За лагата

TViTer120.Ava.Dorotej


          Постојат три различни лаги. Постои лажливец во мислите, постои лажливец во зборовите и постои таков што лаже со самиот свој живот. Лаже во мислите оној што прима предрасуди за другите. Тој гледа дека некој разговара со својот брат и почнува да претпоставува, говорејќи: „Тој зборува за мене“. И ако го прекинат разговорот, повторно се сомнева дека разговорот го прекинале заради него. Ако некој каже збор, тој претпоставува дека е кажан заради негова огорченост, и едноставно тој во секоја ситуација се сомнева во ближниот, говорејќи: „Тоа го направи заради мене. Тоа го рече заради мене. Заради тоа, го направи ова“. Тој е лажливец во мислите. Никогаш не зборува од вистината, туку секогаш од сомнежот. Оттука доаѓа и љубопитноста, озборувањето, прислушкувањето, судирите, осудувањето.
          Со збор лаже оној што, станувајќи мрзелив да оди на бдение, не вели: „Прости, бидејќи бев мрзлив да станам“, туку: „Имав оган, несвестица и не бев во можност да станам. Бев слаб.“ И тој говори десет лажни зборови, наместо да направи поклон (да се покае) и да се смири. И ако некој го укори заради тоа, тој продолжува да врти со зборови и да ги подесува (само) за да не претрпи прекор. Ако сака нешто, тој не допушта да си каже себеси: „Јас го сакам тоа“, туку продолжува да заобиколува со своите зборови и вели: „Страдам од ова, и тоа [нештото] ми е неопходно“ или: „Заповедано ми е тоа да ми се даде“. И зборува толку многу лаги, сѐ додека не ја исполни својата желба.
          Секој збор настанува или од сластољубие, или од среброљубие, или од славољубие. Исто така и лагата настува од овие три. Некој лаже или за да не се укорува и смири, или да ја задоволи својата желба, или да се здобие со нешто. И не престанува да се врти таму-ваму, обманувајќи со зборови, сѐ додека не ја исполни својата цел. На таковиот човек никогаш не му се верува. Дури и да каже некогаш вистина, никој не може да му верува, бидејќи се сомнева и во вистината што ја кажал.
          Лаже со животот оној што, бивајќи развратник, се претвора дека се воздржува, или оној што, бивајќи користољубив, зборува за милостиња и го фали сочувството, или оној што, бивајќи горд, му се восхитува на смирението. Тој не му се восхитува за да ја пофали добродетелта. Ако зборувал со таква намера, најпрво тој со смирение ќе ја исповедал својата слабост, говорејќи: „Тешко на мене, покајниот, бидејќи се испразнив од секое добро“. Тогаш, иако лично грешејќи, сепак би се допрел до доброто. Тоа е лажливец со својот живот. Тој не е едноставен човек, туку двоен. Еден од внатре, еден од надвор. И неговиот живот е двоен и срамен.
         Ете, рековме дека лагата е од злобниот. Рековме и дека вистината е Бог. Значи, да бегаме браќа од лагата, за да го избегнеме учеството во злото. Бог нека нѐ удостои со Својата вистина. Слава и сила на Него во вековите. Амин.


Ава Доротеј

 

Избор од фб профил на Katica Prodanova