ШТО Е ДУХОВЕН ЖИВОТ И КАКО ДА СЕ ОСПОСОБИМЕ ЗА НЕГО (19)

Свети Теофан Затворник

Првородениот грев како извор на внатрешниот немир и неред. Можност за лечење на човековата состојба повредена од гревот.

zrze.jpgВи пишав да размислите и ветив дека ќе објаснам од каде во нас семе на внатрешен немир и неред, но Вам тоа веќе Ви е познато. Изгледа дека тука нема што да се размислува, туку само да се потсетиме во што веруваме. Веруваме дека тоа семе во нашата природа не го положил Творецот кога го создавал  човекот, туку е внесено по создавањето – по сила на падот на нашите прародители, кои, престапувајќи ја заповедта, ја повредиле и расипале  нашата природа, и така повредена и растроена ја предале на своето потомство, то ест на целиот човечки род. Така тоа семе преминало и во нас, и претставува причина на пометеност и неред во нас, од кои потекнуваат сите нереди и однадвор, и во секој поединечен човек, и во семејна и во општествена смисла. Оти тој неред, кој го добиваме во семе при раѓање но не ни е природен, не и припаѓа на човечката природа, суштински не е нејзин за човек да не може да живи без него, туку напротив, дури без него човекот е вистински човек. Тоа е наша болест и само кога ќе ја отстраниме можеме да бидеме здрави онака како што би требало да бидеме по природа, како што таа излегла од раката на Творецот. Ве потсетувам на Вашата желба да останете на рамништето на човечкото достоинство. Лечете ја во себе споменатата болест и ќе станете такви.

Запомнете дека нашиот внатрешен метеж и неред ни се здобиени при раѓање, но не ни се природни, и не го чинат битниот дел на нашата природа, туку се вметнале меѓу вистинските делови на нашата природа како би ги расипале  и кога е во прашање дејствувањето на секој од нив поединечно, и кога се во прашање нивните меѓусебни односи. Кога тоа би било природно, тогаш со своето присуство не би донеле страдања и маки какви што ние доживуваме. Она што е природно носи радост во животот, она што не е притиска и мачи. Од друга страна, ако тоа би било природно, тогаш би се покажало дека некој е слободен и чист од тоа, а тоа веќе не би бил човек. Знаеме исто така дека сите кои во Него се облекуваат добиваат надеж да се очистат, како што е Он чист (1. Јн. 3,3) и да Му бидат слични.

Запомнете, велам, дека тој неред ни е здобиен при раѓање, но не ни е природен – запомнете и држете се цврсто до тоа уверување. Тоа уверување во Вас ќе ја поддржува ревноста за лекување на оваа болест. Ако не е природна тоа значи дека постои можност таа да биде излечена. Кој не би се одушевил со можноста да се излекува кога има таква надеж? Нашата природа во чист вид е вредна за почит. Кога е таква, тогаш и самите ангели ја гледаат со љубот и восхит. Зар не би сакале и ние да ја видиме таква, и тоа не кај други, туку во нас самите? Напротив, ако таа болест е природна, нема да ја излекуваш. Таа тогаш ќе остане занавек, колку и да се трудиш да ја изгониш. Тогаш ја прифаќаш таа мисла, се предаваш и си велиш во себе: така сигурно и треба да биде. А тоа и е онаа погубна затапеност, во која кога некој ќе падне се предава на разузданост, па чини секакви нечистотии (Еф. 4,19)
Пак повторувам: држете се до уверувањето дека нашиот неред не ни е природен, и не слушајте ги оние што велат: што има тука да се толкува – па ние сме така создадени, тука ништо не може да се направи. Ние не сме така создадени и ако се потрудиме како треба ќе направиме нешто со себе.

Сето ова Ви го објаснувам за да се потрудите околу себе и да не ги преживувате повторно оние маки кои што ги имате проживеано, туку напротив, да ја пресечете во себе и самата таква можност. Треба да размислите како тоа да се достигне.

(Продолжува)      

Подготви: Б.Ѓ.

Посети: {moshits}