Свети Теофан Затворник


Волева страна на душевниот живот. Нејзините функции. Исправна и неуредна состојба на волевата способност

sv.teofan.Zatvornik.jpgВолева страна. Силата која делува тука е волјата; таа љуби и сака да го стекне, употреби, или направи она што го смета за корисно, или потребно, или угодно за себе, а не љуби и не го сака она што е спротивно од тоа. Немирот на волјата бара одговарачко дејствување, затоа волјата е најдиректната дејствителна сила чија насушна потреба е – да живи и дејствува. Таа ги држи под свое управување сите сили на душата и телото, и сите помошни средства, и сите ги пушта во акција кога ќе затреба. Во нејзината основа лежи ревноста, или усрдноста – копнежот по дејствување, а како причинители покрај неа стојат – пријатноста, корисноста и потребата, кои кога ги нема, ревноста спие, а дејствителните сили губат интензитет и се опуштаат. Тие ја поддржуваат желбата, а желбата ја распламтува ревноста.

Текот на разоткривањето на оваа страна на душата е следниов: Во душата и телото постојат некои потреби кон кои се прилагодиле и животните потребни – семејни и општествени. Тие потреби сами по себе не даваат одредена желба, туку само поттикнуваат да се побара задоволување за нив. Кога еднаш на овој или оној начин дошло до задоволување на потребата, потоа, веднаш по будењето на потребата, се јавува и желба за она со што потребата веќе била задоволена. Желбата секогаш има одреден предмет, кој ја задоволува потребата. Некоја потреба била задоволувана на различни начини, затоа со нејзиното будење се раѓаат и различни желби: час еден, час друг, час трет предмет кој може да ја задоволи потребата. Во така покажаниот човеков живот не можат да се видат потребите вон желбите. Во душата се ројат само овие последните и бараат задоволување, се чини – сами за себе.

Што да прави душата со овие желби? Пред неа стои избор: на кој од посакуваните предмети да му даде предност. Од изборот доаѓа одлуката – да се направи, или земе, или употреби избраното. По донесувањето на одлуката, се прави избор на средства и се одредува начинот и редот на извршувањето. Потоа на крај следува делото, во свое време и на свое место. Секое, дури и најмало дело, се одвива по тој ред. Тоа можете да го проверите на било кое свое дело. Понекогаш по навика сите тие дела се одвиваат во момент, и делото следи веднаш по желбата. Изборот, одлуката и средствата тогаш се земаат од преходните дела и не бараат особена постапка.

Кај постариот човек скоро се се прави по навика. Ретко се случува било каков потфат или почеток кој излегува од вообичаениот поредок на дела и знаења. Така се случува формираниот живот да бара одговарачки дела. Бидејќи тие често се повторуваат, природно е да преминуваат во навика, нарав, правило на живот и карактер. Од вкупноста на сите навики, правила и поредоци на тој вид, се формира начин на живот со одредено лице, како што од вкупноста на утврдените поими се формира начинот на неговото мислење и поглед. Познавајќи нечиј начин на живот можеме да претпоставиме и погодиме што мисли тој во ова или она време и како ќе постапи во одредени околности.

За раководителот на дејствителниот живот поставена е разборитост, која е исто така разум, само што и стои во служба на волјата. Во мисловната област разумот решава што е и како од постоечкото, а во волевата и дејствителната одредува како што треба да се прави за да биде постигнато она што се посакува. Кога разумот ќе навикне тоа да го уредува како треба, тогаш човек своите работи ги извршува воглавном успешно и тогаш оправдано му се припишува разборитост – умешност на успешно водење на делата, со точен избор на средствата според целите, и со ускладување на делата според надворешните околности.

Од ова што е кажано не ќе Ви биде тешко да изведете заклучок за природно-законитата дејност на волјата, која, како што гледате, е господарка на сите наши сили и целиот наш живот. Нејзина работа е да го одредува обликот, начинот и мерката на задоволување на желбите кои се раѓаат од потреби или кои ги заменуваат, за животот да тече како треба, носејќи му на човекот мир и радост. Кај нас постојат, како што е споменато, потреби и желби – душевни, телесни, животни и општествени. Не се појавуваат кај сите еднакво, оти немаат сите ист живот, туку кај едниот е вака, а кај другиот онака. До човекот е да одреди како во својата ситуација може и треба да ги задоволи своите потреби и желби, да избере одговорачки начин и да живи во склад со тоа. Да се води здраво-разумно својот живот според востановената норма, со сите негови дела и потфати – тоа е задача на волевата или дејствителната страна на нашиот живот. Така би требало да биде. Но вдлабочете се во размислување и погледнете што всушност се случува.

Кога станува збор за мисловната страна, стануваме збркани, расеани и мислите ни талкаат, додека во волевата страна владеат непостојаност, неред и каприциозност на желбите, а со нив и на делата. Колку само време ни поминува во неработење и безделништво: одиме ваму или таму, ни сами не знаејќи зошто; работиме и поправаме, а не умееме да дадеме здрав одговор за тоа; се впуштаме од потфат во потфат, и од работа во работа, но од сето тоа произлегува само суета. Се раѓаат само нови желби кои никако не можеш да ги задоволиш: само дај и дај. Се распламтила и нашата господарка – волјата. Погледнете уште, колку е во нас она што ги поттикнува желбите: гнев, омраза, завист, скржавост, суета, гордост и слично. Извор на желбите треба да бидат природните потреби на семејниот и општествениот живот, а што е природно кај сите нив? Тие само ја вознемируваат природата и целиот поредок на животот. Од каде е таа варварска наезда? Ве оставам да размислите за тоа, а јас ќе побрзам кон крајот.

(Продолжува)

Подготви: Б.Ѓ.

Друго:

ШТО Е ДУХОВЕН ЖИВОТ И КАКО ДА СЕ ОСПОСОБИМЕ ЗА НЕГО (6) 

ШТО Е ДУХОВЕН ЖИВОТ И КАКО ДА СЕ ОСПОСОБИМЕ ЗА НЕГО (5) 

ШТО Е ДУХОВЕН ЖИВОТ И КАКО ДА СЕ ОСПОСОБИМЕ ЗА НЕГО (4)

ШТО Е ДУХОВЕН ЖИВОТ И КАКО ДА СЕ ОСПОСОБИМЕ ЗА НЕГО (3) 

ШТО Е ДУХОВЕН ЖИВОТ И КАКО ДА СЕ ОСПОСОБИМЕ ЗА НЕГО (2)

ШТО Е ДУХОВЕН ЖИВОТ И КАКО ДА СЕ ОСПОСОБИМЕ ЗА НЕГО (1) 

 

Посети:{moshits}