sv.vasilij.veliki.jpg…Доколку продолжам да ги опишувам сите занимавања кои му содејствуваат на Евенгелието Христово и на силата на оваа заповед нема да ми биде доволен цел ден. Таа едноставно им прилега на сите. Внимавај на себе, биди трезвеноумен, промислен, чувар на сегашното, но и промислител за идното. Немој заради невнимание да го испуштиш од рацете она што веќе постои. Немој да сметаш дека ти е во рацете и дека се насладуваш со она што не постои, а можеби нема ни да постои. Зашто, младите луѓе по природа имаат слабост лесномислено да сметаа дека го поседуваат она на што само се надеваат. Штом се умира или се најдат во ноќна тишина, тие си создаваат непостоечки фантазирања, со леснотијата на разумот пренесувајќи се секаде. Тие себе си ветуваат значајност во животот, сјаен брак, добри деца, длабока старост, сеопшто почитување. Бидејќи не се во состојба да ги запрат своите надежи на нешто, тие се гордеат и со она што луѓето го сметаа за најголемо. Тие стекнуваат прекрасни, огромни куќи и ги исполнуваат со најразлични скапоцености, оградуваат онолку земја колку што испразноста на нивните помисли одвоила од сецелата создаденост, и приходите кои од неа ги добиваат ги затвараат во ризниците на суетата. Потоа придодаваат стада, неброено мноштво слуги, граѓански начелства, управување со народите, старешинство над војската, војни, трофеи, па дури и царска власт. Добивајќи го сето кажано во пустите фантазии на разумот, тие заради своето прекумерно безумие си вообразуваат дека со она на кое се надеваат веќе се насладуваат како присутно и фрлено пред нивните нозе. Гледање соништа во будна состојба на телото, претставува болест која е својствена на мрзливата и негрижлива душа. Запирајќи ја раслабеноста на разумот и запаленоста на помислите, зборовите (на Писмото) како со некоја узда ја задржуваат нивната непостојаност, давајќи им голема и мудра заповед, изговарајќи: Внимавај на себе. Немој да го замислуваш она што не постои, туку на своја корист располагај со она што постои. Мислам дека законодавецот го употребува тој совет и заради искоренувањето на уште една вообичаена страст. Имено, на секој од нас полесно му е да се занимава со туѓото, отколку да го разгледува своето сопствено. За да не н& се случи наведеното, тој вели: “Престани грижливо да ги гледаш пороците кај другите и своите помисли да ги запослуваш во испитување на туѓата немоќ”. Напротив, внимавај на себе, односно, заврти го душевното око кон истражување на самиот себе. Зашто, по зборовите Господови, “многумина ја приметуваат раската во окото на братот свој, а гредата во своето око не ја чувствуваат” (Мт. 7, 3). Затоа непрестано испитувај се самиот себе (со намера да утврдиш) дали животот ти е согласен со заповедта. Немој да го испитуваш надворешното (со намера) дека во некој ќе најдеш некој недостаток, угледувајќи се на суровиот и горделив фарисеј кој се оправда себе и го понижи цариникот. Напротив, непрестано осудувај се самиот себе. Разгледај дали во нешто си погрешил со размислувањето, дали некаде јазикот ти го надитрил разумот, дали меѓу делата на твоите раце се најде нешто непромислено.

Доколку најдеш многу прегрешенија во својот живот (а несомнено ќе ги најдеш, бидејќи си човек), кажи ги зборовите на цариникот: “Боже, биди милостив со мене грешниот” (Лк. 18, 13). Затоа, внимавај на себе. Изреката ќе ти биде корисна како добар советник кој те опоменува на човековиот од, и ако живееш во благосостојба и ако целиот твој живот се одвива во вообичаен тек. Доколку пак, те угнетуваат тешки животни прилики, таа благовремено ќе ти го наслади срцето. На тој начин расеаноста нема да те вознесе до прекумерна гордост, нити насреде очајанието ќе паднеш во малодушно униние. Дали, можеби се гордееш со своето богатство, се гордееш со своите претци, се воодушевуваш на татковината, на телесната убавина и почестите кои ти ги укажуваат? Внимавај на себе, бидејќи си смртен. “Ти си прав и во прав ќе се вратиш (Пост. 3, 19). Погледни ги оние кои пред тебе живееа во слични значајности. Каде се оние кои беа опкружени од граѓански господства? Каде се ненадминливите говорници? Каде се оние што  организираа големи прослави? Каде се славните одгледувачи на коњи, војсководачи, сатрапи, тирани? Зарем не остана само прашина? Зарем не остана само бајка? Зарем не е мал бројот на коските кои останаа како споменик на нивниот живот? Загледај се во гробовите и утврди дали можеш да разликуваш кој е слуга, а кој е господар, кој е сиромашен, а кој богат?, - доколку имаш способност да разбереш кој е роб, а кој цар, кој е силен, а кој слаб, кој е грд, а кој убав. Значи, сеќавајќи се на својата природа, ти никогаш нема да се возгордееш. А себе ќе се сфатиш доколку внимаваш на себе.

(продолжува)…

 Подготви: Михаила Поповска

 Св. Василиј Велики - Внимавај на себе (4)

Св. Василиј Велики - Внимавај на себе (3)

Св. Василиј Велики -Внимавај на себе (2)

Св. Василиј Велики -Внимавај на себе (1)

 

 

 

 

 

Посети: {moshits}