I
БЕСЕДА НА ПРЕПОДОБНИОТ СЕРАФИМ САРОВСКИ ЗА ЦЕЛТА НА ХРИСТИЈАНСКИОТ ЖИВОТ

sv.Serafim.Sarovski1d.jpg

1.
ПОВИК

"Вистина, вистина ви велам: 'Кој верува во Мене, делата што ги вршам Јас и тој ќе ги врши, и поголеми од нив ќе врши..."
(Јован 14,12).

"Еднаш - пишува во своите забелешки Мотовилов - тоа беше во Саровската пустина, наскоро по моето исцелување, во почетокот на зимата 1831 година, во вторник на крајот од ноември, јас стоев за време на вечерната во топлата Црква на Живоносниот Источник, на своето вообичаено место, како што и потоа секогаш се случуваше, токму спроти чудотворната икона на Мајката Божја. Овде ми пријде една од сестрите од Млинската Дивеевска општина. За името и за постоењето на таа општина, одделена од другата, исто така Дивеевска општина со црква, јас тогаш се уште ништо не знаев. Таа ми рече:
- Ти ли си оној куц господин, кого неодамна го исцели нашиот брат, отец Серафим?
Јас одговорив дека сум токму тој.
- Многу добро - рече таа - тогаш отиди кај братот. Тој ми нареди да те викнам. Тој сега е во својата манастирска ќелија и рече дека ќе те чека.
Луѓето кои барем еднаш биле во Саровската пустина за време на животот на големиот старец Серафим, и кои барем слушнале за него, можат потполно да сфатат, со каква неискажлива радост се исполни мојата душа од тој неочекуван повик. Оставајќи ја Божјата служба, јас веднаш потрчав кај него, во неговата ќелија. Братот, отец Серафим ме сретна на вратата од ќелијата и ми рече:
- Јас чекав, ваше богољубие. Но, само малку причекајте, додека да поразговарам со моите "сиротици". Јас имам со вас многу да разговарам. Седнете, еве овде.
На тие зборови, тој ми покажа на скеле со скали, кое веројатно служело за затворање на цевката од печката, поставена покрај неговата печка, со отвор во тремот, како и кај сите двојни ќелии во Саров. Јас седнав на најниската скала, но тој ми рече:
- Не, седнете погоре.
Јас седнав на втората, но тој ми рече:
- Не, погоре, богољубие. Седнете на највисоката скала. И сместувајќи ме, тој додаде:
- Значи, седете овде и почекајте додека, откако ќе поразговарам со сестрите не излезам.
Братот кај себе во ќелијата воведе две сестри, од кои едната беше благородничка, девица, сестра на нижегородскиот спахија Мантуров, Елена Василевна, како што на моето прашање ми одговорија сестрите кои со мене останаа во тремот.
Долго чекав големиот старец и за мене да ги отвори дверите. Така седев, ми се чини, околу два часа. Тогаш од ќелијата која беше поблиску до влезот во тремот, кај мене излезе друг монах, ќелијник на отец Серафим, Павле, и ме воведе, и покрај моите одбивања, кај себе во ќелијата. Овде почна да ми дава разни поуки од духовниот живот, меѓутоа, кои по ѓаволско шепнување, имаа цел да ја ослабнат мојата љубов и верата во вредноста пред Бога на големиот старец Серафим.
Мене ми стана непријатно и јас со тага му реков:
- Глупав бев, оче Павле, што го послушав вашето убедување и што влегов кај вас во ќелијата. Отецот игумен Нифонт е голем Божји слуга. Меѓутоа, иако јас него многу го почитувам заради неговата светост, сепак, во Саровската пустина не дојдов заради него, туку единствено заради братот отец Серафим. Сметам дека и во древноста имало малку такви свети угодници Божји, надарени со силата на Илија и на Мојсеј. Но, кој сте вие што ми се наметнувате со своите поуки, кога, ми се чини, ни самиот посебно не го познавате патот Божји? Простете ми, жал ми е што ве послушав и што влегов кај вас во ќелијата.
Со тие зборови излегов од кај него и пак седнав на највисоката скала во тремот на ќелијата на братот. Подоцна, од истиот отец Павле слушнав дека братот строго го прекорил, велејќи му: "Не е твое да разговараш со оние што чекаат на зборот на бедниот Серафим и што доаѓаат кај него во Саров. И јас бедниот, не им зборувам од себе, туку она што ми го открива Господ заради наѕидување. Не мешај се во туѓи дела. Гледај на самиот себе, и не осмелувај се да учиш други. Господ не ти го дал тој дар, бидејќи тој и не им се дава туку-така на луѓето. За тоа е потребен посебен труд во името на нашиот Господ Бог, како и Негова посебна милост, божествено благоволение и Негова света промисла". Ова го пишувам овде заради сеќавање и поука за оние на кои им е зна-чаен и најмалиот збор и едвај забележливата линија на карактерот на големиот старец Серафим.
Кога помина околу два часа од разговорот на старецот со неговите "сиротици" вратата се отвори и братот, водејќи ги сестрите, ми рече:
- Долго ве задржав, ваше богољубие! Не замерувајте! Ете, на моите "сиротици" толку им е потребно: јас бедниот ги утешив. Повелете во ќелијата!
Во својата манастирска ќелија тој поразговара со мене за различни предмети кои се однесуваат на спасението на душата и на световниот живот. Потоа ми наложи, утредента, по раната Литургија, со отец Гуриј, саровскиот гостоприемник, да дојдам кај него во блиската пустинка.

(Продолжува)