Vecerna.Ksenija.jpg

Лагата

Вам секако ви е познато дека нема никакво оправдување за отстапување од вистината, и воопшто, а посебно кај такви лица какви што сте вие – кај чувари на правдата. Еднакво не можат да се оправдаат деката спротивни на заповедите и животот без внимание кон себеси и севидливиот Бог, Кој ќе суди според она што го гледа.

Како Бога да Го заборавите?! Вие служите во делата на правдата, а правдата е Божествено дело. Бог ви го поверил Своето дело, вие сте Негов служител, обврзани сте да постапувате точно и во согласност со Неговата волја. Тоа сте го заборавиле. Ѓаволот се приближил и почнал да ви дошепнува дека вие, кога вашиот делокруг е во прашање, сте независни во одлуките... да правите што сакате. И дошло до хаос на работа, а потоа и во семејството и во духовниот живот. Добро е – сте добиле опомена. Држете се!

Лажните пророци

Чувајте се од лажни пророци (Мт. 7, 15). Од почетокот на христијанството до денес сеуште немало време на кое ова предупредување не би се однесувало. Господ не укажал точно на тоа од какви точно лажни пророци да се чуваме и како да ги одредиме? Тие се менуваат како модата и секое време пораѓа свои. Секогаш истапуваат преоблечени во овчји кожи, со наводно добри цели во постапките и со привид на вистина во зборовите. Денес нивната облека е сошиена од прогресот, цивилизацијата, просветеноста, слободата на мислите и делата, личното убедување кое не прифаќа вера и на тоа слично. Сето тоа е лажно покритие. Така кога ќе наидеш на таква облека, не брзај да го отвориш увото за зборовите на пророкот облечени во неа. Погледни да не се крие под овчјата кожа волк. Знај дека Господ е единствен двигател кон вистинското совршенство, единствен Кој омекнува срца и карактери, единствен просветител, единствен Кој дава слобода, го исполнува срцето со чувство на вистина и дава увереност која ништо на светот не е во состојба да ја поколеба. Така, штом забележиш во зборовите на новите пророци било каква сенка на противречење на учењето Господово – знај дека тоа се волци грабливци и тргни се од нив.

Клеветата

„Ве наклеветиле“... иако не сте криви. Треба мирно да се претрпи. И тоа ќе биде место епитимија, за она каде што самите себе се сметате за криви... Затоа клеветата за вас е – милост Божја...
Кога гледате дека ве оцрнуваат, прифаќајте го тоа како лековита кал. Добро правите што не го губите братското расположение кон оние кои ви го пружаат тој лек.
Што ве срамотат, тоа е добар знак. Значи дека сте му напакостиле на некој злотвор... Бидете спокојни. Тоа е лековита кал! Дали сте сигурни дека без тоа не би полетале во вис на крилата на умисленоста?!! Ова го уредува Господ Кој ве љуби.
И сам по малку знам колку е тешко да се истрпи клевета. Тоа е кал, но лековита. Трпете: ќе дојде време... Лекарот на душата ќе ја тргне таа корупка. И Господа го клеветеле... дека јаде и пие... дека е другар на цариниците и грешниците... дека има демони... Голема чест е да бидете изложени на навредите на кои бил изложен и Господ! Смирувајте се при тоа и не паѓајте со духот, туку бидете свесни дека, бидејќи не сте осудени од совеста, секогаш можете да гледате смело на Господа или да стоите пред лицето Негово.

 

 

(AdamiEva.jpgПродолжува)

Подготви: З. Д.