TViTer40


Да продолжиме со нашите подвизи и да не очајуваме. Во ова го имаме за помошник нашиот Господ, како што е напишано: „Знаеме дека на оние што Го љубат Бога, сè им врви добро“ (Рим. 8, 28). А на тоа дека не треба да бидеме малодушни, нè поучуваат и зборовите на апостолот кога вели: „Секој ден умирам, браќа“ (1 Кор. 15, 31). Ние нема да грешиме, ако живееме како оние што умираат секој ден. Смислата на тие зборови е во следново: секој ден кога се будиме, да помислиме дека нема да преживееме до вечерта, а навечер, кога легнуваме да спиеме – да помислиме дека нема да се разбудиме. Бидејќи, според природата на нештата, должината на нашиот живот не ни е позната, ниту се знае колкава мера секојдневно ни остава Промислата. Ако секојдневно живееме со ваквото расположение, ние ниту ќе грешиме, ниту ќе похотствуваме, ниту ќе се гневиме, ниту ќе собираме богатства на земјата. Секојдневно очекувајќи ја смртта, ќе стекнеме љубов кон сиромаштвото и на сите сè ќе им простуваме.

Похотта за жена, или некое друго нечисто задоволство, ниту еден миг нема да ги задржиме кај себе, но бргу ќе ги одбиваме, секогаш зафатени со борби и очекувања на судниот ден. Зашто големиот страв од маките, ја уништува пријатноста на задоволствата и ја подига душата што е близу до падот.

Верувај во Господа и љуби Го Него, чувај се од нечистите помисли и од телесни задоволства, и како што е напишано во книгата Мудри Соломонови изреки: „не измамувај се со пренаситување на стомакот“, бегај од гордоста, моли се непрестајно, читај псалми пред и после спиење, проучувај ги заповедите што ти ги даде Светото Писмо, спомнувај си за делата на светиите, та твојата душа, помнејќи ги заповедите Божји, да може да се угледа на нивната ревност.

Многумина од нашиот род се облечени во облеката на побожноста, тие станале монаси. Но, од нив, само некои го направиле тоа со сето свое срце и се удостоиле да го стекнат избавувањето што ни беше донесено, со доаѓањето на Господ Исус Христос. Тие се оние, заради кои се радувам. Другите, пак, откако ја презреа силата на својот завет, постапуваат според волјата на плотта и по склоностите на срцето, заради што доаѓањето Господово за нив стана изобличување. Тие се оние, заради кои тагувам. Најпосле некои, помислувајќи на должината на подвигот, паднаа со духот, ја отфрлија од себе облеката на благочестието и станаа бесловесни. Тие се оние, заради кои плачам, бидејќи доаѓањето на Господа ним им е за осуда.

Заповедите што ни ги предале апостолите, нè вовеле во прекрасно ропство, за да можеме да загосподариме над нашите страсти и со добродетелите да го вршиме прекрасното служење. А оние што ќе ѝ пристапат на благодатта со личен опит, ќе ги познаат движењата на Светиот Дух и ќе ја спознаат својата лична состојба, па доаѓајќи до тоа сознание, ќе почнат да говорат: „Ние не примивме дух на ропство, за да бидеме во страв, туку Го примивме Духот на посиновувањето, преку Кого велиме: Авва Оче!“ (Рим. 8, 15).

Свети Антониј Велики

https://www.tiveriopol.mk/ne-primivme-duh-na-ropstvo-za-da-bideme-vo-strav/?fbclid=IwAR1s1h9z73nvl1iHtpOgTq9fAJXtCRqdd4JoyM_WJK0YiPi_2Px-0cRMEyY