Исус Христос

... Небото и земјата - се  што постои - складно се соединува во Христа Исуса. Со тоа, се  што тече во времето, се сосредоточува во Него. Затоа тој е клуч за разбирање на тајната на постоењето на светот и на неговото управување.

Hristos.svetiteli.jpgОдлуката за спасението да биде низ искупувањето во Христа била првобитна и целосно слободна одлука на Божјата волја. Првоизбраникот е Христос. Но, бидејќи Он не е поради Себе, туку поради спасението, тогаш во Неговата избраност избрани се и овие. Божјиот благослов почива значи на Христос, а поради Него и на сите оние коишто веруваат во Него. Кај нив е се  од Бога низ Христа.
Не поднесувајќи дека човекот како Негово сакано битие загинува во својата несреќна положба, Господ, покренат од љубовта, благоволил да слезе на земјата, ја прими на Себе човечка природа, со страдањето и смртта ја задоволи Божјата правда, по Воскресението се вознесе на небото и бидејќи седна од десната страна на Бога Отецот, одново на човекот му отвори слободен пристап кон живото Богоопштење.
Единородниот Син Божји и Бог се Воплоти затоа што Божјата Премудрост го нашла тоа како најлесен начин за нашето спасение.
Бог Слово (= Логос) ја прима човечката природа за пак да ја соедини со Бога.
Господ е аголниот камен на зданието на спасението; така и верата во натприродното е аголен камен на севкупното здание боговдахновено со вистина. Самиот Спасител, во Својата личност, е круна на натприродноста, а во Црквата - нејзин непресушен Извор. Оној кој брца во оваа точка, брца во зеницата на Божјото око.
Како што познавачите на работите во семето гледаат цело дрво, така и сите оние коишто во својот умен вид ја изостриле пророчката светлина, набљудувајќи Го Младенецот Исуса во Него веднаш Го препознале Господа.
Целата историја пред Христа Господа имала педагошки карактер. Сî било насочено кон подготвување на човечкиот род за највозвишеното Божјо дело, пројавено во Христа.
Човекот паднал и загинал во својот пад. Поради неговото спасение на земјата дошол Единородниот Син Божји и го покажал патот (на спасението)...
... Спрема текот на уредувањето на нашето спасение, дошло време кога требало духовно да се посинат Јудејците и незнабошците - тогаш дошол Божјиот Син, направил сî што во Советот Божји претходно било одредено за нашето спасение и, вознесувајќи се на небото, ни Го испратил Светиот Дух од Оца. Овој Дух потоа ги осиновуваше  сите коишто веруваа.
... Бог ја прима човечката природа во Својата личност и облекувајќи се во неа, í предаде за секогаш жива неисцрпна полнота.
 ... Господ Исус Христос... во Својата личност, ја покажал нашата природа како безгрешна, чиста и совршена.
После триесетгодишниот период живот Господ му се покажува на светот во текот на три и пол години „Божестевно дејствува меѓу луѓето, покажувајќи Го во Себе Бог Воплотен - со Божестевна мудрост во учењето, Божествена сила во знаменијата и чудата, Божествена премудрост, благост и светост во животот и начинот на делување и Божествено сезнаење во помислите на срцето и познавањето на идните работи“.
Крсната смрт на Господа ги заменила сите старозаветни жртви и сите постапки за очистување.
Христос Господ нî искупи од ропството на кнезот на овој свет, ропство во кое бевме држани поради прародителскиот грев, а цената којашто ја дал за откупот е Неговата Крв.
Сî е во Господа Спасителот. Тој Го умилостивува Отецот и ни Го праќа Светиот Дух. Извршувајќи го домостројот на спасението, Тој стана наш Владика, а ние Негови слуги, искупени со Неговата Крв.
Едно е застапништвото, без коешто сите други немаат сила - застапништвото на  Господа Спасителот. А споредни застапништва може да бидат многу, како и проводникот на тоа застапништво и оние коишто го умножуваат... Тука е и Мајката Божја Застапница, Којашто делува со посредство на застапништвото на Својот Син...
Но, ако сме Го разгневиле Самиот Спасител, кој нас ќе нî застапува пред Него? А ние Го разгневуваме, бидејќи со гревови ја газиме Неговата Крв. Тука е Божјата мајка, на Која í говориме: „Твојата Мајчинска смелост употребувајќи ја, моли“...
...Христос Господ е изворниот Застапник, како Помирител на човештвото со божественото. Тој со Својата смрт нî помири со Бога и преку неа ни отвори пристап кон сите Божји милости. Тој е Извршител на спасоносниот Домострој на Воплотувањето.
