Од кои причини луѓето се прелажани со празни виденија и соништа?

Постојат седум причини поради кои Христијаните се измамени со виденија и соништа што личат како да се од Бога: поради гордост, празна слава, која е прва ќерка на гордоста; поради неискусниот и слаб ум на христијаните; поради нерасудливата ревност на некои христијани, што многу се молат и постат за да имаат виденија, за кои свети Исак Сирин вели: „Од голема болест боледува оној што има зла ревност“. Петтата причина за измама е непослушноста кон духовниците и дрскоста на некои верници, особено горделивите, поради што ѓаволот лесно ги лови; шестата причина доаѓа поради неоткриените и неисповедани лични гревови и поради тоа што не ги исповедаат искрено мислите на духовникот. И последната причина поради која христијаните се мамат со лажни соништа и виденија е непознавањето на себеси и отсуството на читање на Светото Писмо и на Светите отци.

За тоа ни говори и мудриот Сирах, велејќи: Соништата многумина заблуделе; паднале и оние што во нив се надевале (Мудр. Сир. 34, 1-7). На таквиот, пак, што лесно верува во соништа и виденија, без многу испитување и совети, како и на таквите кои одат на гатање и баење да им се наложи епитимија, односно да се отстранат од светата Причест до 7 години.

Светиот Игнатиј (Брјанчанинов) за соништата го вели следново:

Твоите соништа се мечтаења, што го водат во прелест оној којшто не се пази од нив. Не верувај им на никакви соништа, и нека те покрива милоста Божја.

Демоните ги користат соништата за вознемирување и повредување на човечките души. Исто така, и неискусните монаси, обрнувајќи внимание на своите соништа си нанесуваат штета на себеси. Затоа, неопходно е да го одредиме значењето на соништата кај човекот чија природа сè уште не е обновена со Светиот Дух.

Бог така ја устроил човечката состојба, што сиот човек во потполност се одмара за време на сонот. Тој одмор е толку потполн, што за време на сонот човекот ја губи свеста за своето постоење и достигнува до состојба на самозаборав. За време на сонот се прекинува секоја активност која е поврзана со напор и која се одвива свесно, под раководство на разумот и волјата; се продолжува само онаа активност која е неопходна за човековото постоење и не може да се одвои од него. Во телото крвта продолжува да се движи, желудникот ја вари храната, градите функционираат преку дишењето, кожата ги пропушта испарувањата; во душата продолжуваат да се умножуваат мислите, мечтаењата и чувствата, но не во зависност од разумот и волјата, туку по несвесното делување на природата. Таквите мечтаења, проследени со карактеристични мисли и чувства, го сочинуваат сновидението (сонот). Тоа честопати е чудно, затоа што не му припаѓа на системот на човековите доброволни и намерни мечтаења и размислувања, туку се јавува спонтано и независно, по законот и барањето на природата. Понекогаш, сновидението во себе носи несвесен одраз на доброволните размислувања и мечтаења, а понекогаш претставува последица на духовното расположение. На тој начин, сновидението само по себе не може и не треба да има никакво значење. Смешна и сосема нелогична е желбата на некои луѓе, во привиденијата на своите соништа да го видат претскажувањето за сопствената иднина или за иднината на другите луѓе, или, пак, да им придадат било какво друго значење.

Демоните, коишто имаат пристап до нашите души во будна состојба, тоа го имаат уште повеќе за време на сонот. И за време на сонот тие нè искушуваат со грев, придавајќи ги кон нашето мечтаење и своите мечтаења. Исто така, кога ќе видат дека обраќаме внимание на соништата, тие се трудат да ги направат поинтересни, а во нас да поттикнат уште поголемо внимание кон тие сновиденија, па така, малку по малку, да ја разбудат нашата доверба во однос на нив. Таквата доверба секогаш е поврзана со умисленост и суета, а умисленоста и суетата го прават лажен нашиот духовен поглед врз себеси, со што и нашето расудување и делување го лишуваат од правилност: тоа е токму она што им е потребно на демоните.

На оние кои отишле далеку во својата умисленост и гордост, демоните почнуваат да им се јавуваат во лик на Ангел на светлината, во ликови на маченици и преподобни, па дури и во ликот на Мајката Божја и на Самиот Христос, фалејќи го нивниот живот и ветувајќи им небесни венци, со што ги искачуваат на голема висина на умисленост и гордост. Таквата висина е воедно и погибелна пропаст.

Треба добро да знаеме, дека во нашата падната состојба, која сè уште не е обновена со Божјата благодат, ние не сме способни да гледаме други сновиденија, освен оние кои ги создаваат душевните сеништа и демонските клевети. Како што и во будна состојба во нас постојано и без прекин се јавуваат помисли и мечти предизвикани од нашата падната природа или од демоните, така и за време на сонот, ние ги гледаме само оние мечтаења кои настануваат под дејство на нашата падната природа или демоните.

И како што нашата утеха во будна состојба се состои од умилението кое се раѓа од свеста за сопствените гревови, од сеќавањето на смртта и на судот Божји – само што тие помисли се јавуваат од благодатта Божја која живее во нас, засадена со светото Крштение, и Ангелите Божји ги донесуваат согласно со нашето покајничко расположение – така и во сонот, многу ретко, само во случај на крајна потреба, Ангелите Божји ни го прикажуваат или нашиот крај, или маките во пеколот, или страшниот посмртен и задгробен суд. Од таквите сновиденија ние достигнуваме до страв Божји, до умиление и плач поради себеси. Но, таквите сновиденија се даваат многу ретко на подвижниците или дури и на јавен и голем грешник, по особена и несфатлива Божја промисла; се даваат многу ретко, не поради скржавоста на Божествената благодат – не! – туку поради тоа што, сè што ни се случува надвор од вообичаеното устројство, нè доведува до умисленост и гордост и во нас го колеба смирението, кое ни е толку потребно за нашето спасение.

Волјата Божја, чија цел е човековото спасение, во Светото Писмо ни е претставена толку јасно, толку силно и толку детално, што секое содејство врз човековото спасение преку нарушување на општото устројство е сосема излишно и непотребно. На оној, кој молеше да биде воскреснат мртовецот и да биде испратен кај неговите браќа за да ги посоветува да преминат од широкиот на тесниот пат, му е речено: Тие го имаат Мојсеја и Пророците, нив нека ги слушаат. Кога молителот приговори: Не… туку, ако некој од мртвите отиде при нив, тогаш ќе се покајат – го доби следниот одговор: Штом Мојсеја и Пророците не ги слушаат, тогаш и да воскресне некој од мртвите, тие нема да му поверуваат (Лк. 16,27-31). Искуството покажало дека мнозина од оние кои во сонот се удостоиле да ги видат митарствата, Страшниот суд и другите задгробни ужаси, за кусо време биле потресени од виденото, а потоа повторно се расејувале, заборавале на виденото и почнувале да водат немарен живот; напротив, оние кои немале никакви виденија, туку внимателно се поучувале во законот Божји, постепено доаѓале до страв Божји, постигнувале духовен напредок, и со радоста која ја раѓа веста за спасението, преминале од овоземната долина на тагата во блажена вечност.

Извор: Бигорски манастир



Светите Отци за соништата и виденијата (I дел)