ШТО Е ДУХОВЕН ЖИВОТ И КАКО ДА СЕ ОСПОСОБИМЕ ЗА НЕГО (20)

Свети Теофан Затворник

Продолжение. Објаснување на растројството кое низ прародителскиот грев влегло во човечката природа. Општењето со Бога служело како извор за господарење на духот над душата и телото. Преку нарушување на заповедите човек се одвоил од Бога и ја изгубил власта над душата и телото, потчинувајќи му се на владението на страстите. Слика на човекот кого после падот го растргнуваат страстите.
 
Продолжувам. Што ни се има случено заради прародителскиот престап? Нашата природа останала иста, делови и сили на нашата природа останале исти, со исти закони и потреби; но нашата слободна свест веќе го нема истото насочување; тоа го пореметило меѓусебниот однос на делови и сили на нашата природа и го нарушило нивното првобитно устројство, што донело неред во човечкиот живот и во делувањето на човекот, и изродило посебен вид на разорни сили – страсти, кои не ни се природни, но кои задобиле таква власт, што сите наши сили можат да ги вртат како им е драго. Ете како сето тоа се има случено.

Бог го створил човека заради блаженств, и тоа блаженство токму во Него, преку живо општење со Него. Затоа во неговото лице вдахнал здив од Својот живот, а тоа е, како што веќе кажавме – дух. Суштински својства на духот се – свест и слобода, а неговите главни движења – исповедање на Бога како Творец, Промислител и Давател, со чувство на полна зависност од Него, што се изразува низ гледање на Бога со љубов, преку непрестајно внимание кон Него и побожен страв пред Него, со желба секогаш да се твори она што Нему Му е угодно, според барањето на чуварот на законот – совеста, и со одрекување од се друго, за човек да биде сам со Бога, за да живее со Него Единиот и се слободно и свесно да го насочува кон таа единствена цел. Кога човек е така настроен, тогаш пребива во Бога и Бог пребива во него. Бог, Кој пребива во човекот, на неговиот дух му дава сила да владее над душата и телото, и подалеку и над се што е надвор од него. Таква била првобитната состојба на човекот. Бог им се јавил на прародителите и им го потврдил сево ова со Своето Божествено Слово, заповедајќи им да Го признаат Него Единиот, Нему Единиот да Му служат, да чекорат по волјата на Него Единиот. За да не погрешат во размислувањата како сето тоа да го исполнат, Он им дал мала заповед: да не јадат од плодовите на едно дрво, нарекувајќи го дрвото на познанието на доброто и злото. Така нашите прародители почнале да живеат во рајско блаженство.

Духот кој пред тоа заради својата гордост паднал и скренал од патот им позавидел на тоа, па ги наговорил да ја престапат таа мала заповед која им е дадена, така што лажно им претставил дека, ако го вкусат забранетиот плод, ќе добијат благо кое без тоа не можат ни да го замислат – ќе станат како богови. Тие поверувале и вкусиле. Тој чин можеби и не е голем, но е лош, оти поверувале на знаејќи кому. Можеби тоа не би било толку важно, да ги немало тие страшни престапни мисли и чувства кон Бога кои лошиот дух како отров ги влеал во нивната душа. Им кажал како Бог им брани да го вкусат плодот од тоа дрво за и тие да не станат богови. Поверувале во тоа. А бидејќи поверувале, не било можно да не примат и хулни помисли за Бога, дека Он божем им завиди и дека кон нив се однесува недобронамерно; а кога ги примиле таквите помисли, не можеле да ги разминат ни некои лоши чувства кон Него и самоволни одлуки: значи, сами ќе го земеме она што Ти не сакаш да ни го дадеш. Ете каков е Он – помислиле во своето срце за Бога – а ние мислевме дека е добар. Е сега самите себе ќе се промениме, за инает Нему. Тоа биле тие страшни и престапни мисли и чувства! Тие означуваат отворено отстапување од Бога и непријателска побуна против Него. Во прародителите се случило она што се припишува на злиот дух: над облаците ќе го поставам престолот свој и ќе бидам еднаков со Вишниот – и тоа не како минлива мисла, туку како непријателска одлука. Така совеста се вообразила и слободата станала своеволна, земајќи самата да ја одредува својата судбина. Отпаднувањето од Бога било потполно, со некакво гнасење, како непријателска побуна. Заради тоа Бог отстапил од таквите престапници – и живиот сојуз е прекинат. Бог секаде е и се држи, но во слободни суштества влегува само кога самите ќе Му се предадат. Кога пак се затвораат во себе, Он не ја нарушува нивната самостојност, туку ги чува и држи, но во нив не влегува. Така и нашите прародители биле оставени сами. Да се покајале брзо Бог можеби би им се вратил, но тие останале упорни и покрај јавното разобличување, ни Адам ни Ева не станале свесни за својата вина. Уследил и судот и казнувањето со изгонување од рајот. Тогаш се освестиле, но било доцна. Морале да ја понесат заслужената казна, а по нив ја понел и целиот човечки род. Благодарност кон Семилостивиот Бог, оти иако отстапи од нас, не не отфрли, туку устрои прекрасен начин повторно да не соедини со Себе.

