Колку ли големо зло е гордоста, кога за борбата против неа не е доволна силата на ангелите и на другите рамни на неа сили, туку дека за тоа е потребна силата на Самиот Бог! Исто така, треба да забележиме дека апостолот не рекол за оние кои се сврзани со другите страсти дека тие Му се противат на Бога; не рекол, дека Бог им се противи на чревоугодниците, блудниците, гневливите или на среброљубивите, туку дека им се противи на гордите. Зашто другите страсти или се однесуваат на оние што грешат со нив или на оние кои грешат со другите луѓе, а оваа страст е свртена токму против Бога и затоа особено и заслужува Него да Го има за свој противник.

Ете, во какви дела се пројавува таа телесна гордост! Во нејзиниот говор има извикување, а во молчењето – здодевност, а кога е весела – силна и невоздржлива смеа, во жалоста – бесмислена помраченост, во одговорот – бодливост, во зборовите – леснина; зборовите ги изговара без учество на срцето. Гордоста не знае за трпливост, нејзе ѝ е непозната љубовта; смела е кога навредува, а малодушна во претрпувањето на навредите; тешка е во послушноста, ако таа не е согласна со нејзината волја и нејзината желба; не трпи поуки и совети; не е способна да се одрече од своите желби; крајно е отпорна некому да му се покори; секогаш настојува да го прави само она што таа го сака и што самата го одлучила; никогаш не сака да отстапи пред некого или во нешто. Па откако станала неспособна за прифаќање спасоносни совети, таа повеќе им верува на своите мисли, отколку на размислувањата на своите духовни старци.

Јудејскиот цар Јоас најнапред имал живот што бил достоен за пофалба, но потоа, откако се погордеал бил предаден на нечесни и нечисти страсти, како што вели апостолот: „Бог ги предаде на изопачен ум – да го прават она што не прилега“ (Рим. 1,28). Таков е законот на Божјата правда: „Кој непокајно се воздигнува со горделиво превознесување на своето срце, тој му бива предаван на посрамување на гнасниот срам, па понижен на таков начин, за да почувствува дека, ако сега се покажува така осквернет, тоа е затоа што порано не сакал да ја сознае длабоката нечистотија од горделивото превознесување и затоа, откако ќе го сознае тоа – да почне со ревност да се очистува од едната и од другата страст.

Очигледно е, дека никој не може да дојде до крајното совршенство и до чистотата, поинаку, освен преку вистинската смиреност која видливо ја посведочува пред браќата, а ја покажува и пред Бога во длабините на своето срце, верувајќи дека без Неговата закрила и помош во сите мигови на неговиот живот, никако не може да го достигне совршеноството, кон кое копне и кон кое со усилби трча. (138; 150;144;145)

Свети Јован Касијан Римјанин

Избор Фб С.Т