Image may contain: outdoor and nature

 
Свети Ефрем Сирин

Image may contain: 1 person
5. Општо за борбата со осумте главни страсти

 б) За борбата со блудната страст (79, 83, 84, 85, 93, 119, 103)


Пази се од лош совет. Отпаѓањето од добродетелта ги соблазнува и другите; гревот на едни ги влече и другите во грев. Грешниците пријатно говорат, та оние што ги слушаат можат од целомудрието свое да отстапат и во гревови да потонат. Тие што во гревови паднале, не само што не сакаат одново да станат, туку и другите намерно во соблазна ги водат, за и тие да паднат и да пропаднат. И ѓаволот нив ги ползува како мамка на јадица. Апостолот вели: „Грлото нивно – отворен гроб, со јадиците свои мамат; устата нивна е полна со клетва и горчина. Бог ги предаде на срамни страсти“ (Рим. 3,13, 1, 26). Пази се од нив: со меките свои зборови да не те изгорат.


Ако се подигне телесната борба во тебе, не плаши се и не паѓај со духот. Со тоа ќе ја зголемиш смелоста на духовниот непријател во нападите против тебе; тој ќе почне да всејува во тебе нечисти помисли, внушувајќи ти и велејќи ти: „Неможно е изгаснувањето на ова разгорување, ако не ја задоволиш твојата телесна похот.“ Но биди силен и претрпи; Господ ќе те изведе од ровот на страстите – од нечистите помисли и од смрдеата на тињата, од срамните мечтаења; Он ќе ги постави твоите нозе врз камењата на светата чистота (сп. Псал. 39,1-3) и ќе ја видиш помошта што ќе ти дојде од Него. Само трпи, не раслабнувај се од помисли, не паѓај во изнемоштеност, нацрпувај ја водата од својот кораб, зашто пристаништето е близу.“ Тогаш ти ќе повикаш – и Господ ќе те чуе, ќе извикаш – и Он ќе рече: ‘Еве ме‘ “ (Иса. 58,9). Он ќе те пречека и ќе го види твојот подвиг, да види дали си готов до смрт со гревот да се бориш. Затоа, не биди малодушен. Бог нема да те остави. Он го гледа твојот подвиг; твојот подвиг го гледаат и мноштвото ангели и бесови. Ангелите се готови да ти го дадат победниот венец, а бесовите – победен да те покријат со срам. Биди внимателен не ожалостувај ги ангелите и не давај им радост на демоните.


За Божјите очи нема скришно место. Нека не те измачува противникот твој, внушувајќи ти ја помислата – дека Бог кога грешиш нема да те види. Близу до нозете Божји стоиш ти. Не заборавај го ова. Зашто е напишано: „Небото е мојот престол, а земјата подножје на Нозете Мои“ (Дела 7,49).


Не е несреќата во тоа што не напаѓаат страстите; и ние сме должни да ги напаѓаме и да се бориме со нив. Несреќата е во тоа што, ако попуштиме, пред непријателите – паѓаме. Противстави ѝ се на похотата што те гори, за да избегаш од пламенот што никогаш не изгаснува. Ако оваа страст само еднаш те победи, таа веќе нема да отстапи; постојано ќе те напаѓа. Биди внимателен спрема себеси, за да не се лишиш од славата Божја.


Блудникот не може да ги сака оние што се гнасат од неговата страст; расположен е само кон сличните на себеси.


Коренот на похотата нема срам. Ако го сечеш секој ден, тој секој час одново ќе расне. Искорни го сосема од твоето срце, та да не може одново да расте секој ден и секој час. Ако го пресечеш и илјадапати, тој двапати повеќе ќе се обновува и ќе се засилува сѐ додека не се решиш потполно да го ископаш и отстраниш од твоето срце.


Пази ја непорочноста на твоето тело. Ако ја запазиш од љубов спрема Христа, тогаш ќе можеш лесно да напредуваш во секоја добродетел. Тогаш и Светиот Дух ќе ти се радува што својот храм Божји го исполнуваш со благопријатна миризба на твојата телесна чистоа и правилните желби на твоето срце и ќе ти даде сила за извршување на твоите дела. А за преуспевање во божествената чистота ги имаш овие три средства: воздржувањето на стомакот, на јазикот и на очите. Ние треба нив да ги држиме врзани. Ако ги запазиш стомакот и јазикот, а очите не ги запазиш од талкање, нема да имаш вистинска чистота. Како што искршениот водовод не пренесува вода, така и расеаните очи не ја запазуваат расејаноста на умот.„Не загледувај се во туѓа убавина“ (Мудр. Сирах. 9,8), а умот да биде прикован кон стравот Божји.


Извор: ДОБРОТОЉУБИЕ – Том II

Подготви: Т.С.

22- ри јуни 2017 лето Господово