3.angeli.so.truba

Во деновите на царот Ирод дојде глас во пустината до Јован, синот на Захарија, и тој дојде на другата страна од реката Јордан, проповедајќи покајно крштение за проштавање на гревовите[1]. Во тие, пак, денови се умножи и бесот на Ирод, кој ја зеде жената на својот брат Филип. И Јован му рече: „Отпушти ја, зашто не е добро да ја земеш жената на својот брат“[2]. Не можејќи од злоба да го поднесе своето изобличување, го фати и го фрли во затвор. Кога дојде денот на неговото раѓање, ќерката Иродијадина заигра пред него и му угоди на царот и на оние што беа на трпезата. И тој ѝ се заколна, велејќи: „Сè што ќе побараш од мене ќе ти дадам, дури и половината од моето царство“[3]. А таа, поучена од својата мајка, рече: „Дај ми ја на оваа чинија главата на Јован Крстител“[4]. Тој, пак, опиен од женска похота, испрати да ја пресечат светлата глава Јованова и нареди да ја донесат на чинија и да ѝ ја дадат на девојката. А таа светлозарна глава, лежејќи на чинијата, го изобличуваше Иродовото безумие и лудило. Иродијада ја зеде главата, ја стави во глинен сад и ја погреба во внатрешноста од својот дворец, не поради набожност, туку за да не се најде до денешен ден, ниту во идниот век. Но некоја благоверна жена, по име Јоана, сопруга на Иродовиот слуга Хуза, ја украде главата и ја погреба на Елеонската Гора, зашто имаше таму своја нива. И тоа се случи по милоста Божја и по волја на Пророкот, бидејќи тој беше пустинољубец уште од младоста и ја избегнуваше овосветската врева. Затоа, без сомневање, беседеше и со ангелите, зашто имаше изглед на ангел и името му беше дадено од Светиот Дух, преку устите пророчки, како што рече Исаија за него: „Ете, Јас го испраќам Својот ангел пред лицето Мое, и тој ќе го приготви Мојот пат пред Мене“[5] односно ќе Ме проповеда Мене – Кој слегувам во тело.

А таа чесна и сеговорлива глава, со светлост ја озаруваше Елеонската Гора до седумстотини шеесет и третата година, со зраци покажувајќи го местото на своето погребение. Таа, пак, глава, имајќи ја пустината наместо сонце, ја хранеше со духовна сладост, принесувајќи и медоносни капки. Од таа чесна глава и змиите трепереа и сите диви ѕверови набожно ѝ се поклонуваа, гледајќи ја нејзината неискажлива светиња, и како славата Господова на неа почива и како страшен глас од неа излегува, со кој ги поучуваше сите несфатливо, покажувајќи го патот на животот, во усните носејќи светлост на покајание, со јазикот носејќи суд праведен, проповед Христова, со рацете скротувајќи ја јароста на сите, со лицето просветлувајќи ги помрачените од лагата, со водите од своите очи измивајќи ги гревовите на сите, со стапките водејќи по патот на мирот, со нозете газејќи го и уништувајќи го ѓаволот, со колената упатувајќи на поклонување, со прстите покажувајќи како треба да се крстиме, прогонувајќи ги бесовите, со умот издигнувајќи се повисоко од небесата, со љубов влечејќи ги сите кон Царството, со верата управувајќи ги сите како кораб и со кроткоста ловејќи како риби со Светиот Дух, горејќи ја идолската лага, тешејќи ги луѓето и давајќи мир со пречистата десница; со неа ја допре и главата Господова, и од неа нацрпе бездна на премудроста, со благодатта и со смелоста надминувајќи ги херувимите и серафимите. Со архангелите ти си ангел, сопрестолник на Божјата почивка; со ангелите си наречен од Бога ангел преку Светиот Дух, бидејќи си бил повозвишен од сета земна природа, како што сведочи и Самиот Господ, велејќи: „Меѓу родените од жена не се јавил поголем од Јована (Крстител) “[6]. Името Јован значи благодат (милост) Господова.

