Св. Теофан Затворник

cvet.jpgКој не знае колку големо значење во животот има нашето срце!? Во срцето се содржи сето она што однадвор влегува во душата и што таа го преработува преку мисловната и дејствувачката страна; преку срцето, исто така, минува и сето она што душата го открива внатре во човекот. Затоа срцето и се нарекува центар на животот.

Улогата на срцето е да го чувствува сето она што се однесува на нашето „јас“. Тоа постојано и без престанок ја чувствува состојбата на телото и на душата, односно разнообразните впечатоци од поединечните душевни и телесни дејствија, од околните предмети, од надворешната состојба и, воопшто, од текот на животот, принудувајќи го човекот од сето тоа да му ги доставува пријатните, а да го оградува од непријатните нешта: здравјето и болеста на телото, неговата живост и млитавост, заморот и цврстината, бодроста и дремливоста; потоа тоа што е видено, слушнато, спознаено, намирисано, вкусено, што е извлечено од спомени и вообразено, што е осмислено и што се осмислува, што е направено, се прави и што претстои да се направи, што е примено и што се прима, што може и што не може да се добие, што ни е благопријатно и што ни е неблагопријатно  лица ли се во прашање или околности, сеедно  сето тоа влегува во срцето и го возбудува пријатно или непријатно. Судејќи според сè, срцето неможе ниту миг да биде спокојно, туку е во постојан немир и растревоженост, слично на барометар пред бура. Но, ете, од она што влегува во срцето, многу нешта поминуваат без да остават трага, како што можеме да провериме во оние случаи кога за прв пат сме на некое место и кога сè нè интересира, а по второто или третото доаѓање, малку нешта веќе нè интересираат.

Секое дејствие врз срцето произведува во него особено чувство, но за нивно разликување немаме зборови во нашиот јазик. Ние своите чувства ги искажуваме со општи термини: пријатно  непријатно, ни се допаѓа  не ни се допаѓа, весело  досадно, радост  тага, грижа  задоволство, спокој  неспокојство, задоволство  незадоволство, страв  надеж, антипатија  симпатија. Внимавајте на себе и ќе забележите дека во срцето се случува де едно, де друго.

Но значењето на срцето во нашиот живот не се состои сам во тоа да стоиме страдално над впечатоците и да сведочиме за нашата задоволителна или незадоволителна состојба, туку и да ја поддржува енергијата на сите сили на душата и на телото. Гледајте колку брзо извршуваме некое дело коешто му се допаѓа на срцето, коешто му лежи на срцето! А пред она што не му лежи на срцето, рацете ја откажуваат послушноста а нозете не се движат. Затоа оние што умеат да владеат со себе, кога ќе се сретнат со некоја работа што е нужна, но којашто не му се допаѓа на срцето, брзаат во неа да најдат некоја пријатна страна и така, помирувајќи ја со неа срцето, ја оддржуваат во себе потребната енергија за спроведување на делото. Ревноста  движечката сила на волјата  излегува од срцето. Исто е и со умствената работа: предметот што навлегол во срцето, итно и сестрано се анализира. Мислите притоа се ројат сами по себе, и трудот, колку и долго да трае, не е напорен. 

Секое нешто не им се допаѓа подеднакво на сите, и не им лежи подеднакво на срцето, туку на едните повеќе им лежи на срцето едно, на другите друго. Односно, се вели: секој си има свој вкус. Тоа делумно зависи и од природните склоности, делумно  а можеби и значително?  од првите впечатоци, од впечатоците стекнати при воспитување и од случајности во животот. Но, како и да се формираат вкусовите, тие го тераат човекот така да го устрои својот живот, да се опкружи со такви предмети и односи, какви што му сугерира неговиот вкус и со кои е мирен, задоволен. Задоволување на вкусовите на срцето му пружа сладок спокој на човекот, што и претставува негова сопствена мера за среќа. Ништо не нè тревожи  и ете ни среќа.

Ако човекот во мисловниот дел секогаш би се држел до здравомислие, а во дејствувачкиот  до благоразумност, тогаш во животот би среќавал најмал можен дел случајности непријатни за неговото срце и, следствено, би го имал најголемиот дел од среќата. Но, мисловниот дел ретко себеси се држи како што му доликува, се препушта на мечтаење и на расеаност, а дејствувачкиот дел се отклонува од својата нормална насоченост, се занимава со непостојани желби, поттикнати не од потребите на естеството, туку од туѓи (на естеството) страсти. Затоа срцето нема спокој и не може да го има сè додека тие страни се наоѓаат во таква состојба. Срцето најмногу го тиранизираат страстите. Кога би ги немало страстите, ние и понатаму би се среќавале со непријатности, но тие никогаш не би го измачувале срцето така како што го мачат страстите. Како гневот го пече срцето! Како го растргнува омразата! Како го гризе зависта! Колку тревоги и маки му причинува незадоволената или посрамената суета! Како го задушува грижата кога страда достоинството! Ако погледнеме построго, ќе најдеме дека сите наши тревоги и болки во срцето потекнуваат  од страстите. Тие зли страсти, кога ќе ги задоволиме, ни пружаат радост, но кратковремена; а ако не ги задоволиме туку, напротив, претпочитаме нешто што им е спротивно, ни причинуваат долготрајна и неподнослива болка.     

Така, може да се види дека нашето срце е корен и центар на животот. Тоа, овозможувајќи ни да разбереме која е добра а која лоша состојба на човекот, ги поттикнува на дејствување другите сили и по завршената активност повторно ги прима во себе, за засилување или за ослабнување на она чувство преку кое се одредува состојбата на човекот. Би можело да се каже дека на срцето би требало да му се даде целосна власт во управувањето со животот, како што тоа, впрочем, се случува кај некои во потполност, а кај другит во помала мера. Би можело да се каже и дека срцето, по своето естество, било предназначено за такво нешто, но надошле страстите  и сè поматиле. Во присуство на страстите, срцето лажно ја покажува нашата состојба, и впечатоците не се такви какви што би требало да бидат, и вкусовите се изменети, и дејствувањето на другите сили не се насочува на потребната страна. Затоа сега важи законот  држете го срцето во рацете и подложувајте ги неговите чувства, вкусови и склоности на строга критика. Кога некој ќе се очисти од страстите, нека ја препушти својата волја на срцето, но додека владеат страстите, препуштањето на волјата на срцето значи самите отворено да се осудиме на секакви погрешни чекори. Најлошо постапуваат оние што како цел на својот живот ги поставуваат сластите на срцето и насладувањето  како што велат  со животот. Зашто, колку посилно ги чувствува плотските и сетилните сласти и насладувања, толку повеќе човекот пропаѓа во груба сетилност и се спушта под онаа црта којашто го одвојува човекот од другите живи твари. 

 (продолжува)

Подготви: д- р Драган Михајловиќ 

Што е духовен живот и како да го устроиме

 

Посети:{moshits}