Синови или слуги? – Старец Јероним Егински
In Житија, Македонија, Патрологија, Православие, Православна светлина,

Современи искушенија on Септември 17, 2012

Еднаш во неговата смирена ќелија го посети еден Турчин. Како што рече, го испратил неговиот газда, кој беше судија, за да го покани во неговиот дом.

Отец Василиј некако се вознемири. Не беше навикнат на покани за посети од љубезност, и неговиот ум отиде во некое можно „зло“, во едно ново, можеби, искушение. Но се помоли на Бога и отиде со турскиот службеник.

Кога стигнаа во гостоприемната соба на судијата, самиот тој го прими со голема срдечност. Седнаа и судијата почна со дискусија:

- Ефенди попе, јас сум Турчин, мухамеданец. Но од платата која ја земам, го задржувам неопходното за моето семејство, а останатото го трошам за милостина. Им помагам на вдовиците, сираците и сиромашните, им давам мираз на бедните девојки кои се мажат, им помагам на болните. Строго ги држам постите, се молам и обично се трудам да сум доследен на верата. И кога судам, се обидувам да сум справедлив, не попуштам никому, колку и да има висока позиција. И што велиш, сè она што го правам не е доволно за да го здобијам рајот, како што велите вие христијаните?

Отец Василиј беше воодушевен од она што му го кажа Турчинот и со умот веднаш отиде кај стотникот Корнилиј (Дела 1 гл.). Ги споредуваше паралелно овие два живота. Сфати дека пред него стои праведен и добронамерен човек и можеби неговата мисија беше иста со онаа на апостол Петар кон стотникот. Одлучи да посведочи за неговата вера.

- Ефенди, имаш ли деца?

- Да, имам.

- Слуги, имаш?

- Имам и слуги.

- Кој ги исполнува подобро твоите заповеди, децата или слугите?

- Се разбира, слугите, зашто децата, со слободата која ја имаат, честопати не слушаат и прават што сакаат, додека слугите прават секогаш сè што ќе им речам јас.

- Кажи ми, ефенди, ако умреш, кој ќе те наследи: твоите слуги, кои ги исполнуваат верно твоите заповеди, или твоите деца кои не те слушаат?

- Па се разбира, децата. Само тие имаат право на наследство, не и слугите.

- Е па добро, се  што правиш ефенди е добро, но сè што можат да ти направат, е да те стават во редот на добрите слуги. Но ако сакаш да го наследиш рајот, царството небесно, треба да станеш син. А тоа бидува само преку крштевање.

Турчинот се воодушеви од примерот кој му го кажа отец Василиј. Зборуваа уште, и на крајот побара од него да го катихизира и да го крсти. И по некое време, Турчинот се крсти и стана христијанин.

 

Превод од новогрчки:

ѓакон Јани Мулев

Наслов на изворникот:

Π. Μπότσης,

Γέροντας Ιερώνιμος ό Ησιχαστής της Αίγινας,

Αθήνα, 2001.

Православна светлина бр. 6

Извор: Ортодоксија ортопраксија