++++архиепископ-иоанн-сан-францисский


Психологија на навредата – Архиепископ Јован (Шаховски) Сан-Франциски

++++архиепископ-иоанн-сан-францисскийНесовршеноста на човечката душа се пројавува во тоа што го заборава важното и го памети суетното; дека го заборава она што би требало да го помни и го помни онa што би требало да го заборави. Поради тоа можеме секого да запрашаме: “Кажи ми што забораваш и што помниш, а јас ќе ти кажам кој си”. Сите знаеме што значи навредата, затоа што нé навредувале и сме се навредувале. Без да е свесен, секој кој навредува и секој кој се навредува, се повредува себеси, бидејќи самиот се лишува од сонцето на љубовта. Оној кој навредува ја повредува не само душата, туку и своето тело – злите емоции предизвикуваат болна телесна напрегнатост, што се одразува на неговата физичка размена на материите и го нарушуваат животот. Оној кој навредува се навредува најпрво себеси. Но, и оној кој се навредува постапува неразумно, бидејќи се повредува самиот. Над себе да се закриеме со светлиот штит против навредите, необрнувајќи им внимание. А она што е возвишено, тоа да го спротивставиме на навредата – љубовта, кротоста, великодушноста. „Научете се од Мене, – рекол Христос Спасителот, – зашто Сум кроток и смирен по срце и ќе најдете мир за вашите души“ (Мт. 11:29). Ете еден прост пат до среќата, за која човекот често размислува, не знаејќи го патот до неа.

Навредата понекогаш бива неосознаена. Нанесувањето на навреда произлегува од гордоста, од желбата да биде другиот понижен, од одмаздата и злобата. Луѓето навредуваат и од алчност, завист, славољубие, егоизам и едноставно од душевна нечувствителност и морална невнимателност. Претприемникот (индивидуален или колективен, како држава или партија) најбезобзирно ги навредува луѓето, експлоатирајќи ги не само економски, туку и морално.
Експлоатацијата е многулика форма на несправедливоста. Историјата на човештвото е полна со тој грев сé до наше време. Но, сега нема феудални барони и не е само џет сетот оној што ги експлоатира сиромашните – кои и самите порано биле сиромашни, а кои станале администратори, партијци, претставници на пролетеријатот, жестоко ги експлоатираат сиромашните (колхозните земјоделци, работниците), и сепак, таа експлоатација ја прикриваат со многу ласкави, но празни зборови за себе.
Експлоатацијата на ближниот може и да не е поврзана со некакви лични чувства на непријателство, таа може да биде едноставно морална бесчувствителност, сакајќи лична, партиска или државна придобивка. Во денешно време експлоатацијата – материјална и духовна – се труди да се оправда со возвишени мотиви. Целта на револуцијата за доброто на сите се оправдува со големи навреди на луѓето. Со хумани фрази оперираат бездушните планери, кои не го гледаат живиот човек. Смртно навредлив за човекот и човештвото е самиот утилитарен материјалистички пристап кон бесмртната човечка душа. Но, чувство за праведност и сострадание може да се роди и кај материјалистот, и покрај неговите материјалистички теории. Како човек, материјалистот може да биде морално чувствителен. А се случува и срцето на оној кој верува во Бога (против духот на таа вера) да се исполни со алчност и беcсрдечност. Како што неверието кај материјалистот може да биде само на врвот на неговиот јазик, така и верата во Бога понекогаш бива само на врвот на јазикот на верникот. Верата во Бога не е теоретска декларација.
Во денешно време луѓето ги навредува дури и верата во Бога (вршат принуда да се пишува светото име на Бога со мала буква). Но, човек може Бог помалку да Го навреди отколку соѕвездието Орион или Лебед. Неверниците нанесуваат навреди само на својот живот.
Човек го навредува човека со својата зла (или недоволно добра) волја. И сите тие безбројни “молекуларни” навреди во светот, сето наше лично и општествено зло во светот, ги породуваат оние црни виорни облаци на конфликтите, војните и душепогубувањата, од кои се потресува целото човештво и поради кои можеби ќе биде истото истребено.
Порано во историјата, во името на верата во Бога, цареви и народни водачи ги навредувале неверниците (или оние кои не верувале како нив самите). Сега во многу земји на светот неверниците ги навредуваат верниците.
На човекот му е речено: Ги знаеш заповедите – не прељубодејствувај, не убивај, на кради; не сведочи лажно; не навредувај… (сп. Марко 10:19). Но, ако навредата се случила, треба да ú се спротивстави ненавредливоста. Во надминувањето на злото влегува и надминувањето на навредливоста. Ние, луѓето, премногу лесно се навредуваме еден со друг. И уште полесно се навредуваме (самите). Се навредуваме дури и ако никој не нé навредува. Понекогаш сакаме да се почувствуваме навредени и во тоа се пројавува порочната човечка инфантилност. Детето понекогаш сака да се расплаче не бидејќи мајка му го навредила, туку едноставно затоа што одеднаш слатко посакало да се почувствува (а најмногу за да се покаже) навредено. Тоа е душевна незрелост. Активниот егоист навредува, пасивниот – се навредува. Навредите на активните и навредливоста на пасивните егоисти многу го збркуваат животот. Исходот од овие состојби е само еден – кон духовна слобода: да не навредуваме никого и да не се навредуваме од никој.
Извор: Психология обиды

 

Преземено од:

Маран Ата   

Друго:

 Архиепископ Јован (Шаховској) - БЕЛО МОНАШТВО