ОД РИЗНИЦАТА НА СВЕТИТЕ ОТЦИ (IV)

ЗА ГЛЕДАЊЕТО НА ХРИСТА

СВЕТИ ИГНАТИЈ БРЈАНЧАНИНОВ

sv.Ignatij.Brjancaninov3a.jpg
Сакаш ли да Го видиш Господа Исуса Христа? ,,Дојди и види!", - говори Неговиот апостол Јован (1, 46).
Господ Исус Христос дал ветување дека ќе биде со Своите ученици до крајот на векот (Мат. 28, 20). Он е со нив во светото Евангелие и во црковните Тајни. Свештеномаченикот Петар Дамаскин говори: „Христос е сокриен во Евангелието. Кој сака да Го најде, треба да го продаде својот имот и да го купи Евангелието, па преку читањето не само да Го најде Христа, туку и да Го прими во себе, со подражавање на Неговиот живот во светот. Кој Го бара Христа, говори свети Максим, не треба да Го бара надвор, туку внатре во себе, односно, со телото и душата да биде како Христос, безгрешен, колку што е можно тоа за човекот. Христос Го нема за оние, кои не веруваат во Евангелието: тие не Го гледаат, зашто се заслепени од неверувањето.
Сакаш ли да Го слушнеш Христа? Он ти говори преку Евангелието. Немој да го заобиколуваш Неговиот спасителен глас: оддалечи се од грешниот живот и со внимание слушај го Христовото учење, кое е вечен живот.
Сакаш ли да ти се јави Христос? Он ќе те научи како ќе го добиеш тоа: ,,Кој ги има заповедите Мои и ги пази, тој е оној што Ме љуби; а кој Ме љуби Мене, возљубен ќе биде од Мојот Отец; и Јас ќе го возљубам, и ќе Му се јавам Сам" (Јован 14, 21).
Преку Тајната на Крштението ти си постанал Божји син, а преку Тајната на светата Причест си стапил во најтесно единство со Бога: подражавај го синовството, подражавај го единството. Чистотата и обновувањето, кои ти се подарени преку светото Крштение, обновувај ги со покајание, а единството со Бога чувај го со животот според Евангелието и, по можност, со често причестување со светите Христови Тајни. „Бидете во Мене, и Јас ќе бидам во вас" (Јован 15, 4); „Ако ги запазите Моите заповеди, ќе останете во љубовта Моја" (15, 10); Кој јаде од Моето тело и пие од Мојата крв, ќе биде во Мене и Јас во него" (6, 56).
Чувај се од вообразеноста, која може да ти претстави дека Го гледаш Господа Исуса Христа, дека Го допираш. Тоа е празна игра на гордото вообразување! Тоа е погубна самоизмама! Исполнувај ги Господовите заповеди и на чудесен начин ќе Го видиш Господа во себе, во своите својства. Така и свети апостол Павле Го видел во себе Господа. Такво гледање тој барал и од христијаните, а оние, кои ова го немале, тој ги нарекувал недораснати за да го носат името христијани.
Ако ти живееш грешен живот, ако им угодуваш на страстите, а во исто време мислиш дека Го љубиш Господа, тогаш Неговиот возљубен ученик, кој за време на Тајната Вечера ја беше навалил главата на Неговите гради, ќе те прекори за сопствената самоизмама: „Кој вели: Го познав, а заповедите Негови не ги пази, лажец е и вистината не е во него; а кој го пази словото Негово, во него е Божјата љубов навистина совршена" (1. Јов. 2, 4-5).
Ако ти ја исполнуваш својата грешна волја, и со тоа ги нарушуваш евангелските заповеди, тогаш Господ Исус Христос ќе те вброи кон оние, кои не Го љубат. ,,Кој не Ме љуби, говори Он, не го запазува словото Мое" (Јован 14, 24).
Без размислување, без да ја погледнеш внимателно својата облека, немој да брзаш на свадбата на Божјиот Син, на соединување со Него, иако си и ти повикан на таа свадба, на која е повикан секој христијанин. Домаќинот има такви слуги, кои ќе ти ги врзат рацете и нозете, и ќе те фрлат во најцрната темнина, подалеку од Бога (спореди: Матеј 22, 11-13). Слугите, во чија власт се предава дрскиот, непокајаниот, горделивиот, вообразениот и надуениот барател на љубов и останатите возвишени духовни состојби, се демоните, отфрлените ангели. Најгустата темнина е слепило за човечкиот дух, страсна телесна состојба. Гревот и паднатите духови владеат во човекот, кој се наоѓа во таква состојба. Тој е лишен од моралната состојба: рацете и нозете му се врзани. Врзувањето на рацете и нозете означува губење на способноста за богоугоден живот и духовно напредување. Во оваа состојба се наоѓа целата прелест. Од оваа бедна состојба човекот може да излезе само преку сознавање на својата заблуда, со отфрлање на истата и со зачекорување на спасителната арена на покајанието.
Тежок е излезот од прелеста (самоизмамата). На вратите стои стражар, вратите се заклучени со тешки и цврсти катанци и клучеви, а ним уште им е додаден и печатот на пеколниот амбис. Катанците и клучевите се гордоста на самоврзаните, кои длабоко се кријат во срцето. Тие се нивното славољубие, кое ја сочинува првобитната причина на нивната активност, лицемерието и лукавството, со кои се прикриваат гордоста и славољубието, со кои тие се маскираат во маски на добронамерност, смирение, светост. А нескршливиот печат - е мислењето дека делата на прелеста се дела на благодатта.
Дали може оној, кој се наоѓа во состојба на прелест, во областа на лага и измама, да ги исполнува Христовите заповеди, кои се вистина од Вистината - Христос? Може ли оној, кој се споил со лагата, кој ужива во лагата, кој ја усвоил лагата и со духот се соединил со лагата - може ли таквиот да ја почувствува вистината? Не, туку тој ја мрази и постанува нејзин избезумен непријател и прогонувач.
Каква ќе биде вашата состојба и несреќните фантазии, кога си вообразувате дека земниот живот сте го поминале во Божјите прегратки, и кога ќе ве поразат Христовите зборови: „Никогаш не сум ве познавал; бегајте од Мене, вие што правите незаконски дела!" (Мат. 7, 23).
Мој вистински пријателу во Господа! Оди кон Господа Исуса Христа, приближувај Му се по патот на евангелските заповеди. Преку нив запознај Го, а со исполнување на заповедите покажувај ја и докажувај ја својата љубов кон Господа Исуса Христа. Самиот Он ќе ти се јави во денот и часот, кои му се само Нему познати. Заедно со јавувањето, во твоето срце ќе ја излие и твојата љубов кон Него. Божествената љубов не е нешто, што по некое право би требало да му припаѓа на паднатиот човек. Таа е дар од Светиот Дух, кој Бог го испраќа во садовите, кои се очистени со покајание, во садовите кои се исполнети со смирение и невиност.
Довери Му се на Господа, а не на себе: тоа е многу посигурно. Он е твојот Творец. Кога ти горко падна, Он поради тебе постана човек, за тебе се предаде на казна, за тебе ја пролеа Својата крв, Своето Божество ти го предаде тебе, и што уште Он не направи за тебе. Подготви се за Неговите дарови преку сопственото очистување. Тоа е твоја должност.
Избор и превод од руски јазик:
Протоереј Златко Ангелески

 Korica.P.Svetlina.jpg

 Извор: Десетто издание на „Православна светлина“

 

Посети: {moshits}