Grujo.zaBigorski2.jpg

Храната

Поставете си себеси како закон – од трпезата да станувате уште по малку гладни. Злобниот слуга – телото – ќе почувствува дека над него постои цврста рака... И тоа што сте престанале со пиење на вино е одлично. Тоа е најдобар начин телото секогаш да биде добро, трезвено и свежо.
Многу спиете и многу јадете. Како да го измерите тоа многу? Не со часови и тежина, туку вака: храната да не ве оптеретува и сонот да не ве раслаби. Де не бидете врзани за нив, да не угодувате на телото, туку да ги задоволувате неговите потреби... Телото – тој слуга, би требало со нешто да се тепа, макар и малку, но сепак да се тепа.
Доколку не можете да се воздржите, јадете риба, но не во време на пости. Друг пат, во друга прилика, лишете се себеси од таа сладост. Погледнете, денес сите странски доктори инсистираат на воведување растителна храна од здравствени причини, А тоа дека со оваа храна може подолго да се поживее, тоа веќе одамна го објаснуваат.
Што се однесува на храната во текот на лекување, можете да ја земате онака како што докторите ви пропишале, но не заради угодување на телото, туку како помошно средство за што поскоро излекување; Имајте го во предвид тоа дека по излекувањето треба построго да се однесувате кон таа работа, то ест, кон храната. Оваа строгост може да се постигне и со скромно земање на храна, поточно земање во мали количини. Иако и тоа е можно, сепак поисправно постапуваат оние кои се воздржуваат и кога е пост држат посна трпеза, макар и нешто да блажат; тоа ви го саветувам и вас... Секоја храна е корисна, само ако не е расипана, туку свежа и здрава... Како старците Божји живееле повеќе од сто години, хранејќи се само со леб и вода...
Не доаѓаат животот или здравјето... само од храната, туку од благословот Божји, кој секогаш го осенува оној кој што се препушта на волјата Божја, кога на патот на исполнувањето на заповедите Божји ќе наиде на тешкотии.
Пред Литургија не треба да се јаде и пие... освен ако е крајна потреба во прашање.
Јадете сè што ќе се изнесе на трпеза, без сомничавост, но со воздржување и принуда над себеси. Нашето масло е пет пати послабо од ориенталното маслиново. Напротив, виното пропишано во типикот е од грозје – тоа е слабо. Нашата вотка е десет пати појака. Типикот треба да се чита со расудување.
... Не одговара само месна храна на здравјето. Посната е во тој поглед покорисна.
Изберете си за себе умерено правило кога се храната и пиењето во прашање, како што правеле сите светии... Треба да имате вариво, јајце, малку икри и уште по нешто полесно. Ништо заради угодување на телото, само заради здравје; и никогаш да не се јаде до ситост: ситоста кај монасите е она што кај световниците е прејадувањето.
Ниедно претерување не води кон добро. На непријателот не му оди од рака во нешто да си попуштите на себеси, па ве наведува на претерана строгост, што после се сведува на исто. Без храна и сон не се може. Кога ќе се исцрпите до крај, а ќе морате да ги извршувате неопходните работи, ќе бидете принудени да се вратите на храната и на сонот. Е, тука ѓаволот ќе го земе своето, така што ќе ве навлече на претерување во храната и сонот.
Најлукавиот непријател е - угодување на телото... Тој отпрвин се преправа дека е поразен, но само попушти му... и веќе нема да го запреш... дај едно, дај друго. Но, ако остро му се заканиш: не смееш... ќе се притаи.
Што се однесува на постот, не слушајте ги докторите, само прашајте која посна храна вам ви одговара. Немојте да прашате можете ли да постите, туку директно речете: сакам да постам, но со каква храна. И што и да каже не покорувајте се! Зарем е малку лесна посна храна? Супа со млеко од бадеми... каша од житарици... од пченица, овесни или некои други зрнца. Навечер чај со истото тоа млеко. Зарем се многу денови во неделата? Па некои наши монаси цела недела воопшто не ни јадат...
Кога сте слаби јадете риба. Бог нека благослови. Тука нема грев, кога се работи за потреба, а не за хир (угодување) А кога ќе почне постот воздржувајте се, ако имате сила; ако не, тогаш воздржувајте се само ден – два пред причест; кога сте исцрпени, може дури и без тоа.
Добро е што не пиете чај. Тоа е бесмислена навика... Кога ќе подготвувате јадење, грдете се себеси како брзоплетата Марта; надгледувајќи го огнот сетете се на вечниот оган. Но, грижити околу подготвувањето на храната не се така големи да би можеле да ја одбијат мислата од молитвата. Додека ја мешате храната можете да говорите „Господи, помилуј!“
Добро е за секој случај да имате слатко од овошје. Јадете го понекогаш со вода, како лек, а не заради сласт. И празникот по нешто треба да се разликува од обичните денови. Нека празнува и телото, а не само духот.
... Вашиот пијалок – вода со оцет – е добро. Источњачко... Само сè со мера и сè во слава Божја.

(AdamiEva.jpgПродолжува)

Подготви: Златко Дивјаковски

  •  Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (21)
  •  Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (22)
  • Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (23)
  • Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (24)
  •