TViTer48
НЕ ПЛАЧИ, ЧЕДО МОЕ,
НАБРЗО ЌЕ ДОЈДЕ ГОСПОД
И ЌЕ УРЕДИ СÈ


Знаеш ли, чедо мое, зошто се затвораат облаците тогаш, кога полињата се жедни за дожд, а се отвораат тогаш, кога полињата не сакаат дожд?
Од злосторството на луѓето се збуни и природата, и го напушти својот ред.
Знаеш ли, чедо мое, зошто нивите донесуваат тежок плод на пролет, а во лето даваат јалова жетва?
Затоа што и ќерките човечки го замразија плодот на својата утроба, и го убиваат уште во цутот.
Знаеш ли, чедо мое, зошто изворите пресушуваат, и зошто плодовите на земјата ја немаат повеќе онаа сладост, што ја имаа порано?
Поради гревот човечки, од кого влезе немоќта во сета природа.
Знаеш ли, чедо мое, зошто победоносниот народ трпи порази од својата неслога и раздор, и јаде леб загорчен од солзи и пакост?
Затоа што ги победил душманите околу себе, а не ги победил во себе.
Знаеш ли, чедо мое, зошто мајката ги храни, а не може да ги нахрани своите деца?
Затоа што, доејќи ги не им пее љубовна песна, туку песна на омраза кон соседот.
Знаеш ли, чедо мое, зошто луѓето станаа грди и ја изгубија убавината на своите претци?
Затоа што го отфрлија ликот Божји, што однатре од душата ја прави убавината на ликот, и облекоа земски лик.
Знаеш ли, чедо мое, зошто се умножија болестите и страшните помори?
Затоа што луѓето почнаа да сметаат дека здравјето е грабање од природата, а не дар од Бога. А она што се граба со мака, со двојна мака мора и да се чува.
Знаеш ли, чедо мое, зошто луѓето се борат за земја, и не се срамат од својата еднаквост со кртовите?
Затоа што земјата им никнува низ срцето, па очите го гледаат само она што расте во срцето. И затоа што, чедо мое, гревот премногу ги изнемоштел за борба за небото.
Не плачи, чедо мое, набрзо ќе дојде Господ и ќе уреди сè.


† Епископ Николај Охридски и Жички

 

Православие.Мк †