Подвижнички поуки на свети авва Доротеј


10.  Некој од духовните старци рекол: „Пред сѐ, потребно ни е смирение“. Зошто го рекол ова? Зошто не рекол дека најнапред треба да имаме воздржливост? Зашто и апостолот вели: „Секој што се бори, од сѐ се воздржува“ (1. Кор. 9, 25). Или зошто не рекол, дека пред сѐ ни е потребен стравот Божји? Зашто во Светото писмо е речено: „Почеток на мудроста е стравот Господов“ (Изрек. 1,7). Исто така, зошто не рекол, дека пред сѐ е потребна милостињата или верата? Бидејќи е речено: „Со милостиња и чесност гревовите се чистат“ (Изрек. 5,27), и уште: „Без вера не е можно да Му се угоди на Бога“ (Евр. 11,16). Зошто тогаш тој, изоставајќи го сето тоа, што е толку потребно, ја истакнува само смиреноста? – Овој духовен старец со ова ни покажува, дека ни стравот Божји, ни милостињата, ни верата, ни воздржливоста, ни која и да е друга добродетел не може да биде совршена без смирението. Со смирението биваат искршувани и сите стрели на противникот и на непријателот. Сите светии оделе по патот на смирението и на трудот. Псалмопеачот извикува: „Погледни ги страдањата и маките мои, па прости ми ги сите гревови мои“ И уште додава: „Бев во мака и Он ми помогна“ (Псал. 24,18; 114,6).

11.  Истиот свет старец го рекол и ова: „Смирението не се гневи на никого и никого не прогневува. Смирението ја привлекува Божјата благодат на душата, а Божјата благодат, кога дојде, таа ја избавува душата од овие страшни страсти. – Зашто кој грев може да биде потежок од овие два грева: да се гневиме на ближниот и да го гневиме ближниот? Но што говорам? Зарем смирението избавува од овие две страсти? Таа ја избавува душата и од секоја друга страст и од секое искушние.


12.  Кога свети Антониј ги видел раширени сите ѓаволски мрежи и, откако воздивнал, Го прашал Господаː „А кој може да избегне од нив?“ Тогаш Бог му одговорилː „Смирението избегнува од нив“. Она што е уште почудно, ги додал и овие зборовиː „Тие дури и не се допираат до него“. Ја гледаш ли силата на оваа добродетел? Навистина, ништо не е посилно од оваа добродетел, неа ништо не може да ја победи. – Ако на смирениот му се случи нешто лошо, тој веднаш се осудува себеси, смета дека го заслужил тоа; почнува да се самопрекорува и нема вината за тоа да ја фрла на друг. На ваков начин ги поднесува сите тешкотии што го снаоѓаат, без обеспокојување и со совршен мир. И затоа на никого не се гневи и никого не разгневува.


13.  Има две смиренија, како што има и две гордости. Првата гордост е – кога некој го прекорува својот брат, го осудува и го понижува, како да не знае ништо, а себеси се смета за погоре од него. Таквиот, ако не дојде бргу на себеси и не се поправи, постепено доаѓа до втората гордост, која се гордее и спрема Самиот  Бог и си ги припишува на себеси своите подвизи и добродетели, а не на Бога, како тој самиот да ги извршил, со помошта на своето знаење и со својот ум, а не со Божјата помош. Од ова може да се види во што се состојат двете смиренија. Првото смирение се состои во тоаː да го сметаме братот за поразумен од нас и во сѐ поиздигнат од нас, - или да се сметаме дека сме подолу од сите. Второто смирение се состои во тоаː сите свои подвизи да Му ги припишувате на Бога. И тоа е совршено смирение на светите.


14.  Совршеното смирение се раѓа од извршувањето на заповедите. Кога на овошните дрва има многу плодови, тогаш самите плодови со својата тежина ги свиваат нивните гранки надолу; а гранките, на кои нема плодови, се стремат нагоре и растат право. А има и такви дрвја, на пример, лимонот, кои не раѓаат плод, се додека нивните гранки растат нагоре; ако се земе камен и се обеси на гранката и ја сврти надолу, тогаш таа дава плодови. Така е и со душата, кога се смирува, тогаш дава плодови, колку е посмирена, толку повеќе плодови дава. Затоа и светиите, колку повеќе се приближуваат до Бога, толку и повеќе грешни се сметаат. Така и Авраам, кога Го видел Господ, се нарекол „земја и пепел“ (1. Мој. 18,27); Светиот пророк Исаија, кога Го видел Бога во висините, извикалː „Тешко ми мене, зашто сум човек со нечиста уста“ (Иса. 6,5).


15.  Никој не може со својот јазик да искаже што е смирението, ниту како се раѓа во душата, ако не го познае од својот личен опит, а само од зборови никој не може да го познае.
Некогаш авва Зосим говорел за смирението и за тоа дека колку е некој посвет, толку е посмирен. Тогаш некој софист го прашалː „Зарем ти не знаеш дека имаш добродетели? Ете, ти гледаш дека ги исполнуваш заповедите, па како тогаш, кога живееш свето, можеш да се сметаш за грешен?“. Старецот не нашол друг одговор, туку само му реколː „Не знам што да ти кажам, но јас се сметам за грешен“. И кога софистот сѐ уште продолжувал да му биде здодевен со своите прашања, старецот само повторувалː „Не знам како, но јас навистина се сметам за грешен. Не ме вознемирувај.“ Исто така, и кога авва Агатон се приближувал кон крајот на својот земен живот, браќата му реклеː „И ти ли се плашиш, оче?“ А тој им одговорилː „Колку што можев, јас се принудував да ги исполнувам заповедите, но јас сум човек, и како можам да знам дали на Бога Му е угодно моето дело? Зашто едно е Божјиот суд, а друго е – човековиот“.


16.   За тоа што доведува до смирението, некој од духовните старци рекол: „Телесните трудови се пат кон смирението, ако бидат разумно извршувани, како и тоа – да се сметаме подолу од сите и непрестајно да Му се молиме на Бога.“ – Телесните трудови ја доведуваат душата во смирение, затоа што душата му сочувствува на телото; сочувствува во сѐ што станува во телото. А како телесниот труд го смирува телото, тој воедно ја смирува и душата. А тоа – да се сметаме подолу од сите, е особен белег на смирението; свикнувањето на него и вежбањето во него сами по себе го вкоренуваат смирението и ја искоренуваат гордоста, онаа што ја нарекуваме прва гордост. Зашто како ќе може да се гордее пред некого, или да го прекорува, или да го унижува некого оној, кој се смета за подолу од сите? – Исто така, и непрестајната молитва очигледно ѝ се противставува на втората гордост. Очигледно е дека е наклонет кон смирението оној што знае, дека не може да извршува ниедна добродетел без Божја помош, па затоа и не престанува да Му се моли на Бога – за да покаже Бог милост спрема него. Затоа оној што непрестајно се моли, ако и се удостои да направи нешто добро, не може да се погордее, зашто не може тоа да си го припише на своите сили, туку сите свои успеси Му ги припишува на Бога, секогаш Му благодари и секогаш Го повикува на помош, се моли да не биде лишен од таквата помош. Затоа, тој се моли со смирение и преку молитвата – се смирува, и што повеќе напредува во добродетелите, тоа сѐ повеќе се смирува. И колку повеќе се смирува, добива сѐ повеќе помош и сѐ повеќе преуспева во смирението.

Извор: ДОБРОТОЉУБИЕ – Том II