Навистина, сета причина поради којашто денес христијаните се западнати во сите зли дела на ѓаволот, а најмногу во различните магии (тука спаѓаат: бајачи, гатачи, јасновидци, астролози, курбани и сите ним слични), се крие во тоа што не ги изучуваат своите први ветувања коишто Му ги дале на Христа кога се крштевале, но ги заборавиле и ги избришале од сопственото срце. Поради тоа, на нив се однесуваат оние страшни зборови коишто ги рече Господ, имено, кога нечистиот демон ќе излезе од човекот оди по безводни места барајќи покој, и не наоѓа. Потем, се враќа во оној човек од којшто излегол, и наоѓајќи дека срцето му е „изметено“ и празно, зема со себе уште други седум демони полоши од него, влегува и пребива внатре, та последната состојба на оној човек станува полоша од првата (Мат. 12, 43-45). Овие зборови од Евангелието, свети Григориј Богослов ги толкува во своето слово за крштението и вели дека тука станува збор за крстените христијани коишто преку светото крштение и ветувањата што ги дале го изгонуваат демонот од своите срца. Ако, пак, го остават домот на своето срце празен и неисполнет, без благодатта на Христа и без запазување и помнење на ветувањата што ги дале, демонот кој го изгониле повторно влегува, но со многу поголема и посилна готовност од првиот пат, и така последната состојба им станува полоша од првата.

Исто така поради тоа што во христијаните е ослабена верата и стравот Божји; затоа што денешните христијани не се молат доволно, за да ги исполнат своите молби со молитва, а не со гатање; затоа што не го читаат Светото Писмо, за да видат каква осуда ги стигнува гатачите, и затоа што не одат редовно во црква, не се исповедаат барем во текот на четирите пости и не бараат, во случај на потреба, совет и молитва од свештеникот. Некои христијани уште прибегнуваат кон гатањето, затоа што ги забораваат ветувањата кои ги дадоа на Христа при светото Крштение, кога кажале: „Се одрекувам од сатаната и од сите негови дела, и од сите негови служители“. Исто така христијаните прибегнуваат кон помош од ѓаволот, кога нивната молба не ќе се исполни во Црквата, или поради тоа што забораваат на смртта и на денот на Христовиот Суд. Затоа светите отци нè упатуваат да итаме само при Бога, само при Црквата и свештениците, а не при ѓаволите и нивните слуги. Свети Јован Златоуст нè советува, велејќи: „Ве молам, бидете чисти од оваа измама… И кога ќе го пречекоруваш прагот на својата куќа, најнапред речи го следново: ’Се одрекувам од тебе, сатано, и од твоето чествување, и од твоето служење, и се соединувам со Тебе, Христе!‘ Без вакво размислување никогаш да не излегуваш од дома. Тоа да ти биде палка, тоа да ти биде оружје, тоа да ти е одбранбена тврдина, и заедно со тие зборови осени го своето чело со крсниот знак. Бидејќи ако така се вооружуваш постојано, не само човек, туку и ѓаволот да те сретне, не ќе може да те повреди“ („Христоитија“, стр. 316-317).

(Следно: Ѓаволот треба да се плаши од христијаните, а не христијаните од ѓаволот)

Што е тоа магија и колку видови магии постојат? (I дел)

Гревот на гатање со светите книги, кое денес е вообичаено кај верниците (II дел)

Дали маѓепсниците имаат виденија? (III дел)

Може ли маѓепсниците да прават добрини? (IV дел)

Како се одврзуваат магиите – (V дел)

 

Извор: Бигорски манастир