64.  Дарот без искушенија е пропаст за оној што го прима. Ако правиме добро пред Бога, и Он ни го дава Својот дар, треба да Му се молиме да ни даде знаење како да се смируваме, колку што можеме, или да ни подари стражар да можеме да го запазиме тој дар или да ни го одземе, за да не стане причина за наша пропаст. Зашто за сите не е корисно да имаат богатство и да го чуваат.


65.  Добродетелите се соединети со жалостите. Оној што не ги сака жалостите и се оддалечува од нив, тој неизоставно се оддалечува и разделува и од добродетелта. А, ако ги сакаш добродетелите, тогаш предавај ѝ се на секоја жалост. Сѐ додека не го добиеме вистинското знаење, сѐ дотогаш до смирението се приближуваме само преку искушенијата. Кој се наоѓа во својата добродетел без жалост, за него е ширум отворена вратата на гордоста.


66. Кога човек живее во гордоста, тогаш ангелот пазител се оддалечува од него, кој инаку е близу до него и го поттикнува да се грижи за праведен и богоугоден живот. Кога човекот ќе го натажи својот ангел и тој се оддалечи од него, тогаш кон него се приближува темниот демонски дух; и оттогаш во него нема веќе никаква грижа за праведен живот.


67.  Бог често допушта добродетелните луѓе да бидат искушувани со нешто, дозволува отсекаде да ги напаѓаат искушенија: нивното тело бива повредувано, како и телото на многустрадалниот Јов, биваат фрлани во сиромаштија, напуштани од луѓето, да го загубуваат она што го придобиле со труд; само не им дозволува Бог на демонските сили да се допрат до нивната душа и да ѝ направат некакво зло. И неможно е кога одиме по патот на правдата да не ја сретнеме жалоста, а телото наше да изнемогне во болести. Ова бива со нас кога сакаме да живееме добродетелно. Кога човек оди по Бог и го сретне нешто слично, тој тогаш не треба да ја напушта таа патека, туку е должен да го прифати сето тоа со радост, да го прифати без љубопитност и да Му благодари на Бога што му ја испратил оваа благодат и што се удостоил поради Бога да падне во искушение и да им стане сострадалник на пророците, апостолите, мачениците и на другите Божји угодници, кои на својот богоугоден земен пат се удостоиле да имаат многу маки и страдања за Бога. Дали овие маки и страдања се од демоните, од луѓето или од неговото тело ќе дојдат врз него искушенијата, сето ова треба за него да биде повод за благодарење. Зашто е јасно дека на оној што посакал да живее со Него, Бог сака да му направи добро  – не на друг начин, туку токму на овој начин што му испраќа искушенија и страдања за вистината. Бог сака човекот да се удостои со претрпување на овие искушенија и потоа да се радува. Но сето ова не може да се трпи и да се претрпи без благодатната Христова помош.

Оваа работа е толку голема, така што и самиот свети апостол  Павле тоа го нарекува дар, кога човек ќе се удостои да пострада поради својата надеж на Бога, велејќи им на Филипјаните: „Вам ви се даде дар поради Христа не само да верувате, туку и да страдате за Него“ (Фил. 1,29). Исто така и светиот апостол Петар пишува: „Ако и страдате за правда, блажени сте“ (1. Петр.3,14), затоа што сте станале соучесници на Христовите страдања.

Затоа не треба да се радуваш кога живееш спокојно; патот што води кон Бог е пат на крсни страдања. Од каде ти е таа мисла: дека лесно може да се оди по Божјиот пат, според тоа можеш да разбереш дека не одиш по Божјиот пат и дека се оддалечуваш од него, дека не сакаш да одиш по чекорите на светиите или дека имаш намера да градиш друг своевиден пат и без страдања да одиш по него. Патот Божји е секојдневно носење на крстот. Никој што одел по широкиот пат не се издигнал на небото. Знаеме каде ги води широкиот пат оние што одат по него.


