Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (35)

Esen.manastir1.jpg

Непријателот на човечкиот род и борбата против него

Ако би ни се отвориле очите на умот, би виделе на сите страни борба на (злите) духови со (човечките) души; победува, час едната, час другата страна, во зависност од тоа дали општи душата со Господа преку вера, покајание и ревнување за добри дела или се оддалечуваат од Него со мрзливост, немарност и рамнодушност спрема доброто.
На уште поголема несреќа, овој свет има свој кнез, единствен по лукавство, злоба и искуство во прелажување. Тој има слободен пристап кон душата, преку телото и материјалното, со кои душата се помешала после падот. Откако ќе ù се прближи, тој од сите страни во неа распалува љубопитност, дрскост и сластољубива самоутеха.
Сатаната – со сите паднати духови – после слободниот пад и упорното останување во злото, станал производител и поддржувач на злото.
Овој кнез има цела војска на слуги: духовите на злобата кои му се потчинети и непрестано јурат по сите краеви на настанатиот свет, да би овде направиле едно, а на друго место друго – како би ги заплеткале уште повеќе оние кои паднале во мрежите на гревот и би ги обновиле оковите кои ослабеле и се искинале – а посебно да би пазеле никој и да не помисли на ослободување од нивните узди и излегување на слобода.
... При тоа главната опасност е – од сатаната. Бидејќи тој пред сè е самоуверен, така и меѓу луѓето повеќе ги сака оние кои се раководат со сопствениот ум – така најмногу смутува и погубува. Може да се каже дека и само тоа му овозможува пристап до нас или му дава можност да нè турне во пропаст.
Праведниот Бог сатаната го фрлил од небото, заедно со сите негови согласници, употребувајќи го како оружје за тоа Архангел Михаил со другите ангели кои го следеле неговиот пример.
Легион ми е името; зашто нè има многу (Мк. 5, 9). Духовите не се телесни, затоа не исполнуваат простор и не заземаат место како телото. Со тоа се објаснува физичката можност за пребивање на многу духови во еден човек. Кога духовите се во прашање, таа можност е природна; кога е во прашање човекот, таа произлегува од многустраниот допир на неговото духовно устројство со мрачната област на нечистите сили. Но, со тоа се објаснува само можност, додека реалноста на вселување на демоните подлежи на правила кои ние не можеме точно да ги одредиме. Можеме да речеме само дека вселувањето на духовите не станува секогаш видливо, но секогаш се манифестира преку извесни дејствија на демонизираните. Постои незабележливо, скриено вселување на духовите; постои исто така власт на духовите над умовите, покрај телото, кога рие ги водат како сакаат, преку страстите кои во нив дејствуваат.; луѓето така мислат дека сè прават сами, а всушност се дом на нечистите сили. Што да се прави? Биди вистински христијанин и ниедна ѓаволска сила нема да те совлада.
Во тоа невидливо царство на духовите постојат посебни престојни места, каде што се составуваат планови, примаат наредби, добиваат одговори со одобрение или забрана на делување. Тоа се, по зборовите на светиот Јован Богослов, длабини сатански.
Злото од нив (демоните) излетува како искри од усвитено железо. Искрата се сместува таму каде што е лесно примена, а со неа и мислата за злото дело.
Душите на праведниците се во рацате Божји (Мудр. Сол. 3, 1). А во чија рака се душите на грешниците? Спасителот им говори на Апостолите како сатаната ги бара  да ги вее како пченица, то ест, бара да ги тргне од правиот пат, да ги земе во своите раце и да прави со нив што ќе посака. Затоа сите кои се оддалечуваат од господа – се во рацете на сатаната, кој ги вее и фрла каде сака. Затоа во главите на грешните секогаш владее метеж, зашто ѓаволот не им дозволува да се соберат; кога ќе забележи дека некој почнува да се колеба, тој почнува уште посилно да го тресе, за неговата глава пак да би се поматила и мислите расејале.