Со вера приоѓајќи кон неговата глава, која денес излезе од утробата на земјата како сонце, се молиме поклонувајќи се пред неа, проповедајќи им го најнапред на живите, а потоа и на мртвите, слегувањето Господово на земјата, и од земјата под земјата, сакајќи да ги изведе оние што седеа во темнина и во смртна сенка[7].

3.angeli.so.truba

Поради тоа, ќе се најде ли некоја уста или јазик што ќе може достојно да го пофали овој голем Претеча Господов, кој се покажа повисок и од небесата, со благодат и со чистота сјаејќи повеќе од сонцето, кој ја овенча вселената со чудеса како со ѕвезди? Затоа ти се молам, Претечо и Крстителу Господов, со таа десница, којашто се осмели да ја положиш врз главата Господова, изведи ме мене, кој сум умртвен од гревовни страсти! Со таа десница заштити ги оние што сега му оддаваат почит на наоѓањето на твојата глава, со која се допре до Недопирливата глава! Со тие пречисти дланки забрани им на видливите и невидливите непријатели кои нè напаѓаат нас – дланки со кои Го прегрна неопфатното Слово на Отецот, Кое е во една Ипостас, но е двоен по природа – Бог и човек! Богогласен Крстителу, погледни нè нас милостиво со твоите милосрдни очи, со кои Го виде Христа како доаѓа при тебе на Јорданските води, и на сите им повика: „Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зема гревовите на целиот свет!“[8] Отвори ги за нас молебно пред Бога твоите пречисти усни, со коишто извика пред сите, говорејќи: „Што правиш, Владико, доаѓајќи на водите, што си ги источил за да ги очистуваш осквернетите, и да Го примаш Неосквернетиот?“

Со тој пречист јазик ослободи ме од гревовните окови, со коишто при своето раѓање го разреши од Гавриила врзаниот јазик на твојот татко, и просветли ја мојата помраченост со твојот пресветол зрак, со којшто од утробата на својата мајка Го виде Христа носен по тело во утробата на Пречистата Богородица Марија, која со мајчинската уста повика, говорејќи: „Од каде со мене ова, при мене да дојде мајката на Мојот Господ?“[9]

Чуј го и услиши го гласот на нашата молитва со тие пречисти уши, со коишто го слушна божествениот глас на Отецот, Кој говореше од небото: „Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Моја волја!“[10] На Тој Единороден Син Божји, Кој благоволи да се воплоти заради наше спасение, припадни и помоли се за нас, кои денес го почитуваме наоѓањето на твојата пречиста глава. Таа, пак, пречиста глава се јави за да се исполни гласот на Гавриил. Таа е остварување на пророштвата, темелот на пророците, поткрепа на мачениците, прекрасен украс на свештениците, похвала на преподобните, учител за воздржување на монасите, столб и тврдина на пустиниците, застапник во Царството Небесно и пазител на целата вселена.

Славејќи го неговиот спомен, да Го прославиме Христа, со беспочетниот Отец и со Пресветиот, Благ и Животворен Дух, сега и секогаш и во веки веков. Амин.

[1] Мк. 1,4.

[2] сп. Мт. 14,4. Мк. 6,18.

[3] Мк. 6,22 – 23.

[4] Мк. 6,25.

[5] сп. Мт. 3,3. Ис. 40,3. Јн. 1,23. Мк. 1,3. Лк. 3,4.

[6] Мт. 11,11.

[7] Иса. 9,2.

[8] Јн. 1,29.

[9] Лк. 1,43.

[10] Мк. 1,11; 9,7.

Изадок од книгата: Свети Климент Охридски. Собрани дела: слова, поуки, житија, Скопје 2012, 286-289.

 

https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/pofalno-slovo-za-glavata-na-sv-jovan/