Свети Теофан Затворник

Три страни на човечкиот живот. Прва страна: телесен живот, неговите органи и потреби; нормална и прекумерна грижа за телото

Колку прашања поставивте по повод претходните две писма! Тоа покажува дека сте вредна, жива, и духовно љубопитна ученичка, и ветува успех. Заради тоа јас уште повеќе имам желба да Ви пишувам. Но нема на се да Ви одговорам сега, туку некои прашања ќе ги оставам за друг пат. Ќе се позанимавам со она што Вас најмногу Ве интересира. Пишувате: „Вашите зборови за страните, силите и потребите на човечката природа ме водат внатре во себе. Влегувам. Гледам понешто, но поголемиот дел останува час замаглен, час сосема невидлив за мене. Силно сакам да знам што е тоа духовна, душевна и телесна страна во човека, какви се потребите на секоја од тие страни и како се задоволуваат. Јас навистина би сакала да се држам на рамниште со човечкото достоинство – вистинското, такво какво што Творецот ни го наменил“.
 
Добро е! Вие сега се допирате до самите основи на нашиот живот, чие објаснување ќе ни даде основа за сите подоцнежни расудувања. Оти како на друг начин човек и да живее, освен онака како е и устроен. Ако стекнеме здрава претстава за тоа како човек е устроен, ќе го добиеме најточното упатство за тоа како треба да се живее. Мене ми се чини дека многумина затоа и не живеат како треба, што мислат дека правилата на добриот живот се наметнати однадвор, дека не произлегуваат од самата човекова природа и дека не им се потребни. Кога би биле уверени дека е така како е навистина, тогаш не би им се ниту противеле, ниту би отстапувале од нив. Значи, повелете слушајте.

Нашето тело се состои од разни органи, од кои секој ја извршува сопствената функција и суштински е неопходен за телесен живот. Има три вида на главни органи: 1) желудникот со белите дробови, срцето, артериите и вените, лимфните жлезди и мноштво на други крвни садови и жлезди кои служат за разни излачувања од крвта и излачувања на телесните сокови; функција на сите овие органи е – исхрана или изградба на телото; 2) систем на мускули и коски, чија функција е движење внатре и надвор; и 3) система на нерви, чиј центар е главата, рбетната мождина и системот на ганглии кој се шири по целото тело; нивната функција е – сетилност (чувствителност). Кога одот на тие функции и нивниот взаемен однос е во ред, телото е здраво и животот не е во опасност; а кога тој поредок е нарушен, телото заболува и животот доаѓа во опасност. Секоја функција има своја потреба која живо се чувствува и бара задоволување. Потребите на желудниот, односно прехрамбениот и градивниот дел се храната, пиењето, воздухот и сонот; потребите на мускулатурно-коскениот дел се потребата за напрегање на мускулите, која ја чувствува секој од нас кога долго седи, и потребата за движење која не тера да одиме, шетаме или да работиме нешто; потребните на нервниот дел: пријатна надразба на нервите на целото тело, како кај рамномерниот однос на топлина и студенило или слично; а особено е пријатна надразбата на нашите пет чула низ кои нервниот систем излегол на површина заради општење со надворешниот свет.

Сето тоа е, како што гледате, телесно – и како сето тоа би се однесувало на душата? Но бидејќи таа, заради најтесното соединување со телото, го примила телото во својата личност, таа сите телесни потреби ги смета за свои. Затоа велиме: сакам да јадам, пијам, спијам, сакам да одам, шетам, работам, сакам да видам разнобојност, сакам да слушнам различни гласови, да помирисам различни мириси и останато. Усвојувајќи ги сите телесни потреби душата како своја работа го смета и нивното задоволување, па се грижи за храната, пиењето, сонот, облеката, кровот и се останато, сакајќи на секој начин тоа да го добие, како телото би било мирно и како не би ја вознемирувало со своите упорни барања. Таквиот однос на душата кон телото, кога таа се држи сама од себе, ненаучена, по некаков внатрешен поттик, се манифестира кај неа во вид на некаков инстинкт – љубов кон животот, љубов кон телото, желба телото да се умири и да му се пружи се што е потребно. 

Севкупноста на сето тоа ја претставува телесната страна на човечкиот живот. Но тука не е се подеднакво телесно, или плотско, или чулно. Изразено плотски е само хранителниот дел, иако и тој се облагородува со прилагодување на задоволувањето всушност на душевните потреби и цели. Органите за движење и чулата им служат повеќе на потребите на душата, отколку на телото. А еден орган, кој како да стои надвор од системот на останатите органие, органот на зборување, исклучиво е орган на душата, наменет да и служи само на неа.

Телесниот, плотски, сетилен живот – лош во морален поглед – е оној кога човек до крајност и е посветен на љубовта кон животот и телото, и за своја главна цел и грижа го поставува телесното спокојство, или сестраното задоволување само на телесните потреби, со заборавање на душата и така уште побргу и духот. При тоа секоја телесна потреба, природна и едноставна, се разгранува во мноштво накалемени потреби, преку навика и врзаност за различните начини на нејзино задоволување. Земете ја храната, или пиењето, или облеката. Ништо поедноставно, би се рекло, од она што спаѓа во тоа. Меѓутоа, колку уште нераздвојни потреби има тука: умри ако треба, но дај! Затоа гледаме дека некои немаат ни момент слободно време трчајќи по она што им е  потребно како би биле задоволени, иако десетина други луѓе се зафатени барајќи го истото тоа за нив. Кај таквите неизбежно се гладни и душата и духот, ако не се и сосема угушени, заборавени и угнетени во сетилност.

Повелете размислете за сево ова. А за душата – во следното писмо.


(Продолжува)

Посети:{moshits}

 

 

 

Подготви: Б.Ѓ.