Нашите гревови не стануваат без неговиот (ѓаволскиот) наговор. Од нивтој создава преграда помеѓу нас и Бога. Покајанието и исповедта ја рушат таа ограда. Знаејќи ја силата на таа тајна, дека таа ги уништува сите негови напори и грижи околу погубувањето на грешниот, тој својствено се труди да ја пресече нејзината плодотворност, или сосема оддалечува од неа и наведува неверување во нејзината сила и безнадежност во поглед на добивањето на простување преку неа. Вашето маловерие и безнадежност, тоа е негово подметнување. Наоружајте се против тоа, истерајте го ѓаволот и неговите наговори.
... Секој има свој Ангел-чувар, исто така и демон-искушувач. Навистина има. Ѓаволот непрестано подметнува, час мисли, час желби кои му се својствени. Ако не се пазиш и не чуваш – пропаѓаш. Тој ќе ти ја замагли и помати главата. Секој има посебен ѓавол: некој похотен, некој користољубив, некој горд – во разни нијанси... Ѓаволот околу нас постои не за да би му сме се покорувале, туку да би се бореле против него и да би со борбата постигнале спротивно добро во себе: наместо похот – целомудреност, наместо гордост – смирение...
Ѓаволот се заканува таму, каде што нема страв (Божји). Лек против тоа е увереноста во исправноста на делото и неговата согласност со волјата Божја... а најмногу предавањето на себеси во рацате Божји. Без тоа предавање, тешко може да се постигне внатрешно спокојство...
„После добро дело – суета, а после лошото – сомнеж во спасението“... Тоа се вообичаени ѓаволски напади – против првиот истакнувајте ги своите гревови и грешки. Против вториот – увереност дека нема грев кој го победува милосрдието Божјо. Смртта на Господа била цена за сите гревови без исклучоци... Сте ја забележале силата на побожноста и молитвата – повелете, држете се за нив, и на секој начин обновувајте ги и јакнете ги.
Сте пишувале исто така и за некои гласови кои ги слушате. Древните оци сметале дека на нив не треба да се обрнува внимание, не вдлабочувајќи се во причините за тоа. И самите размислувајте така, а и другите на тоа учете ги... Непријателите ќе ги посрами тоа што не обрнувате внимание на нив, па ќе престанат да произведуваат такви чуда.
... Добро држете се живеејќи по Бога. Држете се цврсто: не затворајте ги очите, внимателно гледајте на обете страни, зашто ѓаволот не спие. Тој нема да се откаже од вас, туку само испитува дали може пак некако да ве заплетка: но вас ве покрива благодатта Божја, која не му дозволува да се приближи...Штом благодатта поради некоја причина одстапи. Тој истиот час е тука и почнува да досадува. Избави нè Господе!
... Како треба да се дочекуваат ѓаволските напади? Штом забележите зло кое се приближува, истиот час нападнете го со непријателство, омраза и гнев. Тоа е исто што и да се удри напаѓачот со сета сила. Потоа повикајте кон Господа, Мајката божја и Ангелот-Чувар да ви помогнат. Не престанувајте да ги повикувате, сè додека не помине нападот. И ќе помине. Никогаш не поминува одеднаш, туку палку подоцна. Сето дело во духовниот живот се состои во тоа да го дочекате непријателот, да му зададете удари да повикате кон Господа.
Бидете храбри! Тоа што ѓаволот напаѓа, во тоа нема грев, ниту има грев во тоа што овие напади ја вознемируваат и смутуваат душата. И едното и другото се дело на ѓаволската злоба и се се свртуваат на неговата глава, додека вам ви се припремаат венци.
Својата душа треба да се спасува. Ѓаволот е убиец на душата. Преку ревноста за спасување на сите (други), ја остава на пропаст душата на оној кому ги предава таквите мисли. Свети Антониј Велики во една прилика се замислил за судбината на луѓето. Ангел Господов му се јавил и рекол: „Антоние! Внимавај на себе! А ова не е твоја работа“.

 

(AdamiEva.jpgПродолжува)

Подготви: Златко Дивјаковски

  •  Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (21)
  •  Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (22)
  • Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (23)
  • Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (24)
  • Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (25)
  • Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (26)
  • Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (27)
  •  Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (28)

  • Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (29)

     

     

  •