МИСИОНЕРСКИ ПИСМА
8. Писмо

До поп Каран: За светската криза
Ме прашуваш, Божји човеку, од каде е сегашната криза и што таа значи?
Кој сум јас па мене да ме прашуваш за една ваква голема тајна? „Зборувај кога имаш нешто подобро од молчењето“, вели свети Григориј Богослов. И иако мислам дека молчењето сега е подобро од секој збор, сепак од љубов кон тебе ќе ти го изложам она што смирено го мислам за прашањето.
Кризата е грчки збор и значи суд. Во Светото Писмо овој збор се употребува многупати. Така Псалмопеецот вели: „Затоа безбожниците нема да се одржат на судот“ (Пс. 1,5). На друго место пак: „Ќе пеам за верноста и за правдата “ (Пс. 101,1). Мудриот Соломон пишува дека од Господ е судот за секого (Изр. 29,26). Самиот Спасител рече дека Отецот целиот суд Му го даде на Синот, а малку подоцна пак: „Сега е судот на овој свет“ (Јн. 5,22; 12,31). Апостол Петар пак пишува: „Зашто е време судот да започне од домот Божји“ (1 Петр. 4,17).
Замени го зборот суд со криза и читај: Затоа безбожниците нема да се одржат на кризата. – Ќе пеам за верноста и за кризата. – Од Господ е кризата за секого. – Отецот целата криза Му ја даде на Синот. – Сега е криза на овој свет. – Зашто е време кризата да започне од домот Божји.
До сега европските народи го употребуваа зборот суд, а не криза, секогаш кога ќе ги снајдеше некоја неволја. Сега само нов збор го заменил стариот – разбирливиот со неразбирлив. Кога имаше суша, се велеше: суд Божји; кога поплава – суд Божји; кога војна или помор – суд Божји; кога град, земјотреси, скакулци, глувци и други беди – пак и секогаш: суд Божји. А тоа значи: криза преку суши, криза преку поплави, преку војни, помори и така натаму. И сегашната финансиско-економска неволја народот ја смета како суд Божји, но не вели суд, туку криза – за да биде неволјата уште поголема преку неразбирање. Зашто додека се изговараше разбирливиот збор суд, се знаеше и причината поради која дошла неволјата; се знаеше и Судијата Кој ја допуштил; и најпосле се знаеше и целта на допуштената неволја. А кога се употреби зборот криза, неразбирлив за сите, никој веќе не знае ни зошто, ни од кого, ни кон што.
Ме прашуваат за причината на сегашната криза, односно на сегашниот суд Божји. Причината е секогаш и засекогаш иста: богоотпадништвото на луѓето. Со гревот на отпаѓање од Бога луѓето ја предизвикале оваа криза, а Бог ја допуштил за да ги разбуди, освести, одухови и кон Себе ги врати. Современи гревови – современа криза. И навистина, Бог се послужил со современи средства за да ги вразуми современите луѓе: удрил по банките, по берзите, по финансиите, по валутите. Ги превртел менувачките маси низ целиот свет, како некогаш во храмот ерусалимски. Предизвикал невидена паника меѓу трговците и менувачите на пари. Крева, руши, меша, збунува, заплашува – сè за да се разбудат, освестат и одуховат гордите глави на европските и американските мудреци. За да се сетат на својата душа, тие што се закотвиле во пристаништата на материјалната сигурност, да ги признаат своите беззаконија и да Му се поклонат на Бога Севишниот, Живиот Бог.
Колку ќе трае кризата? Додека духот на луѓето остане непроменет. Додека гордите предизвикувачи на оваа криза не капитулираат пред Семоќниот. Додека луѓето и народите не се сетат неразбирливиот збор криза да го преведат на својот јазик и со воздишка и покајание да извикаат: суд Божји!
Кажи и ти, чесен оче, суд Божји наместо криза – и сè ќе ти стане јасно.
Поздрав и мир.
Свети Николај Охридски и Жички
Подготвил Симеон Стефковски
30.12.2025
Друго:



- МИСИОНЕРСКИ ПИСМА: Владика Николај Велимировиќ 4. Писмо
- МИСИОНЕРСКИ ПИСМА: Владика Николај Велимировиќ 5. Писмо

-
МИСИОНЕРСКИ ПИСМА: Владика Николај Велимировиќ 6. Писмо
