(06.07.2009)


Во писмо испратено до редакцијата на Православие.бг, Митрополитот на САД, Канада и Австралија Јосиф јавно го објави своето решение дека поднесе оставка од служењето заради откривање од страна на него самиот на фактите од неговото досие во архивата на бившата Државна безбедност. Го објавуваме целиот текст на писмото:

Драги пријатели во Господ,

На прес-конференцијата во Рилскиот манастир за време на Шестиот црковен собор минатата година јавно ја направив следната драматична исповед: „Ако докажат дека сум бил агент, ќе поднесам оставка.“

Во мојата исповед „Простете, бугарски народе“, јас самиот се прашував: „Сум или не сум агент?“ Силвија Николова во коментарите под текстот ми помогна најмногу, како што рече таа, дека нема зошто да се прашувам – има закон, според којшто можам да го проверам тоа. Ѝ благодарам!

Така, при првата можност, на крајот на минатата година поднесов молба и во јуни оваа година добив дозвола да си го прочитам досието.

Еве го резултатот: Да. Според извештаите на специјалистот Котов, којшто ме обработувал и врбувал, јас сум сметан за „агент Николов“ од крајот на 1980 до почетокот на 1988 година. Имаше две папки – едната којашто содржи податоци против мене и моето служење како протосингел во Софија до 1980 година, а другата, на „агент Николов“ – мои извештаи до Неговата Светост и Светиот Синод како администратор на Акронската епархија.

Со специјална заповед на почетокот на 1988 година сум тргнат од набљудување.

И така, повторно молам за прошка – што сум сметан за „агент Николов“ – не по моја молба, но заради мојата слабост за нешто што никогаш не сум го сфатил сериозно во моето служење...

Видов и неколку сметки од по неколку лева – направени трошоци за частење и подарочиња за време на врбувањето.

Отец јеромонах Јоан во коментарниот дел на сајтот смета дека „нема потреба од оставка“, туку да работам за „народот Божји“ со „вистинско покајание“. Иако во духот на даденото верување, макар и да сметам дека не сум работел против Божјиот народ, јас сепак поднесов оставка. Тоа нека не се смета за бегство. Јас самиот си открив дека сум бил сметан за „агент Николов“ без мое знаење толку години и затоа сметам дека имам морално право да го напуштам своето служење за доброто на нашето црковно дело во нашата Епархија во САД, Канада и Австралија.

Со љубов во Господ,

Митрополит Јосиф

Во понеделникот на 29 јуни Митрополитот неочекувано замина за Њујорк, поднесе оставка како што изгледа – конечно. Загубата ќе биде голема за неговата епархија, за православните христијани во Бугарија, за Светиот Синод, за целата Бугарска Православна Црква.

Извор: Православие.бг

 

Преземено од : МПЦ