3.angeli.so.truba

Свети Јован Шангајски (+1966)

Набрзо, откако учењето Христово почна да се проповеда меѓу Незнабошците, следбениците на Христос во Антиохија беа наречени Христијани (Дела 11, 26). Поимот „Христијани“ значеше дека оние кои го носат тоа име, му припаѓаат на Христа – припадност во смисла, на посветеност на Христос и неговото учење. Од Антиохија името Христијани беше раширено на секаде.

Следбениците Христови на драга воља се нарекуваа себе си според името на нивниот возљубен Учител и Господ; а непријателите Христови ги нарекуваа Неговите следбеници Христијани, пренесувајќи ја на нив сета злоба и омраза која ја имаа кон Христа.

Но за брзо време се појавија луѓе кои, иако себе си се нарекуваа Христијани, по дух не беа Христови. За нив Христос претходно кажа: „Не секој што ми вели: Господи, Господи, ќе влезе во царството небесно, а оној што ја исполнува вољата на Мојот Отец небесен“ (Мт. 7, 21). Христос пророкуваше и дека мнозина ќе се прогласат себе си за Самиот Христос: „мнозина ќе дојдат во Мое име, говорејќи: Јас сум Христос!“ (Мт. 24, 5). Апостолите во нивните посланија укажаа дека, уште во нивно време се појавиле лажни носители на името Христово: „И како што сте слушале дека ќе дојде антихрист, и сега веќе се појавија многу антихристи“ (I Јов. 2, 18).

Тие укажаа дека оние кои отстапиле од учењето Христово не треба да се сметаат за свои: „Тие излегоа од нас, но не беа наши“ (I Јов. 2, 19), предупредувајќи за кавгите и несогласувањата во мали работи (I Кор. 1, 10-14). Господ, преку откровението дадено на Апостолот Јован Богослов, строго ги обвинува оние кои се нарекуваат верни, а не постапуваат според нивното име; кое во тој случај би било погрешно за нив.

Каква корист има некој од старите да се нарекува Евреин, следбеник на Стариот завет, на вистинската вера, ако во реалноста не е таков? Таквите Светото Писмо ги нарекува Сатанска зборштина (Откр. 2, 9).

На ист начин, Христијанин, во строга смисла на зборот, е само оној кој го исповеда учењето Христово и живее според него. Назначувањето на Христијаните е за прославување на Небесниот Отец преку животот. Така да засветли пред луѓето вашата светлина, та да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец Кој е на небесата (сп. Мт. 5, 16). Но вистинското прославување на Бога е можно, само ако правилно веруваме и го изразуваме нашето правилно верување во зборови и дела. Затоа, вистинското Христијанство може да се нарече „правилно-славење“ (Православие). Преку зборот „Православие“ го исповедаме нашето цврсто убедување дека токму нашата Вера е вистинското учење Христово. Кога некого или нешто нарекуваме Православно (ортодоксно), со тоа го покажуваме неговото нефалсификувано и нерасипано Христијанство, истовремено отфрлајќи го она што лажно му се припишува на името Христово.

 

Превод од англиски: ѓакон Јани Мулев