3.angeli.so.truba

Св. Ефрем Сириски. Писание: „За стравот Божји и за последниот Суд.“

„Навистина е почеток на мудрост стравот Господов. Мудар е оној кој се бои од Господа. А кој се бои од Господа, тој ги држи сите заповеди Негови, и во целост ја исполнува волјата Негова и го извршува секој збор Негов.
Стравот Божји е врв на сите знаења: каде што него го нема, таму нема да најдеш ништо добро.
Патот Господов е прав пат; по него одат мудрите; а кој не оди по тој пат, тој скита во безизлезни несреќи.
...
Кој се бои од Господа, тој е над секој страв. Тој ги отстранил и ги оставил далеку зад себе сите ужаси на овој век.
...
Смртта, којашто му е страшна на секого и којашто предизвикува ужас кај смтрниците, на богобојазлив човек му изгледа како гозба. Дури и смртта се плаши да му се приближи на оној кој се бои од Бога, и дури тогаш му се приближува кога ì е наредено да ја раздвои неговата душа од телото.
...
Каде што превладува страв Божји, таму владее смирение...
Но, бидејќи престанавме да се боиме од Бога, пред Кој сè трепери, ние се боиме од животните коишто се под наша власт и коишто во самиот почеток ни ги предал нашиот Творец да ни служат: не за да се плашиме од нив, туку тие да се плашат од нас.
Ние го изопачивме прекрасниот поредок, така што сега се плашиме и бегаме од животните, затоа што веќе го немаме во себе стравот Божји. Не се плашиме од Бога, но затоа се плашиме од животните. Бидејќи не ги почитуваме заповедите Божји, чувствуваме ужас дури и од бубачки. Со страв бегаме од гнасен и одвратен црв. Бог ни одредил да го газиме со нозете, а ние со ужас трепериме пред него.

Се плашиш од проколнатата змија, а не се плашиш од Бога? Од шкорпија бегаш со ужас, а не трепериш пред Божјото слово? Лавот во тебе предизвикува смртен страв, од мечка, тигар и од пес бегаш во ужас и во трепет. Но стравот Божји во јамата ги врза во окови лавовите коишто беа затворени со праведникот кој се боеше од Бога. Телото на светиот за забите нивни беше како железо, и тој ги скроти ѕверовите зашто беше исполнет со страв Господов.

Бидејќи престанавме да се боиме од севишниот Бог, дојде гревот со своите ужаси и нè наведе на страв и трепет. Кој прави грев, гревот во него предизвикува страв, и човекот мора пред него да трепери и да го сокрива; зашто, гревот е смртен отров. Гревот со себе носи страв и мора да се сокрива веднаш откако ќе биде сторен; затоа што не сака да се разоткрие колку е гнасен и погибелен.

Бидејќи гревот е гнасен, тој се крие; бидејќи е отров, тој се сокрива; а кога не би бил толку омразен, не би се стремел кој тајност, и кога не би бил толку отровен, не би сакал да остане во тајност. Од човек што прави грев, самиот грев бара човекот да се плаши од него, да го сокрива во себе и да не го покажува, зашто, инаку, би се видела сета гнасотија на гревот. Гревот се бои од прекор, го избегнува срамот, зашто се срами од својата унакажаност и не сака да види светлина. Окото избегнува и да го погледне оној што има одвратно лице, а оној што има прекрасно лице, окото сака да го гледа. Бидејќи темнината е особено гнасна, ниту едно око не сака да ја види, а бидејќи светлината е особено пријатна, ниедно око не може да ì се изнагледа. Гревот лази во темнината и бега од светлината; зашто, кога би се покажал во светлината, секој би бегал од него. Гревот талка во темнината и се стресува од најмал звук. Кој прави грев, се плаши и од сопствениот глас.

Ако тајното извршување грев предизвикува толкав страв кај грешникот, колку ли ќе биде голем неговиот ужас кога гревот ќе се разобличи? И ако гревот уште тука го фрла грешникот во таков ужас, какво ли измачување ќе предизвика во него кога ќе застане пред Судијата? И крадец и прељубник чувствуваат срам кога ќе ги види еден човек; каков ли срам ќе ги обземе кога ќе мораат да застанат таму каде што ќе ги гледаат и небото и земјата?“


Подготвил : Михајловиќ Драган (недоктор по телолошки и философски науки)





http://preminportal.com.mk/duhovnost/stavovi/1933-zoshto-ni-e-itno-potrebna-veronauka#comment-1865