26.07.2017 лето Господово

Љубовта кон Бога и човекот е основа на законот и пророците – таа е двигател на Божјиот домострој. Какво необично чудо! Кој има нелицемерна љубов, тој е исполнител на законот, зашто исполнување на законот е љубовта, според блажениот Павле (Рим. 13: 10). О, неспоредлива е силата на љубовта и неизмерна е нејзината моќ! Нема ништо поскапоцено од љубовта ниту на земјата, ниту на небото – затоа апостол Павле, учејќи, дека нема ништо рамноцено на љубовта, им пишувал на римјаните, и ги оставил за сите краишта на вселената зборовите: „Не должете никому ништо освен да се сакате еден со друг; зашто оној, што го љуби ближниот, го исполнува Законот“ (Рим. 13: 8). Таквата љубов се наоѓа на челото на сите добродетели – љубовта е исполнување на законот и гаранција за спасение: најпрвин, таа се вселила во срцето на Авел; била кормилар во ковчегот на Ное; таа била патеводителка на патријарсите; го сочувала од зла Мојсеја; го направила Давида живеалиште на Светиот Дух; навлегла во животот на пророците; го украсила животот на Јова. Меѓутоа, зошто да не го кажам најважното? Љубовта Го довела Божјиот Син на грешната земја – од љубов кон нас грешните, Бесплотниот се воплотил. Бесплотниот влезе во рамките на времето. Синот на Бога стана Син човечки! Љубовта сите и сè настројува кон спасение – преку неа Адам е исправен, Ева е ослободена, смртта е обессилена и адот срушен.

Љубовта од ангелите и луѓето прави едно стадо – преку неа проклетството е уништено, рајот е отворен, животот е посочен, царството ветено. Таа ги уловила во евангелската мрежа риболовците и ги направила ловци на луѓе. Таа се подвизувала со исповедниците и ги утврдувала мачениците. Таа ги обратила пустините во благоустроени општежителства. Таа исполнила осојници и планини со псалмопенија. Таа од грешни луѓе прави светли ангели – таа научила мажи и жени да одат по тесниот пат на животот. Да продолжам ли уште или каде да застанам, гонејќи го недостижното?! Кој е во состојба да ги опише сите предности на љубовта? Јас мислам, дека и ангелите не можат да ја прикажат, како што е потребно. О, блажена љубов, што ги правиш блажени оние, кои те засакуваат! Блажен, навистина преблажен е човек, кој придобил љубов од чисто срце и од чиста совест. Откако ќе слушнете за љубовта, не сфаќајте ја како светската и плотска љубов, љубовта на крчмите и забавите, љубовта на луѓето, чијшто бог е стомакот и славата! Тука се викаат пријатели, а не непријатели; тука нема место за бедните; тука има смеа и врева, пијанство и нечестие – тоа е трпеза бесовска. За таа љубов, апостолот вели: „Кој сака да му е пријател на светот, му станува непријател на Бога“ (Јаков 4: 4). На духовната трпеза нема омраза против Бога – таму има синовство кон небото и братство кон луѓето; таму има просветување и радост, прошка и жртва, љубов и совршенство.

 

Ивор:

https://blagovesti.wordpress.com/2015/05/27/%D1%81%D0%B2%D0%B5%D1%82%D0%B8-%D0%B5%D1%84%D1%80%D0%B5%D0%BC-%D1%81%D0%B8%D1%80%D0%B8%D0%BD-%D0%B7%D0%B0-%D1%99%D1%83%D0%B1%D0%BE%D0%B2%D1%82%D0%B0/