепиот. Јас го имав видено четири пати, посетувајќи го во интервали во текот на десет години. Кога почина, тој имаше осумдесет и пет години. Како што ми раскажуваше самиот, ослепел во својата четврта година; писменост немаше учено, ниту, пак, одел во училиште, бидејќи тој имаше природен учител: својата сопствена, многу развиена, совест. Тој себеси се украси со таква благодат на духовно знаење, што на него, како што е кажано, се исполни напишаното: Господ им ги отвора очите на слепите (Псалм 145, 8). Тој од збор до збор го знаеше и Стариот и Новиот завет, а догматите ги изучуваше толку грижливо, а нивното учење го изложуваше целосно и темелно, така што сите старци ги надмина со знаењето.
Еднаш кога тој се обиде да ме убеди да извршам молитва во неговиот дом, а јас не сакав, тој ми го раскажа следното: оо оваа ќелија три пати влегуваше блажениот Антониј да ме посети, и кога јас му предложував да ја изврши молитвата, тој веднаш клекнуваше во оваа ќелија, не чекајќи да го повторам својот предлог, и така на дело ме учеше на послушание. Така и ти, ако сакаш да одиш по трагите на неговиот живот, бидејќи си монах и живееш во туѓина поради здобивање на добродетели, тогаш отфрли го секое честољубие".
Тој ми го раскажа и следново: "Кога еден ден размислував за животот на сиротиот Јулијан, како гонител, мене ми беше толку тешко од тие мисли, што ништо не вкусив се до доцна вечерта. И дури седев на клупата, задремав и во екстаза видов јавачи како јаваат на бели коњи и викаат: ,Кажете му на Дидим, денес во седум часот почина Јулијан; стани и јади, и за ова да го известиш епископот Атанасиј, за да знае и тој'. Јас ги забележав, ми рече Дидим, часот и денот, неделата и месецот, и излезе дека е точно".

5. АЛЕКСАНДРА

Ми раскажуваше писателот Дидим за една слугинка по име Александра. Откако го напуштила градот, таа се затворила во една гробница и се што и било потребно за живот, го добивала преку едно отворче. Така, таа не видела ниту машко ниту женско лице речиси десет години. Десеттата година оваа блажена се упокои, подготвувајќи се себеси за закопот. Жената која доаѓала кај неа, кога дошла како и обично, не добила одговор од неа, и таа не извести. Ние отидовме таму, ја скршивме вратата на гробницата и влегувајќи ја најдовме упокоена.
За неа ни раскажуваше триблажената Меланија Римјанката (за која ќе зборувам понатаму): "Јас никогаш не можев да ја видам оваа блажена лице во лице, туку стоејќи крај отворот јас ја молев да ми ја каже причината поради која го напуштила градот и се затворила во гробницата. Таа ми одговори преку отворот: "Еден човек лудуваше по мене и за да не го нажалам ниту повредам, јас подобро се решив себеси жива да се затворам во оваа гробница, отколку да ја соблазнам душата, создадена по лик Божји". И кога и реков: ,А како ти, Христова слугинко, поднесуваш никого да не видиш, туку самата војуваш против униние и помислите?', таа ми одговори: Уште рано наутро па се до три часот по пладне јас поминувам во молитва, а по некое време предам лен; во текот на останатите часови размислувам за верата на светите отци и патријарси, и за подвизите на блажените апостоли, пророци и маченици. Кога, пак, ќе настапи вечерта најнапред му принесувам славословие на мојот Господ, па каснувам парче леб, а целата ноќ ја поминувам во молитва, очекувајќи го мојот крај, кога со блага надеж ќе се ослободам од овој свет и ќе се јавам пред лицето Христово".
Во моево раскажување не ќе ги пропуштам ниту оние кои имајќи изглед на побожност, живееја во гордост, за да можам да ги пофалам оние кои се усовршиле во добродетелта, и да ги зацврстам во претпазливост своите читатели.

 

Издавач:

ЃаконијА

Скопје, 2002

Главен и одговорен уредник: Митрополит Брегалнички г. Агатангел

Преведе: ѓакон Игор Никовски

vozdvizenie.jpg