23 август/5 септември 2017 лето Господово    

Извор: Православие.ру

„Доколку се гради без Бога, ништо не бива од тоа – ниту во личниот живот, ни во семејниот, општествениот, државниот, вселенскиот“, истакна Светејшиот Патријарх Кирил во својата проповед после Литургијата во храмот на Тројцата светители, на 4 септември во Москва.

„Би се рекло, дека е многу едноставно сите водачи на државите и Владите да се соберат и да усвојат некакви јасни правила, што треба, а што не смее за да се спаси светот. Но тоа не се случува, бидејќи не е избран вистинскиот аголен камен, затоа што во основата е човечкиот грев, којшто го урива и личниот и општествениот и планетарниот живот“, истакна Претстојателот.

„Доколку човекот вистински верува во Бога – не на ниво на фолклор, не по навика, туку разумно, тогаш тој треба многу сериозно да го прими кажаново и да го положи во својство на аголен камен на својот живот, Христа, Неговите заповеди, Неговиот закон. Секако, секој греши, секој прави престапи, но најважното е да се постави тој камен. Впрочем, ѕидовите на зданието можат да бидат и несовршени, но доколку темелот е поставен правилно зданието ќе издржи дури и земјотрес. Ете така е и во нашиот живот. Го полагаме темелот правилно, го градиме животот, но не секогаш како што треба, отстапуваме поради разните видови на искушенија и соблазни. Но сепак, доколку темелот е положен правилно, на крајот на краиштата сѐ ќе остане на своите места, затоа што Господ пребива со оние коишто го устројуваат животот врз основа на Неговото слово, на Неговите заповеди. И да ни помогне Господ на сите нас да ги слушнеме прекрасните зборови на Неговата евангелска приказна и никогаш да не забораваме дека зданието ќе биде правилно и ќе го издржи тестот на времето само тогаш, кога во неговиот темел е Самиот Христос“, заклучи Светејшиот Патријарх Кирил.