Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (30)

 Dositej.Pokrov.jpg

Воспитување на децата

... Во што се состои спасението на родителите? Најпрвин во доброто воспитување на децата – треба да се научат секој на исправен пат.
... Духот на верата и побожноста на родителите треба да се смета за добро средство за чување, воспитување и јакнење на благодатниот живот кај децата.
Вразумувањето на децата е должност на родителите , па со тоа и ваша. И зошто да се плашите? Зборот исполнет со љубов никогаш не раздразнува. А самото наредување не дава никаков плод. За Господ да би ги благословил децата да ги избегнат опаснотите – треба да се молиме и ден и ноќ.
Јас секогаш им велам на мајките кои се грижат за децата... Вие сте учеснички во маченички подвиг, па очекувајте и венец таков...
... Сите деца се – Ангели Божји. Некрстените, како и сите оние кои се надвор од верата, треба да се препуштаат на милосрдието Божјо.
Кај нас имињата почнаа да ги бираат не по Божјото. Еве како треба по Божјото. Името бирајте го по светителите: или денот во кој детето ќе се роди, или во кој ќе се крсти, или во меѓувреме и до три денови по крштението. Така работата ќе биде без никакви човечки побуди, туку како Бог што ќе даде: зашто деновите на раѓање се во рацете Божји. И прославите по повод раѓањето исто така криво почнале. Ако можеш, и тоа направи го поинаку. Она што би било потрошено за прославата, подели го на сиромашните и на оние на кои им е потребно, и тоа без никакво размислување – подели им го на оние сиромаси кои ќе ги испрати Бог. Бог сè гледа...
Тоа што во училишните установи децата стануваат поинакви – што да се прави? Времето е тешко. Притоа, не треба да се мисли дека сè она што им се зборува е – залудно Сè останува и во свое време ќе донесе плод. Вие своето не го оставајте, зашто со тоа можете да допринесете да не свртат сосема од патот; но успехот сепак зависи од Господа. Повеќе молете се... повеќе помагајте им на оние на кои им е потребно... децата доверувајте ги на нивните молитви. Нивната молитва е силна.
За децата молете се со срдечна молитва – Бог во најдобар ред ќе ги сочува оние кои сакаат да бидат сочувани и кои тоа го бараат.
Грубоста во одгледувањето подразбира слабеење на почитта кон мајката или нејзино директно непочитување, што се огледува од нејзината вознемиреност. Нема поголем грев од неуважувањето и навредувањето на мајката. На оние кои ги почитуваат родителите им се ветени добра, а на оние кои не ги почитуваат ж лишување од добрата. Повелете веднаш отидете кај Н.И., фрлете се пред нејзините нозе и измолете простување, ветувајќи дека во иднина ќе ја почитувате како што доликува и ќе го чувате нејзиното спокојство.
Многу е приајтно да се види дека во куќата имате жива и добра помошничка. Ќерката која го чува мајчиното спокојство е благословена. Синот пак кој не ја почитува мајката како што треба и на се грижи за нејзиното спокојство, го заклучува небото над себеси и го пресекува спуштањето на благословите Божји од таму.
Реката на нашиот живот се пресекува со разбрануваната област на младоста. Тоа е клучно време на телесно – духовниот живот. Тихо живеат детенцето и момчето, малку има силни поривите кај зрелиот маж, уважените старци тежнеат кон спокојство; само младоста го разгранува животот. Треба да се има многу цврста потпора, за во тој период да би им се оддолеало на налетите на брановите, Тој што безбедно ги поминал младешките години, тој како да препливал, распенета река и завртувајќи се наназад го благословува Бога.
Во училишното воспитување допуштени се нехристијански начело кои ја расипуваат младината; во општеството се вовлекле нехристијански обичаи, кои ја развратуваат младината по излегувањето од училиште. И ако, по зборовите Божји, секогаш се малку избрани, тогаш не зачудува што во наше време се уште помалку: таков е духот на векот – противхристијански! Што ќе биде понатака? Ако не се промени нашиот начин на воспитување на младината и општествените обичаи, вистинското христијанство сè повеќе и повеќе ќе слабее, за на крај сосема да би исчезнало; ќе остане само името христијанско, а христијански дух нема да има. Сè исполнил духот на светот. Што да се прави? Да се молиме...
Ве вознемирува судбината на децата. Што да правите? Тоа денес е речиси општо прашање на сите родители. Атмосферата е лошо претчувствителна, крајно лошо претчувствителна. А нема начин да се помогне во несреќата. Само молитва, но нејзиното прифаќање ја спречува поматеноста на верата. Добро е ако е можно да се потикнат децата да кажат што ги доведува во недоумица и ги оддалечува од верата; или да се извлече од нив што им го заседнало тоа во главата и срцето. Тогаш би било можно незабележливо да се наведат да тоа да ја сфатат погрешноста на она што неодамна го чуле и исправноста на она што им е одамна познато. Ми се чини дека родителите никој не ги спречува од таа страна да пристапуваат на невољата која им се заканува на нивните деца. Можеби Господ ќе го благослови нивниот потфат!
Друга ваша грижа е – синот. Што да правите? Сатаната сите војски ги испратил на Русија, зашто тоа е единствена држава која ја чува вистината,,, И еве гледаме колку големи успеси има меѓу нас. Гледаме, а не знаеме како да се спротивставиме, ниту умееме, дури ниту сакаме да се зафатиме со тоа...Иако синот пропаѓа со другите, мајката сепак не може да не болува по него. Болувајте и молете се! Тоа е сè што можам да ви кажам. Можеби да се поразговара со него. Пробајте... Но насамо, кога нема никого и обратете се директно на неговото срце... Тогаш испитајте кои се основите на неговото неверување. И веднаш полека рушете ги тие основи. Испитувајте ги една по една и рушете ги. Кај нив не постои ништо солидно, цврсто, туку ветрот ги донесува и таквиот дух (лукав) останува!.. Кога несолидните основи за неговото неверување ќе бидат разрушени и кога ќе останат без потпора, тогаш вие изложете ги своите основи; но дотогаш не ги изложувајте, туку само неговите рушете ги. И секогаш молете се. Бог ќе помогне и неговата душа ќе се просвети. Ја сокривал иконата, да не се гледа. Тука нема ништо за прекор. Речете му дека и сè друго може да сокрие... то ест да Му се моли на Бога и да оди во Црква криејќи од другите... А кога ни тоа не може, сè нека прави во себе, нека во душата Му се обраќа и моли на Бога... Тоа навистина ќе биде на Бога угодно дело. Нека ја чува верата. Нека секое утро и вечер го прегледа Символот на верата, обновувајќи ги во срцето сите наши свети догми. Меѓу другото, вашето срце кое го љуби синот и искрено верува, подобро од мене ќе ве науче на сè.

 

(AdamiEva.jpgПродолжува)

Подготви: Златко Дивјаковски

  •  Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (21)
  •  Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (22)
  • Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (23)
  • Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (24)
  • Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (25)
  • Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (26)
  • Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (27)
  •  Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (28)

  • Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (29)

  •