РАБОТАТА Е БЛАГОСЛОВ

 - Некогаш зборувале: „Подобро да ги излижеш ѓоновите, отколку да ги искинеш покривките.“ Што сакале, старче, со тоа да кажат?
 - Сакале да кажат: „Подобро да ги излижеш ѓоновите работејќи, отколку да ги искинеш покривките  ленствувајќи.“ Работата е благослов, работата е дар Божји. Му дава живост на телото, свежина на умот. Ако Бог не му ја подарил работата на човекот, тој би мувлисал.

 Оние кои се вредни, ниту во староста не престануваат да работат. Ако престанат да работат, иако уште имаат сила, ќе ги снајде меланхолија. Тоа за нив е смрт. Се сеќавам на еден стар човек, во Коника, кој имаше речиси деведесет години, а работеше без прекин. На крај умре на нива, на два саати одење од куќата.

 Инаку, и оној, таканаречениот телесен (активен) одмор, кој многумина го бараат, не е ништо особено. Тако ја забораваат тескобата. Имаат храна, слатки, капење, одмарање. Но, штом сето тоа ќе заврши, бараат друг одмор. Така непрестајно се потиштени, зашто секогаш нешто им недостасува: чувствуваат некаква празнина, а нивната душа бара исполнување. Меѓутоа, оној што се заморува на работа, може да има непрестајна радост, духовна радост.

 - Но, старче, ако имаш болен крст, не можеш да ја работиш секоја работа.
 - Добро, не му треба ли и на крстот малку вежба?

 Зарем некоја работа, која е како вежбање за крстот, нема да биде од помош ?
 Слушај, ќе ти кажам: ако некој јаде, пие и спие, а не работи, некако се "рашрафува" и само го тера на спиење, затоа што неговото тело и нервите  се  опуштаат. Полека доаѓа дотаму што ниту може нешто да работи. Малку ќе пооди, па нешто ќе го пресече. Од друга страна, ако малку поработи и се движи, ги јакне и нозете и рацете. Гледаш, оние кои сакаат да работат, не спијат многу или од замор можеби воопшто не можат да спијат, но имаат сила, зашто низ работата се калат и телесно јакнат.

 Работата претставува здравје, особено за младиот човек. Сум забележал дека некои разгалени момчиња се зацврстуваат кога ќе појдат во војска. Војската им прави добро.  Се разбира, во повеќето случаи така било некогаш. Денес се плашат да бидат строги со војниците, зашто само ако малку мораат да се помачат, веднаш сечат вени, доживуваат нервен слом... Јас им говорам на родителите да платат некому и да ги пратат своите деца кај него да работат, за да бидат здрави - доволно е да работат некоја работа што им се допаѓа. - Зашто, момче полно со живост и енергија, има и памет, па ако не работи, станува мрзливец. Но кога ќе ги види другите како напредуваат, во него расте егоизмот и со ништо не е задоволен. Непрестајно има помисли, а разумот му се поматува.

 Потоа ќе дојде ѓаволот, па му вели: "Еј ти, изгубен, колку си само заостанат! Оној станал професор, друг има своја работа и заработува пари, а ти, каде ти ќе завршиш?" и така го фрла во очајание. Но, ако почне да работи, ќе стекне доверба во себе, во добрата смисла на тој збор. Ќе види дека и тој може да излезе на крај со работата и ќе се ослободи од помислите. Така, од тоа се раѓаат две добра.

Подготви : Мирјана Даниловска- Мина