68.  Вистинските праведници секогаш мислат во себеси дека не се достојни за Бога, а самото тоа дека се вистински праведници се дознава од тоа што се сметаат за грешни и недостојни за Божјата грижа, а ова го исповедаат и тајно и јавно; во ова ги умудрува самиот Свет Дух, за да живеат во трудови и тешкотии сѐ додека се наоѓаат во овој живот. Времето за вистински спокој Господ им го запазил за во идниот живот. А оние во кои живее Господ не сакат токму затоа да живеат во спокојство и да бидат слободни од маки и страдања, иако одвреме – навреме им се дава утеха во духовното.


69.  Таква е волјата на Духот: Неговите возљубени да живеат во трудови. Духот Божји не живее во оние, кои живеат во спокој. По тоа и се одликуваат Божјите синови од другите, што тие живеат во жалости и страдања, а светот се гордее со својот раскош и со спокојот. Бог не посакал Неговите возљубени да се успокојуваат додека се во овој свет, туку посакал, додека се во овој свет, да живеат во жалости, во тешкотии, во трудови, во немаштија, во унижување, во голотија, во навредување, во измачено тело, со жалосни мисли, за да се исполни на нив она што е речено во Светото Евангелие: „Во светот ќе имате маки“ (Јован 16,33). Господ знае оти оние што живеат во овој свет спокојно, не можат да живеат во Бога, па затоа не им дава спокој и уживање во него.


70.  Со својата љубов, што ја покажувале светиите спрема Бога, страдајќи за Неговото име, нивното срце добивало смелост да Го гледа Бога со непокриено лице и да Му се молат со надеж. Голема е силата на смелата молитва. Затоа дозволува Бог Неговите светии да бидат искушувани со голема жалост и општо да ја сознаваат Неговата помош и тоа – колку Он промислува за нив. Поради искушенијата тие добиваат мудрост и од својот опит црпат знаење за сѐ, за да не доживеат подбивање од демоните. Кога Бог би ги вежбал само во добриот дел, не би имале искуство во другиот дел и тогаш во духовните борби со демоните би биле слепи.


71.  Ако човек најнапред не би бил искушан со испитувањето во лошото, тој не би имал вкус за доброто, така што кога ќе сретне во лошото добро, да може да се користи со него со знаење, како со своја сопственост. Колку е пријатно знаењето, позајмено од личниот опит и од личното дејствувањеи каква сила му дава тоа на оној, кој го придобил во себеси во својот долговремен опит, - ова го знаат оние, кои го познале содејството на ова знаење: како немоќ на природата и како помош на Божјата сила и се увериле во тоа. Зашто само тогаш ќе го познаат тие тоа, кога Бог, не давајќи им ја отпрвин Својата помош и не помагајќи им, им помага да ја сознат немоќта на својата природа, да ги доживеат тешкотиите на искушенијата, демонското лукавство и тоа – со кого им претстои борба, каква е природата, со која се облечени, и како биле пазени со Божјата сила, како и колку се немоќни во борбата со своите страсти, ако се оддалечува од нив таа Божја сила, така што од сето тоа добиваат смирение, се приближуваат до Бога, почнуваат да ја очекуваат Неговата помош и да бидат постојано во молитва. И од каде би го знаеле тие тоа, ако не би придобиле опит за големото зло, во кое паднале по Божјо допуштање, како што вели апостолот: „За да не се превознесувам со многу откровенија, во плотта ми се даде бодило на телото, ангел сатанин, да ме боцка по лицето, та да не се превознесувам": (2. Кор. 12,7)? Но во искушенија, доживувајќи ја многупати Божјата помош, човекот придобива и тврда вера. Од тоа станува смел и добива добродушност во искушенијата.


72.  Искушението е корисно за секој човек. Подвижниците биваат искушувани, за да придодадат нешто кон своето богато искуство; биват раслабувани, за да се запазат од она што е штетно; туркани во сонливост за да се приготвуваат за разбудување; оддалечувани, за да се приближуваат кон Бога; присвојувани од Бога, за да се веселат во Него и со Него со смелост. Секој неизучен син прима богатство од домот на својот Отец не за своја полза. Затоа Бог најнапред искушува и измачува, а потоа покажува и дарува.

Извор: ДОБРОТОЉУБИЕ – Том II

28.09.2017 лето Господово

Подготви: Т.С.