Свети Теофан Затворник

 Како светите ги слушаат нашите молитви. Додаток за молитвата.

Многу ми е драго што Ви се допаднало моето излагање за таа стихија. Запомнете го тоа добро и секогаш имајте го во мислите. Ќе видите колку ќе Ви користи. Колку работи тоа објаснува и колку утеха ни носи! Веројатно сте биле во прилика да го чуете прашањето – како светите ги слушаат нашите молитви, или можеби и сами на себе сте си го поставувале тоа прашање. Барајќи одговор сите нешто објаснуваат и објаснуваат, а прашањето и понатаму останува отворено. По мене, ако постои таква стихија, како светителите би можеле да ги чујат нашите молитви? Вие знаете како работи електричниот телеграф? Во Петербург, на пример, ќе го употребат тој одреден апарат и во истиот момент тоа се одразува на сличен апарат во Москва, така што стигнува порака со исто значење со какво е испратена. Како се случува тоа? Така што во прашање се апарати од ист вид и што ги соединува тенка жица која е поставена меѓу нив. Работата на таквиот телеграф е како наша молитва. Ние и светите сме како два апарати од ист вид; средината во која пребиваат светите и која ги окружува нашите души – тоа е проводник. Кога вистинската молитва – срдечната – ќе се придвижи во душата, таа по стихијата, делувајќи врз неа, како зрак светлост прелетува до светите и им кажува што сакаме и за што се молиме. Помеѓу нашата молитва и нејзиното услишување не постои меѓупростор – потребно е само молитвата да оди од срце. Тоа е нашиот телеграфски апарат за небото. А оние молитви кои не доаѓаат од срце, туку само од главата и јазикот, не даваат светлост која се искачува на небото и не се слушаат таму. Тоа всушност и не е молитва, туку само нејзин привид.

Можеби тоа не сте го забележале, но опишавте опитна потврда на она за што зборуваме. Пишувате дека ревносно сте се помолиле и дека истиот час сте се смириле, оти сте добиле внатрешно уверување дека ќе бидете поштедена од она што Ве притискало; а потоа тоа и навистина се случило. Ете, гледате дека мојата споредба на телеграфот со срдечната молитва е точна, која по таа стихија невидливо се спроведува кон небото. Од Вашето срце тргнало биење на срцето или зрак кон небото, а по истата таа линија или истиот таков зрак од небото до Вашето срце стигнал одговор на она што Ви било потребно. Така бива секогаш со сите молитви кои исходат од срцето. Исполнувањето на таквата молитва не следи истиот миг, но веднаш бива услишено.
 
Не можам доволно да се изнарадувам што така било и со Вас. Дај Боже и почесто да Ви биде така. Сетете се како се молевте и секогаш трудете се да се молите така, за да молитвата тече од срце и за да не биде произнесена (изговорена) само со јазикот или умот.

Ако така ја наредите, тоа воедно и ќе Ви биде и практично решение на прашањето како да постапите како би живееле во духот. Оти таквата молитва е живот на духот. Духот пребива во Бога и е соединет со Него, и во тоа е сета сила на неговиот живот. Знајте дека духот живее само тогаш кога човек се моли онака како што Вие сте се помолиле. Кога нема таква молитва, тоа значи дека тој замрел, ако не е и сосема загушен.

Нема да кријам од Вас дека, иако сте се помолиле така, тешко дека ќе можете секогаш така да се молите. Таквата молитва ја дава Бог или ја поттикнува ангелот-чувар. И таа доаѓа и си оди. Од тоа пак не следи дека ни е дозволено да ја оставаме молитвата. Таа доаѓа кога некој се труди, а кој не се труди, кај него не доаѓа. Гледаме дека светите отци многу се труделе на молитва и дека со тој дух го загревале молитвениот дух во себе. Во своите дела ни оставиле забележано како стигале дотаму. Се она што на таа тема тие имаат кажано ја сочинува науката за молитвата која претставува наука над науките. Ќе дојде време па ќе ја поминам со Вас таа наука, а сега само ја допрев на поминување. И уште да додадам: нема ништо поважно од молитвата. Сходно на тоа, над неа треба да се потрудиме поревносно отколку над било што друго. Дарувај ни Господи ревност во таквиот труд.

Вашите смирени мисли за себеси и чувствата се ангелски. Но, како ангелите се совршени и светли! Тие се потполно смирени, посмирени од било кој човек. Смирената душа секогаш е светла. Помрачувањето на душата секогаш започнува кога таа ќе почне многу да мисли за себеси, оти тоа е дело на мрачните сили. Нека Господ Ви дарува никогаш да не изгубите такви чувства, за секогаш да бидете во светлост.

Ете пак скршнавме од нашето прашање. Стрпете се уште.

(Продолжува)   

Подготви: Б.Ѓ.