Утринава, во 5 часот и 15 минути, Грчката православна црква и сите верни поднесоа тешка загуба – на 69-годишна возраст се упокои архиепископот на Атина и на цела Грција Христодул.
После два часа телото на главата на грчката црква беше однесено во болницата “Лајко носокомио“ (народна болница) заради утврдување на причините за смртта. После завршувањето на неопходните процедури, телото на покојниот архиепископ ќе биде пренесено во параклисот на катедралниот атински храм на ул. “Митрополеос“, заради тридневно сенародно поклонение.
Како што веќе беше соопштено од грчките власти, погребението на грчкиот архиепископ Христодул ќе биде со највисоки државни почести во првото атинско гробиште. Националните знамиња ќе бидат спуштени на половина копје во знак на жалост. Денот на погребението ќе биде неработен ден, вклучувајќи ги и училиштата.
Во  јуни минатата година на архиепископот Христодул му беше поставена дијагноза – рак на црниот дроб; есента беше најден орган од донатор и во онколошката клиника во Мајами беше извршена операција за трансплантација на црниот дроб. Но, за жал во организмот на архиепископот Христодул беа откриени метастази и операцијата немаше смисла.
Архиепископот се врати во Грција и последните месеци од својот живот ги помина дома, во тивкиот и спокоен реон на Атина, Нео Психико. До последен момент тој цврсто се бореше со болеста и колку што му дозволуваа силите на организмот, водеше интензивен живот, примаше политичари и црковни служители од целиот свет.
Во 14 часот ќе се одржи вонредно заседание на Светиот Синод на Грчката православна црква под претседателство на митрополитот на Карастија Серафим, бидејќи постарите од него по чин митрополити на Лангада и Кукуш нема да можат да присуствуваат на синодската седница заради болест.
Постапката за избор на нов архиепископ треба да започне за дваесетина дена.

Подготви: М.З. 

 

Посети:{moshits}