Господ со телото спиел во гробот, а со душата слегол во адот и на оние коишто се таму во дух им проповедал спасение.
Господ од Крстот слегол во адот и го разрушил, изведувајќи ги оние коишто биле во него...
Откако воскресна, Господ се вознесе и седи од десната страна на Отецот, застапувајќи нî и уверувајќи нî дека нам со Него сî ќе ни биде дарувано и дека Неговиот слуга навистина ќе биде таму каде што е и Тој.
Ние таинствено стануваме причасници на ова Воскресение преку Крштението, соблекувајќи го во него стариот живот и облекувајќи го новиот. Но во тоа е само залогот, почеток и основа за идното воскресение во Слава - воскресение слично на Воскресението Господово.
Силата на Воскресението Христово е неописливо голема! Ние треба да добиеме не само јасно поимање за него - туку и да го почувствуваме: бидејќи не поради Себе воскресна Господ, туку поради нас. Даруј ни нам Господе со вера да го согледаме ова Воскресение и од тоа да се исполниме со радост.
Воскреснувајќи, Тој (Исус Христос) станал како почеток на оние коишто треба да воскреснат, т.е. како првороден од мртвите (Кол. 1,18), после Кого и сите други ќе се родат од мртвите во бесконечен живот.
Ако Воскреснатиот е Бог и човечката природа е воскресната во Него, е центар на сî создадено, тогаш силата на Воскресението Христово, спуштајќи се најнепосредно на човечката природа, треба на тој начин да слегува на сите битија.
... Христос Господ е единствен посредник, преку Кого на нас слегува секој Божји благослов; секој духовен дар ни се дава преку Христа и поради Христа.
Знаеме дека Утешителот не би слегол, доколку Господ не се вознесол.
Тешејќи ги Своите ученици, Господ им говорел како за нив е подобро Тој да се вознесе на небото, бидејќи тогаш место Себе ќе им Го испрати Утешителот - Духот (Свет).
... Треба да се смета дека Вознесението Господово било пратено со некоја посебна слава, којашто луѓето не можеле да ја видат, но којашто Ангелите ја виделе и ја опеале со своето славословие.
Кога се вознел, Господ без сомневање по Својата човечка природа примил Божестевна чест и слава: бидејќи Неговата Божествена природа отсекогаш сјаела со неизменета Божестевна слава.
Планетите се свртени кон Сонцето и по него се управуваат во своето движење. И целиот духовен свет - Ангелите и светиите на небото и луѓето коишто духовно живеат на земјата, се свртени кон Господа Спасителот и по Него се раководат. Тој е - центар, околу кого се врти сî. Глава на она што е на небото и на она што е на земјата... (Еф. 2,10).
Човечката природа во лицето на Исуса Христа ги преминала небесата и застанала пред Самиот Бог... Со тоа се открил вистинскиот пат на светиите, којшто бил скриен за оние од старото... (51, стр. 278).
Поколене по поколение ќе се менува во текот на времињата, ќе минува век за век, но тоа големо дело Божјо коешто е совршено во Христа Исуса, а претставено и содржано во Црквата, ќе остане неизменето, обогатувајќи го нашиот род со сî поголеми и поголеми небески дарови и секогаш ќе ја придвижува устата на славословие.

sv.Efrem.Sirin3a.jpg

Божјата Мајка

 Еднаш одамна ме праша една душа: „Зошто Мајката Божја се почитува така високо, не само повеќе од светите луѓе, туку и од Ангелите и Архангелите?“ Одговорив: „Затоа што ни Ангелите ни Архангелите, ни Херувимите ни Серафимите немале толку блиско и важно учество во уредувањето на нашето спасение, како Таа“. Уредувањето на нашето спасение се нарекува Домострој на Воплотувањето. Било потребно Синот Божји и Бог да прими во Својата ипостас човечка природа, бидејќи без тоа нашето спасение не можело да се уреди... Оваа природа е земена од Приснодева, преку Светиот Дух и осенување со силата на Севишниот. Ангелите и Архангелите во настанот на Воплотувањето служат на надворешен начин, не влегувајќи во суштината на делото на Воплотувањето, додека Божјата Мајка влегува. Поради тоа Таа се почитува повеќе од секое создание... Силата на ова суштинско учество во Воплотувањето и Нејзиното застапништво за нас, појако е од секое друго.

 

(Продолжува)

Подготви: Марија Влакеска

 Друго:

Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (1 дел)