Затоа што тоа ги предизвикува основите на ропството и страдањето, а не нивните атрибути.


 Зошто монаштвото е бунт? Затоа што тоа ги предизвикува основите на ропството и страдањето, а не на нивните атрибути. Луѓето – се робови што страдаат. Тие се бунтуваат против ропството, а од страдањето – бегаат. Но ропството умеело да ја промени формата, не менувајќи ја суштината. Страдањето го фаќа човекот без труд. Основите пак на ропството и страдањето се – самољубие, славољубие, сластољубие. Плодови на паднатата природа, намножени ларви на гревопаднатоста.

Најнапред ларви, а потоа и китови запливаа по сесветската тага на Земниот град на спротивната страна од Небесниот Ерусалим. Кој не ги препознал овие непријатели (самољубие, славољубие, сластољубие) и посакува да се избори за среќа, тој е слепец раскинат од внатрешните противречности. Осврнете се кон познатите светски револуции. Секаде во нив ќе забележите грст подлеци и мала армија од измамени глупаци. Првите, на плеќите од вторите секогаш ќе се пентарат на планината за да го обезбедат за себе сопствениот трон и на прелажаното стадо да му наплатат со најтешка тиранија без преседан. Ќе забележите игра на ниски инстикти: завист, жед за крвопролевање, пијанство од седопустливост. Ќе видите волци во овча кожа и смокинзи на површината од таа кожа. Ќе видите цели стада овчички коишто копнеат, исто така, да станат волци. Монахот го гледа сето тоа, и затоа тој не е таму. Тој не може никого да разубеди, но затоа може да одмавне со рака и да се оддалечи. Знаете ли дека оваа единка што се оддалечува му нанесува на мрачниот непријател неиздржлива навреда иако во рацете на овој непријател се наоѓаат милиони демони?

Во светот којшто сме навикнале да го нарекуваме цивилизиран (во што и се состои грешката, со самото тоа што има многу цивилизации, а нам ни наметнале дека таа е една и дека е универзална) постојат неколку символи здобиени по наследство. Денес тоа се знакот на парите, технолошкиот пронајдок и девојка во костум за капење на хауба од автомобилот. Но, се работи за нов каприц на времето. А некогаш имало древни символи достојни за внимание.

Како прво – книгата. Зашто цивилизацијата е интелигентна и со тоа се гордее. Потоа – очите. Тоа дури не е и Севидечкото око во рамностраниот триаголник, туку човечките очи како најблескотна потврда на личноста со свест. Не мртва природа и пејсаж, туку исцрпувачки портрет што го изразува развојот на цивилизацијата којашто некогаш била заинтересирана за Личноста. Висечки портрети по ѕидовите на безбројните музеи и изложби, портрети ѕиркајќи нè од далечното „вчера“ – тоа е символот на цивилизацијата којашто ја интересира личноста. Па цивилизацијата некогаш ја љубела личноста, се борела за неа и нејзините права, за неа се беспокоела. Денес сето тоа се претвори во реторика и димна завеса, а суштината на цивилизацијата стана поробување на личноста и изострување на измачувањето врз неа.

 Како своевиден символ на цивилизацијата може да се нарече – раката, поточно, зглобот на човековата рака. Тоа е восхитувачки умешен орган, вешт и силен со број на прсти коишто потсетуваат на бројот на раните на Телото на Спасителот. Рака што меси тесто; рака со сликарска палета или со компас; рака со четка или рака врз машина за пишување. Токму таа човечка рака, силна и умешна, посегнува кон Бога на една од најпознатите фрески. Кон неа и Он ја посегнува Својата рака во одговор. Таков символ сме наследиле од уметниците на изминатите векови. Навистина и на тој символ рекламите му ја испија крвта, и она што порано го символизирал взаемниот стремеж на Бога и човекот, денес ја символизира привремената гласовна врска помеѓу луѓето со помош на мобилниот оператор.

Постојат древни символи на цивилизацијата: книга, очи, рака.
 Сето тоа го има монахот.

Книга, очи рака. Сето тоа го има монахот. Тој не може ниту смее, нема право да живее без книги и труд. Затоа неговите очи се така убави. Тоа се длабоки и убави очи. Во нив е болката на личните порази и радоста на Христовата победа. Во нив е она богатство на затскриениот живот коешто е така тешко да заискри во згаснатите очи на уморниот современик, во краткотрајниот блесок во очите на телевизискиот херој или политичкиот претставник на златниот милијардер. Едните ја изгониле душата, другите ја продале, и затоа им се потребни очила за заштита од сонце или контактни леќи.

Трудот и знаењето се достојни за почит. Паразитизмот и непрекинливата потрага по задоволства се достојни за презир. Држете се за првото и бегајте од второто. Тесните патчиња на потрагата или патиштата на бегството порано или подоцна ќе ве доведат пред вратите на христијанскиот манастир. Вие таму ќе се чувствувате како турист и ќе бидете воодушевени. Ќе чувствувате дека сте во своевиден времеплов. Што е ова? – ќе прашате. Зарем е можно вака да се живее? Во нашево време?


Протојереј Андреј Ткачев
(продолжува)

Превел од руски м-р Пантерлеј Кондратјурк
 Со благослов на о. Горан Тасески