Но отидов малку предалеку. Вниманието треба да го задржиме на она што се има случено внатре во човекот. Еве што: духот имал власт над душата и телото бидејќи бил во живо општење со Бога и од Него добивал Божествена сила. Кога се пресекло живото општење со Бога, се пресекол и дотокот на Божествената сила. Духот, препуштен на себе, веќе не можел да владее со душата и телото, туку тие ја земале превласта. Со човекот завладеала душевност, а низ душевноста – телесност, и тој станал душевен и телесен. Духот бил без власт. Тој своето постоење го покажува час со стравот Божји, час со немир на совеста, час со незадоволство со се материјално, но на неговите истапи не се обрнува внимание, туку сета грижа е свртена кон уредување на својот овдешен, материјален живот, што е и функција на душата, материјалното – затоа што овдешниот живот е поврзан со телото затоа што се што е телесно е опипливо и изгледа неопходно.

Кога дошло до такво нарушување на поредокот во меѓусебните односи на деловите на нашата природа, човекот веќе не можел да ги гледа работите во вистинско светло, не можел своите потреби, желби и сетила да ги држи во потребен ред. За нив карактеристична станала состојбата на нередот. Но таа лоша состојба некако и би била поднослива да не се страстите, но се појавиле страстите кои го угнетуваат човекот. Гледајте како гневливиот го мачи гневот, како грозница. Гледајте како од завидливиот тече завист, јадникот помодрел. Како страдалникот го исцрпело страданието, станал – коска и кожа. Такви се страстите. Влегле во човека заедно со неговата самостојност (во однос на Бога). Штом прататкото рекол: значи, сам сум, во него се вовлекла самостојност – тој отров и сатанско семе. Од неа потоа се развило мноштво страсти: гордост, завист, омраза, страдание, униние, алчност и сетилност – со сите свои многубројни и различни породи. Размножувајќи се внатре тие уште повеќе го вознемируваат човекот, но и без нив таму владее метеж.

Значи, ете во што се состои болеста. Заради тоа (духот) ја изгубил власта и потпаднал под владение на душата и телото и се надворешно. Оттаму неред во душевнотелесните потреби и желби, а особено нивната неумереност. Тоа, дека се неумерени, им го соопштува духот кого го поробиле. Сами по себе тие не се така будни, туку се умерени. Тоа, дека немаат мерка и дека биваат разбранувани доаѓа оттаму што духот е поробен и повикува на помош во нив, оти тој по природа има безгранична енергија. Оттаму прејадување, пијанство, трупање на пари... и се друго, на што човек не знае да ја одреди мерката. Но главна болест претставуваат страстите – тирани дојдени од страна.

Немојте сега веднаш да прашате: што е потребно за во нас се да се врати во првобитен ред? За тоа ќе ви пишувам следниот пат, а Вие дотогаш размислете.

(Продолжува)       

Подготви: Б.Ѓ.

 

Посети:{moshits}