Христос Эммануил. Фреска церкви Святых Апостолов в Фессалониках. Начало XIV века.

 

Подвижнички поуки од свети Ефрем Сирски

1.    Совети за покајание и подготвување за спасение

31.  Нашиот Отец е многу сострадален. Како е овој наш Отец толку милостив? Каков е нашиот Отец што толку многу нѐ сака? Каков е овој наш Господ, Кој вака силно ја пројавува Својата љубов спрема нас Своите слуги? Сѐ ни дава, со сѐ нѐ снабдува во изобилство; Он ги лекува нашите душевни рани, долго нѐ трпи нас што Го оставаме и сака сите да станеме наследници на Неговото царство. Он му ги простува гревовите на секој грешник, го поттикнува кон усрдност, брзо му помага на немоќниот, за да не очајува. Он би можел и на сила да нѐ направи добри, но не сака нашата слободна волја да биде лишена од пофалбата Негова. Па зар смееме да бидеме невнимателни спрема Него и да не Му угодуваме, кога Он току многу нѐ сака и нѐ милува? Он ги искупил и ги просветил очите на нашиот ум; Он ни подарил знаење за Него, ни дал да ја почувствуваме Неговата сладост, за да можеме потполно да Го најдеме. Блажен е оној што вкусил и почувствувал; со тоа си подготвил и можност непрестајно да Го вкусува.




32.  Кој нема да Го засака ваквиот Господ? Кој нема да Го исповеда и кој нема да се поклони на Неговата добрина? Што ќе Му речеме? Дали ќе Му речеме дека не сме чуле, не сме знаеле и дека не сме биле научени? Но гласот за Него се пренесе по целиот свет. Што требало да се направи за нас, а Он да не го направил? Не слегнал ли Он заради нас од Својата безмерна височина – од благословените прегратки на својот Отец? Он невидливиот – не станал ли видлив заради нас? Он, бесмртниот Оган, не примил ли човечко тело заради нас? Он, бесмртниот, не умрел ли заради нас – нас да нѐ оживотвори? Не бил ли погребан, за нас да нѐ воскресне заедно со Себе си? Он нѐ ослободил од нашиот непријател, го врзал и ни дал сила да го напаѓаме и да го победуваме. Кога сме Го повикувале, а Он да не нѐ слушнал и да не ни помогнал? Ако некогаш и задоцнува тоа да го направи, тоа го прави само затоа да ја зголеми нашата награда. Помислувај на сето ова, оној што ќе биде мрзлив и безгрижен, тој со тоа ќе Го навреди Својот Господ.

Извор: ДОБРОТОЉУБИЕ – Том II

За Преминпортал

Подготви: Светланка Трајчева 

20-ти март 2018 лето Господово

 

Друго:

  • Поуки од Светите Отци