Да се понизиш значи да се смириш од страстите и помислите што ја убиваат душата ╫ Монах Симеон АТОНСКИ

sv.Amvrosie

Робовите на умот и победниците над смртта




Најдиректниот пат кон смирението на самозадоволниот ум -  е целосно откажување од интелектуалните игри кои водат до опседнатост, роптање и богоборство,завршувајќи со прерана смрт. Стекнувањето на Божествената благодат со помош на смирението е единствениот излез од ќор-сокакот на животот што произлегува од нашиот вообразен ум.

Ако самозадоволниот ум, подвизувајќи се во смирението и одрекувањето од сопствената волја, одново и одново раѓа во себе интелектуално сфаќање на духовниот живот, тој е лишен од секаква благодат и се враќа, како куче, на својата повраќаница, конечно  потонувајќи во своите заблуди.

Ако умот сака да излезе од овие заблуди, тој е должен засекогаш да го отфрли постојаното размислување што го убива.


Смирението е спротивно на самоувереноста.


Можеш ли да бидеш толку самоуверен ако особините на твојот ум ти се дарувани од Бог и во одреден миг може да ти бидат одземени и предадени на друг? Ако сите теории и системи можат да пропаднат за еден ден, како можеш да  се потпираш  на нив?


Избери ја благодатта, придобиј ја и таа ќе те сочува од пропадливиот здив на времето, зашто во неа е зачувана самата вечност. Можеш ли да бидеш толку самодоволен и надуен од суета како балон, ако смртта го грабне твојот живот како свиреп ветар, фаќајќи те за гуша во креветот или на работа или кога си на пат или кога одмараш?


Можеш ли да се фалиш со своето богатство, кое може да исчезне за миг, или да се фалиш со својот горд ум, кој може да те изневери во најнеочекуваниот момент?


Ништо не ни е толку неопходно на сите како смирението, и ништо не е толку непожелно како самозадоволството, кое го попречува развојот на духовните способности на човекот.
Да се смириш -  значи да се успокоиш од страстите и помислите кои ја убиваат душата. Да се смириш значи да го свртиш вниманието навнатре со помош на молитвата. Умот, свртен навнатре, неизбежно ќе го најде во своето скромно срце духовното Сонце што никогаш не заоѓа - Христос и ќе остане таму засекогаш, отфрлајќи го самозадоволството и наоѓајќи го во Бога изворот на вечниот Живот.



Монах Симеон Атонски / Извор: pravoslaven-sviat.org
За Преминпортал Симеон Стефковски

2ри јануари 2023 лето Господово