„Имаш име дека си жив, а си мртов.“ (Откр. 3, 1)
Многумина очигледно се трудат да бидат побожни, но бидејќи не внимаваат на словото Божјо, како вистинско и совршено правило, не вложувајќи побожност во она во тоа што таа и се состои, туку во она што е угодно на нивниот слеп разум и тело и така паѓаат во заблуди. Многумина од нив, она што човек го има напишано, неприкосновено го чуваат, а она што Бог го заповедал или забранил, тоа го пренебрегнуваат. Словото и заповедта човечка ја чуваат, а словото и заповедта Божја ја оставаат. Насекаде има многу такви заблуди.

Многумина се сметаат за побожни, бидејќи се воздржуваат од месо во среда, петок и другите денови, а други и воопшто не јадат во тие денови, но од злоба, завист, клевета, злословие и друго зло, не сакаат ниту еден час да се воздржат.

Од спознувањето на духовноста на природата Божја, следува, дека човекот е должен да Го почитува не со предмети, не со злато или сребро или други вредности, не со избор на храна и облека или само со видливи церемонии, туку со духот, односно, со страв, љубов, смирение, трпение, покорување на својата волја на волјата Божја и со други дела, кои што Он ги заповедал. Таквите жртви се угодни на Бога. Духот се почитува со дух. На Бога не Му е угодно надворешното и материјалното без внатрешноста на духот. Затоа Господ вели: „Вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Отецот со дух и вистина , зашто Отецот сака такви да бидат оние, кои Му се клањаат. Бог е Дух и оние, што Му се клањаат, треба да се поклонуваат со дух и со вистина“ (Јован 4, 23-24).

Да Го почитуваме Бога како Дух, да ги исполнуваме Неговата волја и заповедите Негови, да принесеме дух скрушен, срце скрушено и смирено, Бог нема да презре (Пс. 50, 19). Христијанинот е должен сите напори да ги вложува во поправањето на својата душа. Бог и говори на нашата душа, а не на телото. Телото е орудие на душата, со кое таа делува. Јазикот зборува, очите гледаат, рацете го прават она што душата замислува и сака. И ако душата е исправна, тогаш и надворешните дела ќе бидат исправни. Без заповедите на душата, деловите на телото не делуваат.

Да ја исправиме нашата душа, како дух, во покорност и послушност на Бога. Тогаш и надворешните дела ќе бидат исправни и така ќе го почитуваме нашиот Бог со дух и вистина.

Свети Тихон Задонски

Превод: СВЕТА РЕВНОСТ.

01.11.2017 лето Господово