Божествена опиеност


Старче, се плашам можеби да не не се спасам.

Не се плаши, заедно ќе одиме горе. Само да и кажеш на Старицата да ни даде две големи шишиња за по пат. Внимавај да бидат пластични, не стаклени, за да не се скршат по пат!... Ќе ги наполниме со вода и, додека да се искачиме на Небото, од умор ќе ги испиеме! Само три прсти (вода) ќе оставиме и ќе Го замолиме Христа да ја благослови, да ја направи вино и потоа ќе го испиеме и ќе се опиеме духовно близу до Христа.

Старче, која е таа вода?

Тоа е љубовта кон Христа и кон браќата.

А опиеноста?

Тоа е опиеноста од Светиот Дух. Тие кои се опиваат од Светиот Дух, постојано се веселат од грижата и љубовта на Бога, нивниот Татко.
Ако човекот се опие духовно со небесното вино, тогаш неговиот живот овде на земјата станува маченички, но во добра смисла. Станува неупотреблив за светот, не се интересира за ништо земно и сé смета за трици. Гледаш, оние кои пијат многу и се опиваат, после тоа не им е гајле за ништо. Чичко Атанас, ти гори куќичката, му викале на некое старче чија што куќичка ја зафатило пожар. Остави ја нека изгори, велел тој, затоа што се имал напиено и бил пијан!...
Другата опиеност, небесната, е добра, но треба да е човек постојано таму, во непресушното буре, во небесното. Ви посакувам да го најдете рајскиот чеп и да пиете и да се опивате постојано од рајското вино. Амин!


Да Му ја дадеме нашата љубов на Христа


Старче, како треба да работам, за да Го возљубам Бога?

За да Го возљубиш Бога, треба тргнеш од жртвата. Кога човекот не води сметка за себе и се жртвува, тогаш работите одат правилно: го љуби својот ближен, Го љуби Бога. Оние кои велат дека Го љубат Бога, но не прават жртва за својот ближен, тие со својата уста Го мамеа, а со јазикот свој лажеа пред Него (Пс. 77, 36).



Старче, како се зголемува љубовта кон Бога?

Да го имате својот ум постојано во Бога, да мислите на Бога. Да се молите, да разговарате со Бога. Кога човекот го прави ова, тогаш најпрво ја чувствува малку Божјата љубов, а подоцна, колку што напредува, ја чувствува сé повеќе. Неговиот ум се наоѓа веќе подстојано во Бога, и не го трогнува ништо земно и празно. Во неговото срце се разлистува љубовта кон Бога, се исполнува и не сака веќе да мисли на ништо друго освен на Бога. Незаинтересиран е за сé световно и постојано мисли на Небесниот Отец. Гледаш, оние кои се занимаваатт со пронаоѓања, биваат апсорбирани од науката. Меѓутоа, каде е нашето апсорбирање од Христа?


Старче, што ни недостасува, па не Го бараме Христа со таква ревност?

Ништо не ни недостасува. Памет имаме, возраст имаме. Самите сме си пречка.
Ако не се фрлиме себеси, тогаш како ќе влезе во нас Христос? Ако се фрлиме себеси и ако избега лошиот кираџија, односно стариот човек, тогаш во празнотијата на срцето ќе се всели новиот човек на Новиот Завет и ќе се исполни нашиот храм, целото наше битие, од љубов, затоа што во нас ќе биде примена Љубовта, односно Христос. Тогаш веќе срцето станува камбана и постојано чука радосно и толку силно. И ако се најдеш во пустина и нема храм, тогаш храм е твоето тело, а камбана е твоето срце.
Кога човекот ќе Му го даде своето срце на Бога, тогаш и паметот на човекот е земен од Божјата љубов и срцето радосно тепери постојано. Ја чувствува главата лесна, а телото како пердув. А кога Божјата љубов е повеќе од приемчивоста на срцето, тогаш чукањето на срцето се слуша и наоколу, затоа што во таа состојба учествува и телото.
Едно срце толку мало, а може да љуби толку многу! И ако е толкава љубовта на човекот за Бога, тогаш замислете што е Божјата љубов! Мислам во квантитет, затоа што во квалитет е иста Божјата љубов со нашата, кога и нашата е духовна.
Колку големо зло правиме повеќето луѓе што не сакаме да Му ја дадеме нашата љубов на Христа, туку ја распрскуваме на земни, евтини и празни работи! Еден живот од дури и илјада години, и илјада срца да има некој, не се доволни за да Му ги даде на Христа заради големата љубов што ни ја покажа и што ни ја покажува и понатаму: ни простува, нé трпи и ги чисти нашите валкани души со Неговата Божествена крв.


Превод: С.С.